Саботажи

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Посетата на Кина на Европа е главна тема викендот кој помина, а богами и за оној што следи. Она што е интересно за нас од оваа посета е што една од државите која ќе ја посети кинескиот лидер е и Србија. Посетата наводно е за економска соработка и продлабочување, а во меѓувреме излегоа и бројки со кои Кина далеку ја надмина Европа во извозниот суфицит во своја корист.

Војната во Украина не прекинува да изненадува. Обемот со кој таа ги обзема светските новости е повеќестран. Се прелева преку надмудрувања во дипломатијата, економијата, информациите (посебно пропагандата) и секако воената индустрија и употребата на сила. Неделата што помина изобилуваше со еден куп работи кои се поврзани со престижот во таа смисла. Кина и понатаму е рак-рана за западот. Борел во свое интервју како да нè читал нас посочи дека ако прекине поддршката на Украина, таа ја губи војната. САД со ново обвинување за Русија. Низ Европа во Данска на пример, чудни протести против војната која Израел ја води против Газа. Во САД, пак, протестите против Израел заземаат сè поголем размер, но како резултат на тоа и одредена пропаганда која треба да го оформи светското мислење. Чеченија (читај Русија) наводно се соочува со сериозен проблем околу замената на лидерот, па се слушаат нови опции во кулоарите на тинк-тенк организациите за ерозија на моќта на Путин.
Војната во Украина продолжува да дивее. Додека се засилува реториката за присуство на западни сили во Украина, се засилуваат и предвидувањата кои ги направивме пред некоја седмица за тоа дека е можно или многу извесно војната да заврши со замрзнување на конфликтот откако западните сили би ги окупирале поголемите украински градови како превенција. Таа логика почива врз идејата која е втемелена во теоријата на одвраќање, нешто што функционираше за време на Студената војна. Но, дали условите за тоа се дојдени или не и дали околностите се како што беа за време на Студената Војна треба да видиме. Едно е јасно, дека таквиот потег трага по бесрамен мир, во кој ќе се има голема морална победа дека Русија е спречена да се проширува кон Европа што може да биде скапа работа. Скапа работа е и ако не биде тоа, бидејќи срамот по Западот во тоа сценарио би бил многу голем, а според воените процени од Запад, тоа за Европа е и егзистенцијален проблем. Победата над Русија од оваа перспектива, пак, изгледа сѐ подалечна и тоа почнува да биде јасно кај сè поголем број политичари.
Последното интервју на Џозеф Борел е најсветол пример за таквиот став. Според него, Украина ќе подлегне на наездата на руските сили „за неколку дена“ без воена поддршка од западните земји. Шефот за надворешна политика на Европската Унија, инсистираше и дека сегашната ситуација во земјата разорена од војна не е погодна за започнување формални мировни преговори. На прва рака, за шеф на институција или ентитет кој е добитник на Нобелова награда за мир е малку чудно да не сакате мир или да го одложувате носењето или постигањето на мир. Според него, „за жал, ова не е моментот за дипломатски разговори за мирот. Тоа е моментот на воена поддршка на војната“, во слободен превод, подвлече Борел во интервју за Еуроњуз на настанот „Состојбата на Унијата“ организиран од Европскиот универзитетски институт (ЕУИ) во Фиренца. Барем засега мирот, според Борел, а и целиот колективен Запад е можен само под еден услов – ако Русија се повлече од Украина.
„Ако сакате мир, турнете ја Русија да се повлече. Притиснете ја Русија да ја прекине војната. Не ми кажувајте да престанам да ја поддржувам Украина, бидејќи ако престанам да ја поддржувам Украина, војната сигурно ќе заврши наскоро“, се зборовите на Борел. Според него, „не можеме само да заврши војната, затоа што (ако го направиме тоа) Украина не може да се одбрани и мора да се предаде. А руските трупи ќе бидат на полската граница и Украина ќе стане втора Белорусија“. Тоа за Борел е неприфатливо. Планот од 10 точки кој украинскиот претседател Володимир Зеленски го даде како предлог, според шефот за надворешна политика на ЕУ, е „единствено нешто што може да се нарече мировен план“. Тој јавно го отфрли кинескиот документ од 12 точки, нарекувајќи го „желби“. Борел повика на трезвеност и побара од Европа и Западот „да се соочат со реалноста“. Според него, сакале или не, реалноста е дека Путин продолжува да вели: „Имам воени цели и сѐ додека не ги добијам овие воени цели, ќе продолжам да се борам“. Префрлајќи ја топката на руска страна тој дообјасни дека „мировните планови се добри, но ви треба некој што сака да зборува за мир“. За време на разговорот, Борел размислуваше за трансформациските промени што ја зафатија Европската У/нија откако Кремљ одлучи да започне целосна инвазија на Украина, со што го помести меѓународното право, синџирите за снабдување со храна и цените на енергијата.
Истовремено, НАТО ја предупреди Германија за можни саботажи кои треба да започнат на нејзина територија. Интересно е што разузнавачкиот дел на НАТО кој за добро ги предупредува нациите, има подобри информации од самите Германци. Или пак овие ги имаат ама не ги објавиле. Сеедно, она што е битно е дека Германија е на можен удар на активни и пасивни мерки од страна на руските тајни агенти кои се спијачи и кои имаат сериозен капацитет да ја поткопаат политиката на Берлин.

Знаејќи го колоритот во Бундестагот, како и тоа дека десничарите се во замав во делови од земјата тоа може да е сериозен проблем за Шолц, кој за разлика од Меркел сè почесто се оценува како дезориентиран и без стратешки компас.
САД, паралелно на овие операции кои Русија планира да ги испорача како одговор или предупредување против западното мешање во Украина и поддршка на украинските сили на отпорот, предупредија за дру/ги активности кои Русија ги прави спротивно на меѓународното право. Според САД, Русија сериозно ги прекршува санкциите на Советот за безбедност со испораката на петролеум за Северна Кореја. Тоа од перспектива на кислородот кој Северна Кореја ѝ го даде на Русија за да може да војува за Москва е разбирливо.

Зголемената трговска размена со оваа земја е нешто што секако нема да ги спречи економските зделки кои руските параформални структури оформени за да го надмудрат системот со кој доминира Западот нема да дејствуваат и во тој дел од светот кога е во интерес на земјата. Она што е интересно е дека после предупредувањето за Германија од страна на НАТО и Германија предупреди или се пожали за интензивно влијание на Русија преку сајбер операции со кои се загрозени голем дел од институциите, а се усложнува и се влијае на услугите кои граѓаните ги добиваат. Други западноевропски држави, исто така се пожалија на зголемено влијание на руските хакери и интензивирање на бројот на напади врз институциите.
Каде сме ние во целата приказна којзнае. Може и ќе се оправиме, некогаш. Но, покрај Русија сериозна главоболка, иако за тоа веќе одамна посочуваме на овој форум, е и Кина. Дури и Борел кој зборуваше за Украина и Русија, укажа за значењето кое Кина го има во овој конфликт, но и во поглед на целата игранка на геостратешки план. Според Борел на пример, дури и да не се на страната на Русија, Кина има значајна улога. Кина е постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Кина е таа што има најголемо влијание во Русија. Стравот од Кина, како и од Русија сепак е голем. Тој страв е или од протекувањето односно компетицијата, како што тоа Мершимер сака да го каже, или пак од страв кој е реална закана и како што Западот сака да го види. И во двата случаи, според некои анализи, ако работите останат да се одвиваат со ова темпо Западот е на губитничката страна.
Најголем страв во сето тоа најверојатно е стравот од губењето на светската хегемонија. Доминацијата ќе значи дека многу работи кои сега проаѓаат на тоа „ние велиме така“ нема да проаѓаат или веќе тешко проаѓаат барем во некои делови од светот. Тоа за корпорациите кои ги хранат елитите во западната цивилизација е сериозен тест.
Посетата на Кина на Европа е главна тема викендот кој помина, а богами и за оној што следи. Макрон е во наводна офанзива да го убеди Шолц за да бидат остри кон Кина при посетата, ама исто така наводно, тоа некако слабо поминало кај Шолц. Она што е интересно за нас од оваа посета е што една од државите која ќе ја посети кинескиот лидер е и Србија. Посетата наводно е за економска соработка и продлабочување. Во ек на оваа посета излегоа и бројки со кои Кина далеку ја надмина Европа во извозниот суфицит во своја корист. За ова и околу ова секако повеќе идниот број.
Антиизраелските протести добиваат на сила, а со тоа и продлабочувањето на јазот помеѓу левите и десните во САД. Во тој контекст, одеднаш во пропагандата која се споделува со цел да се дискредитираат протестите стана јасно дека на пример, христијаните во Нигерија се масакрираат од муслиманите. Пази богати како до сега тоа да не се случуваше. Сепак покрај овие податоци она што излезе како потврда во неделата беше споделено како шок. Антиизраелските демонстранти во кампусите на одделни колеџи (нешто за што посочивме пред две недели), наводно, добиваат средства од неколку познати демократски донатори кои ги поддржаа напорите за реизбор на претседателот Бајден. Според Политико, демократските донатори како Џорџ Сорос, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Дејвид Рокфелер Јуниор, кој е во одборот на Фондот на браќата Рокфелер и Сузан и Ник Прицкер, кои се сопственици на корпорацијата Хајат Хотел, ги финансирале протестантите против војната Израел против Хамас. Ако овие податоци се точни тогаш теоретичарите на заговор ќе имаат полна торба за работа, а ние, ние ќе останеме будно да ги следиме овие текови и да даваме наш коментар и предвидувања како и досега.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот