Заслужен пораз и незаслужена победа

Марин Гавриловски

Граѓаните повеќе милуваат да ја казнат политиката на власта отколку да ја наградат добрата понуда на оние што претендираат да ја преземат таа власт

Ништо ново на македонската изборна сцена, избирачите казнуваат, гласаат против, а не за. Тоа е константа на сите досегашни избори; граѓаните повеќе милуваат да ја казнат политиката на власта отколку да ја наградат добрата понуда на оние што претендираат да ја преземат таа власт. Резултатот на овогодишните претседателски и парламентарни избори само ја потврди оваа практика и правило.
Во случајот на претседателските избори, доскорешниот претседател Стево Пендаровски не успеа да ги убеди граѓаните дека неговата политика треба да се продолжи и во следниот петгодишен мандат. Иако тој е можеби најдобриот претседател досега, ако се имаат како критериум уставните ингеренции на шефот на државата, на овие избори ја следеше судбината на партијата што го предложи и го повлече во амбисот на тотален пораз. Тој за целото времетраење на својот мандат, ја претставуваше државава дома и надвор онака како што тоа го предвидуваат уставните овластувања. Објективно гледано, малку може да му се замери за нешто, освен, можеби, за потпишувањето неколку проблематични законски решенија што ги донесе парламентарното мнозинство. Како најеклатантен пример секако е потпишувањето на указот со кој се прогласија измените на Кривичниот законик, со кој се намалија казните за кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба.
На меѓународен план, за разлика од некои од неговите претходници што се фалеа дека овој или оној претседател на некоја велесила им намигнал, Пендаровски максимално ги искористи мултилатералните средби за контакт со своите колеги, особено ако се има предвид фактот дека ние како мала земја мораме самите да се промовираме, а не да чекаме некој да ни намигне. Личните пријателства на претседателско ниво како оние на Киро Глигоров и Жак Ширак или, пак, Борис Трајковски и Џорџ Буш Помладиот, беа битни во одредени турбулентни моменти од развојот на нашата држава и нејзината положба во светот. Но, за активностите на Пендаровски отсега ќе зборуваме во минато свршено време, а неговата наследничка, Гордана Сиљановска-Давкова, ќе има „големи чевли да обуе“ (што би рекле Британците) за да може да го достигне нивото на меѓународните контакти и позитивните нешта од нив што Пендаровски ги оствари за време на својот мандат.
Големата поддршка на гласачите на Сиљановска-Давкова треба да ѝ бидат ветер во грб и поттик својата функција да ја врши онака како што доликува и со полн капацитет. Но, за тоа мислам дека ќе ѝ треба помошта од партијата што ја предложи. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски покрај водењето на владата, ќе треба да ѝ помагаат и на Сиљановска-Давкова во извршувањето на нејзините должности.
Самото кандидирање на Гордана Сиљановска-Давкова можеби повеќе зборува за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ отколку за неа самата. Имено, во процесот на кандидирање на површина испливале неколку кандидати, кои објективно би биле подобро решение од сегашното, како во поглед на личните капацитети, годините политичко искуство, така и во поглед на популарноста во партијата. Меѓутоа, Мицкоски бил решителен и на свој грб ја презел одговорноста доколку Сиљановска-Давкова доживее пораз на претседателските избори, наведувајќи во своето образложение дека таа застанала како претседателски кандидат на минатите избори, знаејќи дека ќе ги загуби, па сега кога победата била извесна, не би било фер и коректно оваа функција прво да не ѝ се понуди нејзе.

Ова зборува дека Мицкоски има долго и добро паметење и им се оддолжува на оние што направиле некое добро за него или за партијата што ја води. Мора да признаете дека покажување човечка димензија во политиката е раритет наспроти голата прагма и голиот интерес.
Како Мицкоски ќе се однесува кон своите неистомисленици и опоненти, ќе видиме кога ќе седне во премиерската фотелја на Илинденска број 2. Она што сега може со сигурност да се каже е дека за своите одлуки тој има голема поддршка од електоратот, чие помнење, за разлика од неговото, е како на кокошка (во превод – многу кратко). Многу брзо граѓаните заборавија на зулумите на ВМРО-ДПМНЕ кога на нејзино чело беше будимпештанскиот бегалец Никола Груевски и колку тоа единаесетгодишно владеење им нанесе штета на државата и на граѓаните. Она што треба да се потенцира е дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот актуелен претседател Христијан Мицкоски, додека беа во опозиција, не смогнаа сила да ѝ се извинат на македонската јавност за владеењето на Груевски. Тоа ќе биде првата дамка на новата влада уште неизбрана и неинаугурирана. Токму поради тоа, победата на нереформираната ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори е незаслужена победа извојувана на сметка на неспособноста на претходната власт, а не како резултат на борба на различни концепти и програми за развој на државава.
За разлика од незаслужената победа на ДПМНЕ, поразот на СДСМ е целосно заслужен. Граѓаните јасно и гласно им кажаа дека не ги бидува. Неспособноста, јавашлакот, самобендисаноста, пазарџискиот манир на однесување го дадоа резултатот од владеењето на СДСМ за којшто сите ние сме сведоци, а дополнителниот предизборен циркус во кој ни објаснуваа дека демек ни било убаво со нив, ама ние не сме биле свесни за тоа – беше капката која ја прелеа чашата, се разбира заедно со покачувањето на платите од 78%, криминалната промена на Кривичниот законик и скандалозната неорганизираност на државните служби за промена на личните документи.

Нашите политичари се навикнати на тоа дека народецов наш има слаба меморија, па со истите методи како Грујо, доскорешната владејачка структура ни претставуваше „Потемкинови села“ надевајќи се дека ние нема да погледнеме и од другата страна на фасадата за да видиме дека станува збор за макети; ние секојдневно се возиме по нашиве руинирани автопатишта, мака мачиме да обезбедиме каков било личен документ или потврда, за кандидатите за пратеници на претходната власт да нè убедуваат дека автопатиштата и улиците ни се штотуку асфалтирани авионски писти, а не потенцијални расипувачи на амортизери понерамни и од Виа Ингација, односно дека има доволно обрасци за пасоши, лични карти и изводи. И така во недоглед. Да не го спомнуваме примерот на познатиот осуденик што своите одземени станови во правосилна судска постапка – преку лица блиски на него, повторно си ги откупи без каква било реакција или прашање од власта до надлежните институции – како е тоа можно?! Правда, правдина, право, хахаха. Сè се тоа едноставни „автогол“ примери.
Па, така, по онаа старата, што си дробел тоа и ќе сркаш – СДСМ го доби заслужениот понижувачки резултат – трета партија по бројот на освоени пратенички места во Собранието и убедливо најмал број освоени гласови од формирањето на партијата до денес. И наместо, како што налага парламентарниот бонтон (но и здравиот разум) целокупното раководство на СДСМ пред полноќ на осми мај да поднесеше колективна неотповиклива оставка, тие говорејќи низ гласот на најлошиот лидер во историјата на СДСМ – Димитар Ковачевски зедоа да се „фемкаат“ и да ја избегнуваат директната лична одговорност која е очигледна, па одлучија да ја продолжат агонијата на СДСМ со формирање комисии и анализирање на тоа кој бил крив за изборниот дебакл. Оние, пак, што се сметаа за похрабри, излегоа во јавноста со однапред снимени видеа во кои ја нудат својата оставка во стилот дека таа ќе се ефектуира кога Меркур ќе биде во подзнак на Девица, на 30 февруари или кога врбата ќе роди грозје. Се разбира по аналогијата на оној стар бугарски виц „тази оставка не е оставка“, така и овие ѓоамити оставки се само продолжено замајување на јавноста и на, и онака разочараното малубројно членство и симпатизери што сè уште тврдоглаво не ја напуштаат таа партија и политичка филозофија.
Но, политичарите се познати по тоа дека наместо образ имаат ѓон, па ваквиот кукавички исход можеше да се очекува. Сега разочараното членство треба, ако сака да ја спаси партијата, прво на клоци од Бихаќка да ги избрка и засекогаш да им забрани влез во партијата на Ковачевски, Зечевиќ и Спасовски како главни виновници за изборната катастрофа. Под два, да побара и оние извикани и досега веќе употребени кадри што имаат каква било опашка во своето претходно работење да си поднесат оставки на пратеничките функции и да се повлечат од политиката, и трето, да се побара и од општинските раководства да си поднесат оставки и да се оди на генерален реизбор на сите раководни позиции од претседател на партијата до претседател на месен одбор (ако воопшто успеат да имаат доволно членови што би се нафатиле на овие функции на дното на партиската хиерархија).
Засега е доволно посочените од СДСМ да знаат дека нивниот пораз е целосно заслужен и очекуван, а оние од ВМРО-ДПМНЕ дека треба да се потрудат, на почетокот барем да се извинат за владеењето на Груевски, за да добијат барем мал carte blanche од гласачите што гласаа за нив, а не се дел од партиските теледиригирани структури, еднакво заслужни како нив и за оваа незаслужена победа и да бидат свесни дека за четири или помалку години и нив повторно може да ги снајде заслужен пораз доколку не се потрудат барем малку да ја извадат Македонија од калта во која е заглавена веќе речиси дваесет години.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот