Уште беснеат пожарите кај грчката област Еврос, изгорени над 80.000 хектари

Пожар во Грција / Фото ЕПА

Пожарот во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, активен е веќе 11 дена, иако ситуацијата е значително подобрена, а заклучно со вчера, изгорената површина е над 80.000 хектари.

Во областите Еврос и Родопи борбата со огнените јазици е насочена кон три активни жаришта и интервенираат 475 пожарникари со 100 возила, 16 пешадиски тима, а од воздух, пожарите се гасат со шест авиони и четири хеликоптери.

Според новите сателитски податоци достапни од Службата за брзо мапирање Copernicus на Европската комисија, анализирани од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, вкупната изгорена површина од шумскиот пожар кај Еврос, односно во пожарите во Александруполи и националниот парк Дадиа, надминува 80.800 хектари заклучно со вчера напладне.

Ова е трет пат Националниот парк Дадиа да биде зафатен од пожар во изминатите 12 години.

Во пожарите во 2011 и 2022 година изгореа околу 8.000 хектари од заштитениот регион Натура 2000.

Претседателот на катедрата за шумарство и животна средина на солунскиот Универзитет „Аристотел“ Александрос Димитракопулос, за радиото на грчката новинска агенција АНА-МПА изрази стравувањата дека шумата во Дадиа „никогаш повеќе нема да ја видиме онаква каква што ја знаевме“ и нема да постои повеќе досегашниот екосистем.

Националниот парк Дадиа-Лефкими-Суфли со борови и дабови шуми е едно од најважните заштитени подрачја на национално, европско и меѓународно ниво и е една од првите области во Грција што е прогласена за заштитена бидејќи таму коегзистираат голем број видови флора и фауна. Дом е на три од вкупно четири европски видови мршојадци и е едно од ретките засолништа за 36 различни видови загрозени грабливци.

За обнова на шумите како во Еврос така и на планината Парнита во близина на Атина, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе одржи состанок со раководствата на Министерствата за животна средина и енергија и за климатска криза и цивилна заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот