Уставните судии со Устав ја бранат Кацарска

Уставен суд, Кацарска Фото: Слободен печат

Само Уставниот суд е надлежен да одреди престанок на функцијата уставен судија, а сè друго е грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд, е ставот на уставните судии. Информацијата што Судскиот совет ја проследи до Парламентот за исполнетите услови за „пензионирање“ на уставната судијка Добрила Кацарска во јавноста се толкуваше како обид за нејзино разрешување од функцијата.

Грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд е ако врз основa на исполнет услов за старосна пензија кој било државен орган ја разреши Добрила Кацарска од функцијата уставна судијка, зашто единствено Уставниот суд е надлежен да одреди престанок на функцијата уставен судија.

Ова е поентата од заклучокот на состанокот на уставните судии кои расправаа за информацијата доставена до Собранието дека судијката Кацарска го исполнила условот за старосна пензија во 2022 година. Претходно, и претседателот на Собранието Африм Гаши за „Слободен печат“ потврди дека пензионирањето на Кацарска нема да го стави на дневен ред во Собранието.

За Гаши пензионирањето на Кацарска не е тема 

Дека само Уставниот суд е надлежен за тоа прашање се изјаснија и дел правни експерти откако Судскиот совет испрати до Собранието информација дека Кацарска во 2022 година го исполнила условот за пензија, а во јавноста тоа се толкуваше како обид за разрешување на Кацарска од функцијата уставна судијка.

– Во врска со информацијата доставена до пратениците во Собранието – дека судијата на Уставниот суд Добрила Кацарска исполнила услови за старосна пензија во 2022 година – Уставниот суд на работен состанок, одржан денеска, со единствена точка на дневниот ред едногласно го донесе следниот заклучок: Согласно членот 51 од Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите. Членот 109 ,изменет со амандманот 15, јасно и прецизно ја уредува постапката и надлежните органи за предлагање и избор на судиите на Уставниот суд. Согласно членот 111 од Уставот, јасно се одредени условите за престанок на функцијата на уставен судија. Оттука станува јасно дека единствен надлежен да одлучува за престанок на судија на Уставен суд е самиот Уставен суд. Секое преземање на какво било дејствие од кој било државен орган надвор од уставно утврдените основи во членот 111, претставува грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд. Судот потенцира дека во 60 годишното постоење не постои случај да престане функција на уставен судија врз основа на остварување на старосна пензија – вели Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд.

 

На новинарско прашање дали судиите се солидаризираат со судијката Добрила Кацарска, од Судот велат дека со денешниот заклучок Судот го штити Уставот, својата независност и самостојност. 

Откако во изминатата недела Судскиот совет испрати допис до Собранието дека Кацарска исполнува услов за пензија и по шпекулациите дека се готви нејзино разрешување, од Судскиот совет информираа дека не бараат разрешување на Кацарска, бидејќи тоа не е во нивна надлежност, туку дека до Собранието испратиле само официјално известување „за запознавање и евентуално натамошно постапување“ од страна на надлежниот орган.

Од кабинетот на Гаши подоцна и официјално потврдија дека Судскиот совет на 2 јули 2024 до претседателот на Собранието доставил известување дека ѝ престанува судската функција поради пензионирање на Добрила Кацарска, судија на Уставниот суд на предлог на Судскиот совет од редот на судиите.

– На 4 јули 2024 година, претседателот на Собранието, со допис број 08-2/551, заради запознавање на пратениците, заедно со прилогот доставен со него известувањето го достави до сите пратеници. Собранието, според Уставот, Деловникот и законите, работи и одлучува по конкретни предлози на акти, предлози за избор, именување или разрешување доставени од овластени предлагачи – информираа тогаш од Собранието.

Собранието потврди: Добивме известување за пензионирање на Кацарска

Ова се толкува дека Собранието нема да расправа за разрешување на Кацарска, бидејќи станува збор за известување, а не за предлог за разрешување.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи: ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен, потоа ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција.

Уставот наведува дека надлежен за утврдување на овие околности е самиот Уставен суд, а не Собранието, па останува дилемата зошто Судскиот совет воопшто испратил допис до Собранието.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца-Николовска за „Слободен печат“ претходно изјави дека треба да се прави разлика помеѓу судија на Уставен суд и член на Судски совет, бидејќи впечаток е дека се прави паралела помеѓу тие две функции. Според неа, многу е важно за независно и непристрасно судство во секој сегмент да се имаат овие елементи предвид и да не се прави таква грешка што може да се толкува како реваншизам или да се толкува како нешто што не е во согласност со Уставот.
Таа истакнува дека исклучиво треба да се следи тоа што вели Уставот, прво поради тоа што станува збор за уставен судија, и второ – поради тоа што самиот Устав одредува во кои ситуации може да се донесе одлука за разрешување заради одење во пензија.

Кацарска беше избрана за уставна судијка во 2020 година, а во 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. По завршувањето на тригодишниот мандат како претседател, на нејзино место беше избран Дарко Костадиновски.
Мандатот на уставен судија трае девет години, што значи Кацарска има уште 5,5 години мандат како уставна судијка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот