Па, нели, народот е во право и кога греши

Зоран Иванов. / Фото: Приватна архива

Некои „случки“ на власта, го срозаа изборниот рејтинг на СДСМ. Посебно партијата како да ги игнорираше реакциите за функционерските плати, за Кривичниот законик, за европското знаменце, за проблемот со патните исправи.

Секој изборен дебакл е последица на дебакл во времето на владеењето. Гласачкото тело на СДСМ на овие избори се подели на три дела. Кај Пендаровски, кај СДСМ и кај Максим.
Најлојалните, преку претседателскиот кандидат на партијата ѝ дадоа речиси 200 илјади гласови, но да не заборавиме дека кандидатот постојано имаше повисок рејтинг од партијата, па сепак гласовите за него во неделата беа главно од корпусот на сдсмовските гласачи. Згора, некои, би ги нарекол „случки“ на власта, го срозаа изборниот рејтинг на СДСМ. Особено партијата како да ги игнорираше реакциите за функционерските плати, за Кривичниот законик, за европското знаменце, за проблемот со патните исправи.
Дополнително, гледано низ призмата на граѓаните, ДУИ објективно беше камен околу вратот на СДСМ посебно на мистиката со темата „Бехтел и Енка“, па „Соравија“ и внуците на лидерот на ДУИ, дури и со бизарноста за петардите во џипот и слични случки. Башка, рејтингот на судството, перцепцијата за корупцијата, последниот извештај на Стејт департментот за состојбите во земјава со човековите права и слично. Кумулативно, целата општа состојбата се сруши и врз претседателскиот кандидат што СДСМ го поддржува.
Тука, секако е и темата за уставните измени, товар што ова раководство на СДСМ го носи за време на целиот свој мандат, а дополнително медиумите, посебно највлијателните, националните телевизии, за цело тоа време, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, кампањски ја враќаа „гордоста на нацијата“ и сето главно врз грбот на СДСМ. Дека СДСМ секогаш самиот се поразува себе е доказ и феноменот Максим кој, да не речам националистичка, но ајде националромантичарска или како доминантно и кај ВМРО-ДПМНЕ, квазипатриотска структура, беше факторот кој дополнително или дури доминантно, сеедно, го порази СДСМ.
Епилогот, сепак, ќе го каже 8 мај, но веќе е извесно дека СДСМ веројатно почнува да размислува па дури и да се подготвува за конгрес.
Па, нели, народот е во право и кога греши.

Цивилмедиа

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот