Вакцините за возрасни против пертусис што дојдоа во петокот се препорачани само за бремени жени, а не и за вработените во градинките

Вакцинација /фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Вакцините против пертусис за возрасни кои во земјава пристигнаа во петокот, уште не се достапни да бидат примени, затоа што течат административните процедури во Агенцијата за лекови и медицински средства за нивна регистрација, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“. На нашето прашање од кој производител се овие вакцини наменети за возрасната популација во земјава и дали ќе бидат задолжителни за оние кои работат со деца во градинките и во болниците или пак станува збор за избор, од Министерството велат дека производителот е францускиот фармацевтски гигант „Санофи Пастер“.

-Препораката е да се вакцинираат само жените кои се во третиот триместар од бременоста, додека за оние кои работат со деца нема таква препорака, додаваат од Министерството.

Претседателот на Комисијата за заразни болести професор доктор Александар Петличковски пред неколку недели посочи дека возрасните луѓе во нормални околности не мора да примаат засилувачки дози (бустери) против пертусис, но оние кои живеат во заедница со мали деца под една година треба да бидат заштитени со дополнителна доза за да не ја пренесат  болеста врз бебињата. Доколку возрасни во вакви околности дојдат на вакциналните пунктови, нема да бидат одбиени да добијат засилувачка доза „ди те пер“ вакцина.

-Поентата на вакцинирањето е да се преброди критичниот период за оваа болест. Вакцините обезбедуваат имунитет кој трае меѓу 5 и 10 години и е многу солиден, истакна доктор Петличковски.

Комисијата за заразни болести предупреди дека се очекува големата кашлица се почесто да биде детектирана кај возрасните, но дека сепак најголема грижа е да се заштитат децата под 1 година кои се најзасегнати.

Контролите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат покажаа дека токму во главниот град се наоѓа јадрото на невакцинирани деца. Вкупно половината од оние што се запишани во приватните и во државните градинки не се вакцинирани целосно или воопшто не се вакцинирани. Од осми до четиринаесетти март во државата се пријавени 43 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од нив се во Скопје, вкупно 39 случаи. Во овој временски период пријавени се два случаи во Тетово и по еден во Гостивар и Битола. Возраста на заболените е од новороденче до 40 години со најголем број на случаи од децата меѓу 10 и 14 години. Од новите случаи пет се во болница.

Хоспитализирани се четири деца на возраст под една година и едно дете на возраст од 1 до 4 години, информираше Институтот за јавно здравје. Заклучно со 14 февруари во земјава регистрирани се вкупно 216 случаи на голема кашлица. Најголем дел од заболените, вкупно 190 се од Скопје.

Од вкупниот број на регистрирани случаи 122 случаи не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од вкупно 74 лица кои се комплетно вакцинирани а заболеле од пертусис, просечното поминато време од последната доза на вакцината до заболувањето изнесува 12, 7 години, што значи дека поминало доста време од последната вакцина.

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од јануари досега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од Центрите за јавно здравје, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Согласно податоците доставени од Здравствен дом  Скопје, од Службите за вакцинација во Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар беше утврдено дека се пронајдени 14.388 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 7.151. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина, вкупно 3.796.

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.084 деца на возраст до 7 години.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Мехмедовиќ: Магарешката кашлица трае сто дена, има два случаи во јануари – едниот импортиран од Данска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот