Мицкоски го повикува Мицотакис да го срушат Преспанскиот договор

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

На власт е една нова генерација македонски политичари, кои биле мали деца во деведесеттите и си замислуваат дека, што и да направат во односите со Грција, безбедно ќе атерираат во растегнатата мрежа на меѓународното право кое е на наша страна по прашањето на „името“.

Нашиот иден премиер и водач на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, му нуди на грчкиот премиер и лидер на Нова демократија Мицотакис да му се придружи во рушење на Преспанскиот договор. „Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните ниту на другите не им се допаѓа“, ќе изјави Мицкоски. Тоа што му се обраќа на политичар што во Договорот ги оспорува „македонската нација“ и „македонскиот јазик“, се чини помалку важно. Не ја разбирам логиката.
Замислете го Преспанскиот договор како мост за комуникација меѓу две држави чии народи, во огромното мнозинство, не го прифаќаат. Тој мост го изградија и го кренаа високо, надвор од дофатот на разјарените балкански национализми, двете влади со интервенција на Америка. За да се изгради беа потребни две и пол децении.

Сега замислете што ќе се случи ако се сруши тој мост. Оние меѓу нас кои минале низ тие години знаат дека ќе паднеме одново во времињата кога над милион Грци, како своевидна подготовка за војна, скандираа на улиците на Атина и Солун – „Македонија е грчка“, тепачки меѓу Македонците и Грците во дијаспората, малтретирање на македонските граѓани на границите, застој во економската соработка ако не и економски блокади, ништење на нашите дипломатски успеси од грчки дипломати кои ја добиле директивата „What they do, you undo“, блокада за членство на нашата држава во ЕУ, проблеми во НАТО… Тоа го знаеме ние што минавме низ тие ужасни времиња на непријателство. Но, на власт е една нова генерација македонски политичари, кои биле мали деца во деведесеттите и не го искусиле ова. Тие си замислуваат дека, што и да направат во односите со Грција, безбедно ќе атерираат во растегнатата мрежа на меѓународното право кое е на наша страна по прашањето на „името“.
Идниот премиер, се чини, мисли дека, за разлика од некогаш, ние живееме во некаков свет на право и правда денес, па се повикува на своето основно право да ја нарекува својата држава како што сака. Згора на тоа, поприлично наредбодавно, иако со благ глас, ќе изјави: „…Очекувам тоа да биде начин на однесување и на претседателката Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката македонски“. Без меѓународно искуство, не си остави ни најмала отстапница од изјавата на претседателката, јавно демонстрирајќи дека е тоа и негова политика.

Парадоксално, во обид да го ревидира Договорот од Преспа, иако тој се враќа во минатото, Мицкоски упатува апел до Грците да не се враќаат во минатото и да гледаат кон иднината. „Ова се документи од правото“, ќе изјави. „Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд на правдата, може да почнат процес па таму ќе ги вкрстиме аргументите“. И, пак да победиме како и претходниот пат кога во една, од аспект на меѓународната политика, бесмислена процедура добивме позитивна пресуда, а во реалноста не добивме ништо? Уште една таква победа, рекол кралот Пир, и готови сме.
И не се ова обични „документи од правото“, туку одредби од меѓународен договор што произведоа една подобра реалност од онаа пред потпишување на Преспанскиот договор. Мицкоски ја повикува Грција да не ги употребува „мускулите“ и да „престане со закани и опструкции“. За жал, меѓународната политика е истите проклети работи одново и одново низ човековата историја: „мускули“, сила, влијание, закани, опструкции, интереси, војни… Зарем и по руската агресија врз Украина има некој кој не верува дека меѓународната политика е пред сè „мускули“?

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот