Урбанизмот и останатиот криминал (7): Какво седиште – такво гледиште, а децентрализацијата „сираче“

Експо во Кина/ Фото: EPA-EFE/WU HAO

Законот за локална самоуправа (ЗЛС) ги дава надлежностите на општините по области, а тие постојано се усложнуваат и стануваат побројни низ многуте акти кои владата и министерствата мораат да ги усвојат „под знамето“ на нашата хармонизација со европското законодавство, а секој „европски“ закон, стратегија, план… дава обврски

Министерот за локална самоуправа „пее песна“ – коренито различна од онаа, кога беше градоначалник. Сегашните градоначалници и претседатели на совети ги бранат истите работи кои ги напаѓаа кога беа локална опозиција. Дали ова значи дека вистина не постои и дека важи старата комунистичка: „Какво седиште – такво гледиште“, односно „вистината зависи од партијата“?

А децентрализацијата? Нели „локалната самоуправа беше темелна вредност на демократскиот систем“? Не е повеќе темелна вредност? Одиме ли напред со процесот на децентрализација, затоа што надлежностите државата со голем мерак им ги даде на „локалните“, а за парите малку потешко им оди: Немале капацитет! А како тогаш имаат капацитет да ги добијат надлежностите, нели се тие побитни од парите?

Но, од парите ништо не било побитно!

Па сме биле во трета фаза на децентрализација, па сме биле на прагот на четврта фаза, па некои општини не влегле ниту во втора фаза … Фаза? Што е тоа? Нешто за семинарска работа на студент по право или политички науки?

Политичките партии, било на власт или во опозиција, веќе не се плашат од јавноста, ниту од експертите, ниту од невладините, а најмалку од медиумите, кои се, нели, „ваши“ или „наши“!

Ваква политичка елеганција немало – сите категории социјални актери наредени по полиците на малоумието, неинтересот, апатијата и разочараноста, по партиската книшка и „седиштето“.

Законот за локална самоуправа (ЗЛС) општо ги дава надлежностите на општините по области. Надлежностите постојано се усложнуваат и стануваат побројни, низ многуте акти (закони, стратегии, планови), кои владата и министерствата мораат да ги усвојат „под знамето“ на нашата хармонизација со европското законодавство, а секој „европски“ закон, стратегија, план… дава обврски и, ако не друго, барем како „хоризонтална мерка“. И сложеноста и испреплетеноста на законите претставуваат кошмар за слабиот општински капацитет.

Без обука за најпотребното

Децентрализацијата неминовно бара општините да создаваат капацитет и практики за да се справат со овие претешки работи, а тоа бара мошне стручни кадри, кои следат закони, постојано се доедуцираат, меѓусебно разменуваат податоци и актуелните проблеми заеднички ги решаваат. Значи, административните работи бараат систем на вработувања на стручни кадри, систем на напредување во кариерата – следен со систем на наградување (плати), ефективни систематизации на работни места, со детален опис на работни операции, ИТ опремување и развој на софтвер за следење на сето тоа. Порано, кога овие надлежности беа на државно ниво, услугите за граѓаните беа мошне спори и слаби, исполнети со корупција на секој чекор. Сега е исто, само што веќе нема „внатрешна едукација во институциите“, каде поискусните колеги ги обучуваа новите кадри.

Локалната администрација се жали дека од 2006 година немале обука за најпотребното: Законот за даночна постапка и прибирањето на локалните даноци, но затоа имале мноштво непотребни „дружења“, кои ги нарекуваат обуки.

Колку да разбереме – реформите многу често значат талкање низ законите и низ можните решенија. Така е и со носењето закони. Многу пати законодавецот не се снашол и не предвидел колку лоши последици може да даде некој закон. Или, пак, баш предвидел?

Втора работа е намерата. Порано многу внимаваа законите да не им го нарушат комодитетот на властодршците и тоа и сега не е многу сменето. Така, законите секогаш беа на страна на администрацијата и функционерите – никогаш на страна на граѓаните, но сепак, тогаш немаше никаква законска можност за учество на граѓаните во носењето одлуки. Немојте да мислите дека и општините „ќе тагуваат“ кога ќе им испратите свое мислење, но и тие се плашат дека заедно со предлогот до нив можете да направите и прес-конференција или соопштение за јавност, па не би ризикувале да ве игнорираат.

Без растот на капацитетот и свесноста, подобрувањата се невозможни, а партизацијата на администрацијата е „алфа и омега“ на тој процес. Администрацијата и функционерите стануваа продолжена рака на партиите, кои мораа да ги задоволуваат апетитите на партиското членство за вработување на „државни јасли“. Да, некои градоначалници и советници сакаат да ги подобрат (барем) услугите кон граѓаните. Сакаш нова систематизација, за да ги подобриш услугите? Веднаш ќе ти речат дека си луд што се зафаќаш со тоа и дека, ако отпуштиш тројца, кога ќе дојдат „другите“ ќе отпуштат 30 „наши“, а ако на неангажираните административци им дадеш некакви понапорни задолженија, тие ќе саботираат, оти „не е нивната партија на власт“ или „ќе кочат – колку можат“.

Парите се како ситна риба

Законот за работни односи е најврвниот закон во судовите и речиси секој отпуштен го вратиле на работа. Сега многу градоначалници „плачат“ затоа што немаат кадри, кои им требаат. И тие сакаат европски проекти, да градат, да организираат средби, едукации, патувања за администрацијата во странски земји, каде има добра едукација и добри примери, кои можеме да ги пренесеме кај нас. Парите се како ситна риба: Ја има, ама тешко се фаќа! Рибите ситни, мрежата искината и наменета за фаќање китови. Затоа е позитивно што и општините разбираат дека ќе бидат сиромашни како црковни глувци, ако не создадат кадар. Свеста за тоа веќе ја има, но и градоначалникот доаѓа од партија – да не заборавиме!

Ете, тоа е приказната за новите надлежности, за кои треба капацитет. Кога нема политичка волја, нема ништо и децентрализацијата може да се нарече како сакаме, но таа ќе започне да зема замав кога општините повеќе нема да имаат избор (кога општините нема да можат да ги задоволат ниту најелементарните граѓански потреби), освен да го започнат тој „мерит систем“ (напредување по заслуга или „систем на кариера“) на кадри, затоа што ќе почне да им се одразува на партискиот рејтинг. Рејтингот на партиите многу работи може да реши, ако го нападнеме поорганизирано и без многу паметување. Купишта ѓубре по улиците тоа можат да го „поттурнат“ повеќе отколку недостатокот на улично осветлување, кое (сепак) го плаќаме, но засега, тоа што граѓанинот не е прашан нема многу влијание и не е „лост за поттурнување“.

Задачите, посебно на ниво на закони се тешки. Правото е такво, но тоа не е проблемот. Проблем е ако „правниот лавиринт“, кој не е несовладлив за еден административец, ти дава алиби за неработење, шмеќарлаци и корупција.

Никој не може да ги доброи актите кои ги продуцира владата и ги задолжува и општините и формирани тела и комисии на национално ниво и комисиите на локално ниво, кои мораат да ги формираат во општините, за да одговорат на тие стратегии, акциски планови, планови за управување, агенди „за ова и за она“, препораки, подзаконски регулативи. Тоа им дава огромна работа на општините, која не можат да ја стават настрана и да речат: „Нам тоа не нѝ треба, имаме поважни задачи“. Всушност, тоа се номинални акти од кои повеќето ќе стапат на сила „по влегувањето на Македонија во ЕУ“ и нема ниту теориска шанса тие да сè имплементираат на терен. Сепак, градоначалникот треба да „ги предложи“ пред Советот, тој да ги усвои, да се формира некакво „тело“ за тоа, да се предвидат правилници за тоа тело, да им се изгласа начини на известување и информирање на ресорното министерство. Сето тоа го троши и времето и ресурсите, па многу често, нема време за подобро да се размисли за битните работи.

За волја на вистината, „поважните работи“, а тоа е „патот на парите“, надлежните сакаат да го тргнат од очите на јавноста, за да се занимаваат со влегувањето во Европа, преку „планови“ и „стратегии“. Тоа е вистината: „Барај што подалеку од мојата куќа, за да не прашаш што бара твојата косилка во мојот двор“! Ете, и тоа ги троши слабите ресурси на најпосветениот кадар во општината.

Сложено, а просто

Фараонот ќе речел: „Да биде направена пирамида“. Нему не му било грижа ни како, ни со што, ниту кој, ниту каде ќе најдат пари за тоа. Неговата волја била закон. Дали ќе наметнувале нови давачки за сиромасите, дали ќе започнеле војна за да имаат нови робови, дали ќе оделе со продажба на државно богатство… одлучувале функционерите, затоа што побргу се губи главата ако нема пирамида, отколку ако го продадете житото и настане глад и помор.

Денес не е ништо изменето, иако нема фараони. Сепак, има разлики. Денес тој процес се нарекува „институционализација на политичка волја“. Изгледа многу сложено, но просто е: Кога партиите имаат одредена волја за нешто, тие тоа го кажуваат во Парламентот и потоа треба да се подготви закон, за волјата да стане вистина (да се „опредмети“). Така, во законот предвидуваат правила и кое тело, какво тело, агенција, комисија… ќе го спроведе тоа во дело. Тука е и разликата: ние гледаме колку чини, колку време треба, дали имаме капацитет за такви подвизи… Така е (барем) во теорија. Во практика, се гледа дека нѝ недостасува фараон: многу наши „пирамиди“ не се изградени, иако се финансирани. Редовно се случува политичарите да гласаат за нешто, за што знаат дека нема да се оствари, колку „да врти парата“… низ нивните раце.

Значи, како и во цел свет и ние сме решиле дека треба да има и локална власт. Тоа што ќе работат општините се нарекува „надлежност“. Од причина што нашите општини се помали и понемоќни, а потребни се поголеми работи, како што се заедничкото депонирање на сметот, или регионални патишта, или заеднички институции за многу нешта, создадени се и регионите, со по десетина општини (ги нарекуваат „плански региони“). Над сите општини и региони им е ставено министерство за локална самоуправа и приказната може да почне. Како се поставени сите институции, за да се оствари политичката волја, се нарекува: Институционална поставеност на децентрализацијата и регионализацијата.

Плачење, фолирање, фингирање

Југославија имаше мошне силни општини, но немаше такви „региони“, како организирани институции. Тогаш општините трошеа огромен дел од буџетските пари и имаа огромен број надлежности. Македонија експресно ја централизиравме, но дојде време повторно да се децентрализираме, не што сакавме, туку што „од страна“ нѝ рекоа дека мораме.
Едноставно, ние чекавме Европејците да нè учат дека мора да имаме и локална власт. Ние, да сакавме, „басма“ можевме да ѝ продаваме на Европа за општини и децентрализација, затоа што имавме еден од најфункционалните локални системи во светот, но, како сите послушни дечиња, си одмолчивме и божем се чудевме на прекрасниот изум: Општини? Леле, како ви текна?
Додуша, после и тие се чудеа колку сме вешти, ем да прогласиме општини, ем да донесеме закони, ем сета власт и пари да останат на централно ниво, а и она малку што е дадено на општините, го управуваше партијата на централно ниво: прав перпетуум мобиле.

Кутри Европејци, мислеа дека ништо не разбираме, а партиите и врвните административци им „провнаа возови низ нозе“, но на чија штета засега не се знае. Резултат? Децентрализацијата стана сираче, со многу паразити во себе. Народниот доктор оцени: „Ќе умре“!

Сега истото им го прават со регионите, затоа што странците кажаа дека се потребни големи напори за формирање регионална свест, ако сакаме да развиеме подобри услуги, чиста средина и брендови, кои ќе ги „продаваат“ нашите производи, ќе произведуваат нови производи и ќе станат „гравитација“ за младите генерации.

Нашите уште се прават дека ништо не разбираат, на наша штета, затоа што не развиваме капацитет за децентрализација и регионализација, добро раководење на општините и стопирање на нашата дамла – иселувањето. Ние развиваме само капацитет за крадење и на нашето и на странските проекти, кој многу бргу ќе се претвори во капацитет за плачење.

Плачење, фолирање, фингирање и крадење, тоа се најефикасните македонски производи за по дома и за ЕУ.

(Крај)

Текстовите се произведени во рамки на проектот на АГТИС, со наслов „Отворени општини, со отворени податоци“, финансиран од НЕД.

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Прочитај повеќе:

Урбанизмот и останатиот криминал (1): Црни пари колку сакаш
Урбанизмот и останатиот криминал (2): Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)
Урбанизмот и останатиот криминал (3): За просторен план 2021-2042 подготовките во 2022 година!
Урбанизмот и останатиот криминал (4): Просторен план и други шеги
Урбанизмот и останатиот криминал (5): „Тепачките“ за инспекторско место се минато
Урбанизмот и останатиот криминал (6): Нејаснотии околу инспекторите во правните лавиринти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот