В сабота „огнените“ очекуваат поддршка за смена на Груби

Али Ахмети (Фото-партиска архива)
Али Ахмети (Фото-партиска архива)

„Огнените“ остануваат на барањето за смена на првиот вицепремиер Артан Груби и на други министри што треба да се одлучи на состанокот на Централното претседателство в сабота. Во спротивно, останува можноста за формирање фракција во ДУИ

Ревидираниот отчет на министрите од ДУИ веќе е на маса пред лидерот Али Ахмети и очекувањата на „огнените“ се дека претседателот на партијата ќе му предложи на премиерот Димитар Ковачевски реконструкција на Владата во делот на министри од ДУИ, брифираат за „Слободен печат“ од т.н. „огнената група“. „Огнените“ остануваат на барањето за смена на првиот вицепремиер Артан Груби и на други министри што треба да се одлучи на состанокот на Централното претседателство, закажан за в сабота напладне, во централата во Мала Речица. Во спротивно, останува можноста за формирање фракција во ДУИ.

Според наши извори, впечатливо е дека поправките на извештајот за сработеното на министрите од ДУИ во изминативе две години ја направил предводникот на „огнената група“ Изет Меџити, иако Ахмети, по состанокот на ЦП пред половина месец, изјави дека извештајот ќе го доуредат тројца високи функционери. Тогаш Ахмети информира дека корекција на отчетот ќе прават Меџити, Груби и генералниот секретар Фатон Ахмети. Нејасно е дали Груби работел и дали воопшто имал увид во поправениот извештај. Од „огнените“ велат дека е битно што отчетот е испратен до Ахмети.

– Централното претседателство ќе го разгледа прочистениот извештај за сработеното од министрите. Тој сега драстично е скратен, односно од него се отстранети сите проекти кои министрите ги ставиле на свое конто, а нивната реализација воопшто не е почната. Ги тргнавме и проектите што актуелната ги наследила од претходната влада, капитални проекти кои се ветувања од изборната програма на ДУИ, а не се почнати или не се реализираат во практиката како законот за употреба на јазиците. Констатацијата е дека се потфрлило во сите ресори со кои раководи ДУИ, освен во надворешната политика, но тоа е процес кој не е воден само од Бујар Османи – велат од „огнените“.

Доколку и по ревидираниот извештај остане одлуката на Ахмети и на Централното претседателство да нема смени на министри, „огнените“ велат дека останува во игра најавата за фракционерство, но и употреба на други демократски средства. Тие во меѓувреме разговарале со лидерот, но состанок со Ахмети очекуваат и деновиве.

Ахмети по средбата на 29 октомври изјави дека на дневен ред не било разрешувањето кој било министер.

– Сигурно дека министрите си ја завршиле работата, не значи дека нема простор за мислења и предлози, и нормално дека сите работи ќе продолжат во рамките на реалноста – изјави тогаш Ахмети.

Лидерот на ДУИ упорно негира дека постои „огнена група“. Претходно, поддржувачите на министрите брифираа дека ни на 19 ноември ќе нема промена на министри и дека мандатот на Груби ќе биде продолжен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот