Прес-конференција на НУ „Охридско лето“

Успешната реализација на фестивалот „Охридско лето“ е резултат на синергија помеѓу корпоративната одговорност и културната традиција

Безвременско музичко патување под светлосната магија на свеќите ќе донесе НУ „Охридско лето“ на 29 ноември во Македонската филхармонија преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“ и солистот на виолончело Петар Пејчиќ, кои ќе настапат под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ.

Националната установа „Охридско лето“ успешно ќе ја заокружи годинава со уште еден пост-фестивалски концерт на 20 декември во Центарот за култура во Охрид со меѓународно етаблираните уметници, тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис и Барбаџелата Франческо на пијано.

Овие настани ги најави директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, на прес-конференција на 19 ноември, на која уште еднаш беше потврдена успешната соработка помеѓу оваа установа од областа на културата и А1 Македонија како нејзин генерален спонзор.

– Успешно реализираното јубилејно 65-то издание на фестивалот уште еднаш потврди дека „Охридско лето“ е културен бренд не само на Македонија, туку и на целиот регион. Оваа година Охрид беше центарот на врвната уметност со преку 36 концерти, претстави и настани на кои настапија уметници од целиот свет. Благодарение на поддршката од институциите, спонзорите, нашите партнери, но најмногу од публиката, ова издание беше едно од најпосетените и највисоко оценети во последните години. Шеесет и петтото издание на „Охридско лето“ покажа дека културата има моќ да обединува, да инспирира и да носи нови свежи идеи. Особено сме горди што оваа година го официјализиравме партнерството со А1 Македонија, преку потпишување на четиригодишен договор за стратешка соработка. Новото партнерство со А1 Македонија за нас значи нова визија на културниот развој, стабилност и отворени можности. Со ваквата поддршка фестивалот ќе добие можност да се развива и надвор од летните месеци – изјави директорот на „Охридско лето“, Цуцковски.

Партнерството, како што истакна главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, ја потврдува својата заложба за долгорочна поддршка на културата и заедницата и е пример за синергија помеѓу корпоративната одговорност и културната традиција.

– За „Охридско лето“ 2025 беше извонредна година, исполнета со врвни уметнички изведби, свежина во програмата и инспиративна енергија од публиката. За нас како A1 Македонија, ова партнерство е потврда за нашата корпоративна стратегија, да ја приближиме културата и уметноста до сите граѓани. Горди сме што сме дел од фестивал кој успешно ги комбинира наследството и традицијата со современите уметнички тенденции. Со оваа соработка, ја зацврстуваме нашата визија за долгорочна поддршка на културните иницијативи и со големо задоволство ја најавуваме продолжената улога на A1 Македонија како генерален спонзор и во наредните години – изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на A1 Македонија.

Ѓорѓи Цуцковски и Методија Мирчев

Фестивалот „Охридско лето“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, а се одржува под покровителство на Претседателот на државата. Генерален спонзор од годинава е А1 Македонија, а фестивалот ужива поддршка и од повеќе амбасади во државава, од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели.

– Заедно продолжуваме со уште посилна енергија, нови програми и амбиција да ја чуваме уметноста жива – не само во лето, туку преку целата година – додаде првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Во знак на успешната соработка, Цуцковски на прес-конференцијата на главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, му врачи благодарница за особен придонес и поддршка на македонската култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот