Успешно издание на фестивалот на европска литература „Букстар“ во Скопје

Со нов програмски и концепциски пристап кон тоа што значи организација на книжевен фестивал од европско и од светско рамниште од 3 до 5 октомври во Скопје се одржа осмото издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“.
Основниот квалитет на годинашното издание на фестивалот „Букстар“ (BookStar), во организација на издавачката куќа „Антолог“, беше присуството на голем број писатели од европските книжевни кругови, но и богатата програмска содржина што им беше понудена на посетителите.
Покрај поединечните претставувања, во одлична атмосфера и во преполна сала се одржа и книжевното читање „Храбри нови зборови“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, на кое настапија сите годинашни странски учесници: Ирса Сигурдардотир (Исланд), Петар Денчев (Бугарија), Богдан – Александар Станеску (Романија), Кристина Гавран (Хрватска), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка), како и исто толкав број домашни писатели: Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска, Жарко Кујунџиски и Ана Голејшка Џикова.

Добитничката на наградата „Букстар“ за 2022 година, Светлана Алексиевич (Белорусија), не можеше да присуствува на фестивалот, но со неа беше направен видеоразговор, што го водеа Андреј Јованчевски и Лидија Танушевска.
Нобеловката Светлана Алексиевич наградата ја доби за нејзиниот роман „Војната нема женско лице“. Алексиевич, која е родена во 1948 година во Ивано-Франкoвск (Украина) од татко Белорусин и мајка Украинка, а чии книги се преведени на повеќе од 30 јазици и биле основа на десетина драмски поставки и дваесетина филмски екранизации, зборуваше за своето пишување, за преводите, за наградите, за потресните приказни на обични луѓе со кои се сретнува и кои се инспирација за нејзините книги, но најмногу зборуваше за најболната точка од поновата историја, актуелната војна во Украина.
– Ви благодарам што толку многу ја цените мојата работа и извинете што не можев да дојдам – рече Алексиевич и меѓу другото изјави: „Знаете, дознав дека има многу жени во украинската армија, дури има и мал белоруски одред, составен од жени што поминуваат обука и што се подготвуваат за војната. Многу од нив ја имаат читано „Војната нема женско лице“ и се надевам дека книгата им дава сила. Не мислам дека ги исполнува со омраза, би сакала да ги исполнува само со сила. Оваа книга почна со мојата новинарска работа. Секаде каде што заминував по новинарски задачи – а во тоа време многу се пишуваше за војната – секаде ги слушав машките приказни. Жените како да ги немаше, мажите ги истиснуваа на втор план. Дури кога ќе влезеш во некој дом, каде што војувале и мажот и жената, мажот цело време ја истерува жената во кујна и не ѝ дава збор. Таков беше машкиот однос. Мажите, може да се каже, ја имаа украдено победата од жените по војната. И колку повеќе одев и се среќавав со тие жени, толку повеќе осознавав дека тие раскажуваат за една сосема друга војна, не за истата за која зборуваа мажите. И таа војна – се сеќавам како разбеснетиот цензор ми мавташе со ракописот пред лице и ме прашуваше: ’Кој ќе оди да војува ако ја прочита вашава книга?‘ Пацифизмот беше навредлив збор во тие времиња. А јас сакав да ја раскажам вистината – рече Алексиевич.

Еден од централните настани на „Букстар“ беше претставувањето на наградата за најдобар превод „Драги“, која годинава постхумно му беше доделена како почесно признание на Драги Михајловски, раскажувач, романсиер и препејувач во чија чест е и востановена.
Наградата е востановена за да не се заборави неговиот лик и дело, но и да се подигне нивото на важност на преведувањето како професија. Наградата му беше врачена на семејството на Михајловски, а од наредната година ќе се доделува за најдобар превод меѓу две фестивалски изданија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 149, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9 октомври 2022)