Вардар 1961 ја забележа и втората победа во СЕХА лигата

фото: РК Вардар / Denis Dukovski

Играчите на Вардар 1961 стигнаа вечерва и до втората победа на натпреварите од СЕХА Газпром лигата. Во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, „црвено-црните“ беа подобри од екипата на Нексе (Хрватска) со резултат 27:26 (15:12).

Македонскиот претставник одлично го стартуваше дуелот со 4:0, после двата гола на Талески и по еден на Дибиров и Јотиќ, додека седмерец одбрани Ристовски. Ривалот тешко доаѓаше до ситуација да реализира, едноставно нашата екипа играше одлично во одбраната, а дури во осмата минута противникот го постигна својот прв гол и тоа со удар од седум метри.

Вардар ја одржуваше позитивата од четири гола до 17 минута кога беше 11:7, потоа следуваше лош период на играчите на Стевче Алушовски од шест минути без погодок. Тоа беше казнето од противниците кои направија серија од 0:3 и намалија на само 11:10.

Не се дозволи израмнување, Дибиров и Георгиевски вратија на „плус три“, а минутажа доби и новото засилување Шеваљевиќ. Потсетување, на овој дуел играше Вардар играше без Дисингер кој се пожали на повреда од дуелот со Војводина, како и без голманот Кантегрел и Мишевски, додека шанса доби младиот Кизиќ.

фото: РК Вардар / Denis Dukovski

Во првите осум минути од вториот дел гледавме игра гол за гол, Вардар и понатаму одржуваше предност која се движеше од три-четири голови разлика. Македонскиот репрезентативец, Филип Талески, ја имаше досега една од најдобрите партии во „црвено-црниот“ дрес, со неговиот шести гол Вардар дојде до водство од 23:20, но со два брзи погодоци, Нексе намали на 23:22, што беше знак за Алушовски да побара тајмаут во 46 минута. Натпреварот влезе во резултатска неизвесност, откако Нексе во 50 минута го израмни резултатот на 24:24. Противникот имаше можност и за прва предност, но Дибиров погоди во контра напад за резултат 26:25 во 57 минута. До самиот крај Хрватите не се предаваа, како еден од клучните моменти се одвојува двојната интервенција на Борко кој го запре Кевиќ и придонесе во освојувањето на бодовите.

Најефикасни со по шест голови имаа Талески и Чупиќ, Ристовски собра седум одбрани, а на спротивната страна Кевиќ седумпати се запиша во листата на стрелците, голманот Радовановиќ забележа 10 одбрани.

На табелата во групата „Б“ со максимални шест бодови води Вардар 1961, пред Нексе (три), а без бодови се Војводина и Мотор Запорожје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот