Разговор со танчарот и кореограф Бобан Русески: Танцот е дом каде што се чувствувам природно и удобно
Младиот танчар и кореограф Бобан Русески преку танц-претставата „Табу република“, која на 11 мај ќе биде изведена на „Танц фест Скопје“ во МНТ, посочува на општествените предрасуди поврзани со лицата од женски род.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Претставата „Табу република“ е дел од програмата на јубилејното дваесетто издание на „Танц фест Скопје“. Нејзината прва верзија беше изведена на минатогодишното издание на фестивалот. Оваа година ќе биде прикажана во надградена верзија.
Претставата ќе биде изведена во рамките на вечерта посветена на млади кореографи, а покрај „Табу република“ на Бобан Русески, на програмата е и кореографското остварување „Напуштена иднина“ на Дејан Битровски.
Бобан Русески е професионален танчар и кореограф, кој својата кариера ја гради настапувајќи со Скопје танцовиот театар. Досега повеќепати настапувал на „Танц фест Скопје“, а со Скопје танцовиот театар бележи настапи и на меѓународни танц-фестивали.
На јубилејното издание на „Танц фест“ ќе биде изведена обновена верзија на танц-претставата „Табу република“. Со што претставата ќе се разликува од претходните изведби?
– Во претставата оваа година е зголемен бројот на учесници, што значи зголемување со нови улоги кои се занимаваат со истата тематика на „Табу република“. Ставен е фокус на драматуршкиот дел кај учесниците, поточно разработување на типови проблеми со кои се соочуваме во секојдневието, а, исто така, украсени се и неколку сцени со цел да можеме повеќе да се доближиме до публиката.

Создавањето на идејата за претставата беше базирано на истражување со социјална тематика. Со каков поттик и мотив беше создадена „Табу република“?
– „Табу република“ нема цензура. Таа се занимава со тематиките на лицата од женскиот род, лица со оштетен вид и слух, лицата со инвалидитет, жената како родилка/носител на живот, стапката на смртноста на жените при породување, честите абортуси. Ставен е фокус на абортусот, за кој причинител е недоволното сексуално образование кај младите лица, како и стишувањето на нивниот глас поради општествените предрасуди и погледи кон самиот чин. Често наидував на млади девојки, познанички, кои се соочуваа со тој проблем и тоа ме поттикна повеќе да истражувам на оваа тема. Тоа е една од многуте табу теми во нашите краишта, која најмногу ме инспирираше да го создадам ова дело, сè со цел да ја кренам свеста во нашето општество, да се доближам поблиску до младите, медиумите и институциите со цел заедно да говориме гласно и јасно на оваа тема.
Изведбата на претставата е со Скопје танцовиот театар. Низ каков личен процес помина на патот од танчар во кореограф на претстава?
– Заедно со танчарите поминавме низ истражувања и дискусии околу темата, каде подоцна почнавме да разработуваме ликови со различен карактер преку импровизација на зададена задача. Во ова дело тежината и прашањето како јас како маж да ги разработам проблематиките на жената со кои таа се соочува, како жена-родилка, абортус, мајчинство и тн., се голема одговорност, а за мене како кореограф е важно да ги пренесам во општеството.
Улогата од танчар во кореограф ми дава можност да ги отворам моите лидерски способности и видувања на општеството и со тоа да креирам поинаква тема во истото. Со создавањето на претставата на танчарите можам да им приложам различна тема за дискусија, да се соочат со друга проблематика и воедно да уживаат во изведбата на танцовата претстава.

Во претставата учествуваат изведувачи од Скопје танцовиот театар, но и уметници од други области. Каков предизвик е вклучувањето на други уметници во танцова претстава?
– Отсекогаш сум сакал спој на повеќе уметности во едно. Ова е една таква претстава која опфаќа повеќе стилови од уметноста. Наталија Ристеска се јавува како актер, со која заедно го разработивме текстот на делото, Ива Дамјановски ја збогати претставата и ѝ даде една поинаква слика со нејзините ноти отсвирени со инструментот теремин, извонредната Ема Ананиевска е девојка со визуелна попреченост и за задоволство на целата публика ќе отсвири соло пијано на темата „Фантазија“ од Фредерик Шопен, Кристијан Јованоски е визуелен уметник кој ја создаде видеоанимацијата и го разработи плакатот, додека Благој Мицевски како костимограф е долгогодишен соработник на Скопје танцовиот театар.
Но, оваа претстава не би била толку разиграна без вредните студенти, како танчари кои се иднината на нашата танцова сцена, од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип од насоката за Современ танц: Стефи Шааршмит, Викторија Коцева, Клара Христовска, Јоана Благадуша, Нина Петрушевска, Илина Костовска, Микаела Анџела Глигорова, Надја Лукановска, Елена Стојкоска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Михаела Колчунова, Сара Крковиќ, Теона Ѓуровска и Марија Андовскa. Предизвик беше да се усогласиме сите заедно, но сите поединечно се вложивме во делото со иста цел да ја кренеме свеста во нашето општество на зададената тема од „Табу република“.
Што беше твојот личен предизвик да се занимаваш со уметноста на танцот, воопшто?
– Оптеретени сме со многу текстови и информации во денешницата, а нашето тело се носи со сите тие, па јас одбрав да ги преточувам и истражувам преку телото. Визуелноста е од голема важност за мене и затоа мислам дека вербалната комуникација влијае само 10 отсто во комуникацијата, а невербална и до 90 отсто, па можеби затоа решив да се изразувам преку танцот. За мене танцот е дом, токму она место каде што се чувствувам природно и удобно за да го изразам она што го чувствувам и мислам.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 230, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.5.2024)


