Утрово камионски редици на Богородица: Една здравствена екипа зема брисеви од 6 наутро до 18 часот попладне

Нови  колони од камиони од утрово се направени за влез во Грција. Пред пунктот за земање брис на купче чекаат по неколку стотици возачи. Грчките власти од понеделникот поставија здравствена екипа која работи од 6 наутро до 18 часот попладне и возачите чекаат по 15 до 20 минути да ги добијат резултатите од брзиот ПЦР тест. Сето ова создава огромни нервози кај возачите, времето на чекање се оддолжува, а трошоците се зголемуваат.

– Дневно од Македонија кон солунското пристаниште се упатуваат по 300 кипери кои товарат руда или носат лим за ФЕНИ и „Макстил“, секој втор ден одат по 100 цистерни за да донесат нафта, а меѓу 400 и 500 камиони со најразлична стока минуваат низ овој премин кој е дел од Коридорот 10. За потсетување, граничниот премин Богородица-Евзони е единствен отворен за патници и стока, бидејќи нашиот јужен сосед поради пандемијата ги затвори премините Меџитлија и Дојран. За жал и покрај реакцијата која Транспортната заедница од Белград ја упати до Европската комисија, засега нема никаков одговор, иако постојано се заговара слободен проток на луѓе и стоки, вели за „Слободен печат“ Биљана Муратовска од Макам транс.

Редиците се трупаат уште од вечерните часови, бидејќи ако некој задоцни и на границата пристигне некоја минута по 18 часот, тоа значи дека треба да чека до сабајле, додава таа.

Дополнителен проблем за нашите транспортери е и фактот дека и Бугарија од понеделникот, воведе ПЦР тестови за превозниците по случаен избор, но таа граница е отворена 24 часа.

-Земањето брис се одвива многу бавно, а возачите мора да чекаат надвор од камионските кабини. Тоа енормно ја зголемува опасноста од зараза, бидејќи за резултатите се чека од 15 до 20 минути. Вакви тестови се прават и на границата меѓу Чешка и Баварија, ама има повеќе екипи и нема поголеми застои. Грците имаат само една екипа и според времетраењето на тестовите, пресметале дека дневно може да поминат по 60 камиони. Сите други чекаат. Дополнителен проблем е и фактот што електронската страница на која треба да се најави влез за камионите, постојано паѓа и првиот слободен термин, кој утрово го добив е 1 април- објаснува Муратовска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот