Урбанизмот и останатиот криминал (3): За просторен план 2021-2042 подготовките во 2022 година!

Урбан Форум во Москва/ Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Времето не му е сојузник на планирањето, посебно не на стратешкото. Постратешко од просторното планирање – здравје! Пристапот е претежок, ако нема кој да води.

Просторните планови се највисоки документи за целиот простор на државата (секој сантиметар територија, било градови, било села, ниви, шуми, води, руди, локалитети…) и од нив (треба да) зависат и ГУП – овите и сите други урбанистички, но и другите проекти и планови – краткорочни, среднорочни, долгорочни. Дека никому не му е грижа за нив, тоа не е важно.

Законот за урбанистичко планирање од 2020 година не го опфати просторното планирање, иако не пропушти да ги укине старите закони за просторно планирање, па велиме дека има „правен вакуум“ за просторното планирање, како досега „да се раскинавме“ од носење такви планови (главно се препишувани од поранешните, пред 1990 година).

Тие планови „се разработувале“ по пат на донесување Просторни планови на региони, на општини и на подрачја од јавен интерес за државата, а самата постапка, посебно во Парламентот е гломазна до крајни граници, но нема страв од тоа, затоа што владата воопшто не ги мачи комисиите и не им дава работа околу просторното планирање, од причина што никој и не работи на тоа, односно многу работат, ама „божемски“. Веќе видено, зарем не?

Овој вид најсложено планирање пред кое „секој се тресе“ во европските земји, кое и Уставот го регулира како план од највисока важност, се базира на методологија, којашто е различна во секое министерство, па кога сѐ ќе се спореди и собере на едно место, дури и времето да застане и податоците да не се менуваат со поминатите години во „планирање“.
Времето не му е сојузник на планирањето, посебно не на стратешкото. Постратешко од просторното планирање – здравје! Пристапот е претежок, ако нема кој да води. Така, надлежностите на институциите се преклопуваат и не се знае кој што работи, општините територијално се менуваат, индикаторите за планирање се како од ракав истресени.

Празни писанија и препишувања

Главно, професорите имаат работа да пишуваат празни писанија за просторните планови како „највисок плански акт на државата“, а студентите да препишуваат и прават семинарски, не разбирајќи ниту за што овие првиве говорат. Не се децата виновни. Навистина нема што да се разбере, затоа што се работи за приказни за мали деца.
Празни писанија пишуваат и многубројните вработени на државни јасли, на кои просторното планирање им послужило да најдат работно место, кое административците го смислиле за да има работа – каде што нема работа.

Како и на другите места, при планирањето и овде е вклучен „процес на консултации со релевантните чинители“ (се мисли и на граѓаните), што е исто како на бебе да му дадеш машина за перење.

И така, во недостиг на просторен план, кој траеше до 2021 година, иако никој ниту го погледна, прогласена е изработка на план за периодот 2022 – 2042, а подготовките за план од 2021 година, започнуваат во 2022, со првична средба. Министерката за животна средина ги собра „дечињата“ од Центрите за развој на планските региони, кои не можат да стигнат да ја изработат ниту својата редовна работа од многу надлежности – дадени со закон, па сите заедно глумеа дека нешто разбираат. Главно, кетерингот го изедоа.

И тоа не е сè! За исти пари имаме и Националната развојна стратегија, во која преку просторното планирање можело да се изнајдат многу соодветни решенија и „предлог визија“ за стратегија до 2042 година. Погодувате, стратегијата е на ниво на бајки за големи деца: „Одржлив, балансиран просторен развој, како основа за економски просперитет, подигнување на квалитетот на живеење за сите граѓани, висок степен на заштита на животната средина, природата и културните вредности и интеграција во европскиот просторен систем“. Вакви празни зборови знае секој провинциски политикант, па не мораше толку многу „да планираме“, да јадеме кетеринзи и да даваме дневници и гориво за „планерите“.

Планови на општини и на „подрачја од јавен интерес“

Просторното планирање, кога имаше поискрена држава, таму негде во 1970-те години, беше вистински и важен фактор за општественото планирање. Тогаш беше формирана Дирекцијата за просторно планирање во Охрид, трансформирана во Институт за просторно планирање, кој во 1991 година итно го укинавме и дури во 1995 повторно нѝ текна дека „нешто“ и „некој“ треба да „ги стегне во едно“ сите тие хохштаплерски ГУП – ови и ДУП – ови, планови и што ли не.
Речено – сторено!

Владата изготви Програма за изготвување и донесување на Просторниот план на Република Македонија и (нормално) формираа ЈП за таа намена. Дури во 2006 година формирана е Агенција за планирање на просторот и нејзина (наследена) надлежност е изработката на државни и регионални просторни планови, како и просторни планови на општини и на „подрачја од јавен интерес“. Залудноста на овие напори се гледа и во фактот дека Агенцијата го следи спроведувањето на просторните планови преку тригодишна и годишна програма, а истовремено изработува и урбанистички планови и планска документација предвидена со Годишните програми на Владата, одржува и ажурира единствен просторно-информативен систем и што уште не. Оваа Агенција е напикана и во сите други планирања на Министерството за ЖСПП, проценки, оценка на имплементација и што уште не. Дека е тоа надлежност и на серија други институции – никому ништо. Главно, такви експерти нема да дозволат да останат без дневници и хонорари, па се напикале насекаде, затоа што и учествувале во креирањето на законите од областа на просторното и урбанистичко планирање. Тука се и странските стручни проекти, со кои соработката може да биде многу профитабилна (така барем мислат многумина). Мошне македонски, нели?

Оттогаш – наваму, МЖСПП изготвува, а Владата донесува Горишна програма за изработка на просторни, урбанистички планови и проекти на државата, општините или на други подрачја од јавен интерес… За донесување на истите, преку јавен повик, надлежни се општините, доколку се работи за локално значење или МТВ доколку се работи за државно значење. Овие планови на министерствата, усвоени од Владата, се предлагаат во нацрт верзија, пред собраниски комисии, за потоа да следи јавна дебата и пленарна седница на Собранието, кое усвојува предлог на планот.

Кој сака да финансира изработка на план, кога нема пари за тоа

Врската на Националната развојна стратегија 2022-2041 е воспоставена токму преку урбанизмот, затоа што пред да се донесе оваа Стратегија, општините барале да достават свои предлози кои се однесуваат на урбанистички планови и планска документација „за развој“, што може да значи што било, во отсуство на критериуми и стари просторни планови. Се разбира, пари за тоа ниту има, ниту ќе ги има, а критериумите – по кои се избрани општините, им се целосно надвор од јавниот интерес.

Понекогаш е нејасно поради што воопшто, Агенцијата, многубројните „тела“ во МТВ и владата пробуваат да ги вклучат општините и тоа „Центрите за развој“, кога ништо не прифаќаат што не е „измалтретирано“ од нив.

Дополнитело, овие ја координираат постапката на изработка на урбанистичките планови и планска и проектна документација и (самите) сѝ даваат конечна согласност. Следењето на надлежностите и кој што може е вистински лавиринт и смејурија. Имено, Центрите за развој на планските региони имале „можност“ за поведување иницијатива за изработка на просторен план, финансирање на неговата изработка (опааа, требало сами да си го финансираат „државниот“ план) и учество во постапката на изработка…, по пат на давање мислење, забелешки и сугестии, а откако Собранието ќе ги усвои, општините треба да ги изработат и донесат. Кој сака да финансира изработка на план, кога нема пари за тоа, кога државата треба тоа да го плати, затоа што се тоа државни, а не локални акти? Значи, ако општината најде „лут инвеститор“, кој сака да гради фабрика во општината, тој треба да поднесе иницијатива до ЦРПР за некаква потребна промена, за да се изгради фабриката, а овие од ЦРПР треба да ги достават изработените „предлози“ за промена на ДУП – от до централните власти, за да добијат решение за услови за планирање на просторот, од страна на МЖСПП и МТВ. А кој ќе ги подготви тие документи, кога нема „дозвола“ за тоа? Значи, општината, кога започнува таква иницијатива крши закон.

Сепак, поентата е дека ова е централизирана држава, каде централните власти не даваат никакви надлежности на општините, односно, „ги даваат, но не ги даваат“, па ако е инвеститорот „добар за перцање“, паричките ќе ги земат од централната власт, за дозвола да гради. Идила!

Урбанизмот и останатиот криминал (1): Црни пари колку сакаш

„Добри“ работни места

Инаку, за да има вработување на „добри работни места“, а тоа се места, каде нема работа, создадени се многу тела. Има Координативно тело за изработка на Просторен план на државата и Општински комисии за урбанизам (се формираат согласно Законот за урбанистичко планирање, и активно учествувале во процедурите на донесување на урбанистичките планови), но требало да има и „партиципативни тела“ за обезбедување инклузивност и јавност во процесот на урбанистичко планирање.

Општините имаат обврска овие тела да ги формираат со цел да ги претставува интересите и интересните групи во локалната заедница и да ги пренесуваат ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, да ги следат состојбите во планирањето по пат на давање иницијативи, насоки и сугестии за планските решенија, да ги разгледуваат планските програми и планските решенија во работна верзија, и на истите да даваат свои забелешки и сугестии кои може да се вградат во конечната верзија на плановите.

Партиципативното тело се формира на доброволна основа, со неограничен број членови, а го сочинуваат претставници на Комисијата за урбанизам, општинската администрација, претставници на изработувачите на планот, претставници на урбаните и месните заедници, здруженија на граѓани и граѓански активисти, како и граѓани – стручни од областа на планирањето, односно други области суштествени за планирањето и одржливиот развој. Партиципативното тело има право да расправа за сите работи од надлежност на Единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и може да влијае на политиките на просторен развој. Ова не се случило досега, но ако е убаво напишано претставува вистинска гимнастика за умот.

Законот „не работи“ и е „надвор“ од закон

Основната правна рамка е Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за спроведување на Просторниот план на Република Македонија, но овој закон „не работи“ и е надвор од закон, затоа што се однесуваше на Просторниот план до 2021 година, што значи дека сега немаме ниту законска рамка за ова што сме го донеле како Просторен план.

Ова не е наивно, затоа што со овој план се уредуваат долгорочните основи за организација, уредување и користење на просторот на државата, насоките на урбанизација и основни критериуми за уредување на населбите, планските мерки за користење на природните ресурси и заштита на животната средина, условите за заштита и користење на подрачја од посебно значење, па дури и коридорите на основни (магистрални) инфраструктурни системи.
Регионалните просторни планови, може, но не мора да се изработуваат, но тие претставуваат услов за пристап кон структурните фондови на ЕУ, ама пак, ниту една општина и регион не донесе просторен план.

Досега имаме донесено премалку такви планови, кои се парцијални, дефектни, застарени, а се во процес на изработка (запрени се од подготовка). Иако ги има малку, дел од плановите се во процес на мирување поради недостаток на финансии за нивно завршување, а и самата постапка на усвојување во Собранието трае неколку години, па промените во просторот ја уништуваат нивната релевантност.

Сепак, нема страв за бизнисмените. Ако е планот донесен, а и да не е донесен – исто е. Ако е донесен никој нема да го прочита и ќе го „толкуваат“ ако треба. Ако не е донесен, важи стариот план, кој (пак) никој нема да го ферма.

(Продолжува)

Утре: Урбанизмот и останатиот криминал (4): Просторен план и други шеги

Текстовите се произведени во рамки на проектот на АГТИС, со наслов „Отворени општини, со отворени податоци“, финансиран од НЕД.

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Урбанизмот и останатиот криминал (2): Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот