ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Мехмедовиќ: Магарешката кашлица трае сто дена, има два случаи во јануари – едниот импортиран од Данска

Др. Злате Мехмедовиќ / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Доктор Злате Мехмедовиќ портпарол на Комисијата за заразни болести во своето гостување во утринската програма на „Слободен печат“, апелира родителите да ги вакцинираат своите деца со ДиТеПер вакцина за да ги заштитат од магарешката кашлица од која веќе има два позитивни случаи во државата. Заболувањето пертусис или магарешка кашлица е предизвикано од бактерија и не е ново, но вакцината која е предвидена во редовниот календар за имунизација и е задолжителна, е превенцијата за да имаме помал број на случаи со пертусис. Најсериозен е проблемот во Хрватска, каде има над 4 илјади случаи на магарешка кашлица. Во земјава во јануари се пријавени два случаи на магарешка кашлица или пертусис, едниот импортиран од Данска, а другиот случај без точна епидемиолошка анализа.

-Обично оние антибиотици кои завршуваат на „мицин“ се оние кои што делуваат кон оваа бактерија, но мора да кажеме дека поради тоа што процесот на заздравување трае три месеци, се јавуваат повторни инфекции кои не мора да се предизвикани од истата бактерија, туку предизвикани се од други бактерии и затоа процесот на лекување е прилично долг и прилично сериозен. Треба да се користат различни видови на антибиотици, тоа е проблемот кај пертусисот. Но, бројот на заболени во Македонија за 2023 година од пертусис беше три случаи. Имавме еден случај во септември, еден во октомври еден во декември. Сега во јануари се пријавени 2 случаи на пертусис. Едниот е случај од Кичево кој што е резултат на импортиран пертусис од Данска и вториот случај е веќе хоспитализиран во Козле. За него точна епидемиолошка анализа нема, но би требало да се работи за импортиран случај, затоа што во Македонија немавме случаи на пертусис изминатата година освен во овие три месеци кои ги споменав, рече доктор Мехмедовиќ.

Според него, начинот на заразување со болест која што во моментот ја нема во државата, најчесто е од импортирани случаи.

-Или дете или возрасен ќе отиде некаде и од таму ќе го донесе заболувањето. Или некој од странците ќе го донесе тоа заболување кај нас и тогаш почнува тоа пренесување од човек на човек, од дете на дете и така се шири заразата. Во Хрватска беа регистрирани 4 илјади случаи со пертусис. Споредено со бројките во Македонија можеме да кажеме дека кај нас состојбата е далеку од епидемија. Но, за да не се случи епидемија најважно е родителите да бидат совесни и да ги вакцинираат своите деца со ДиТеПер вакцината и со сите вакцини. ДиТеПер е вакцината која е важна за контрола на три болести – дифтерија, тетанус и пертусис. Ако децата се вакцинираат во процент доволен за достигнување на колективен имунитет, над 95 проценти, тогаш дефинитивно ќе имаме заштита, посочи доктор Мехмедовиќ.

Тој ја истакна важноста од вакцините за заштита и искоренување на болестите.

-На ваков начин е ерадицирано полиото во 2002 година. Целата Европска Унија е зона во која нема полио. Но, ако отидете во Африка, ќе видите дека таму уште децата заболуваат и умираат од болести кои кај нас се искоренети. Во Австралија, со 95-процентна вакцинација успеаа да дојдат до прагот на искоренување на карциномот на грлото на матката со ХПВ вакцината. Идејата на вакцинацијата е да ги искорениме болестите кои им се закануваат на децата. До пред 50 години имаше милиони смртни случаи од морбили кај децата, како резултат на инфекција од морбили. Во 2019 беа вакцинирани деца до тој магичен процент од 95 проценти и ние до лани во август, немавме ниту еден случај на морбили. Низ пракса докажавме што значи кога 95 проценти од популацијата вакцинирана и заштитена со вакцини, додаде докторот.

Целото интервју на колешката Валентина Ангеловска погледнете го во продолжение: 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот