ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стаменов: Во Македонија не се случи економскиот бум по нејзиното членство во НАТО

НАТО е политичко воена организација со 31 членка по зачленувањето на Финска и 32 откако ќе влезе Шведска. Таа како организација не само што им гарантира безбедност на своите членки, туку и претставува значаен економски фактор во светот. По членството во НАТО на земјата кандидат за прием, редовно се случува економски бум. Меѓутоа, во Македонија тоа не се случи поради појавата на ковид пандемијата, истакна во утринската емисија на „Слободен печат“ новинарот Свето Стаменов.

Како што посочи Стаменов Македонија на патот од иницијатива до рамноправно членство во НАТО мина период од 30 години од својата независност и денес ова членство целосно ја менува позицијата на државата во регионот.

– Во 40 интервјуа со професорот Трајан Гоцевски, поранешен министер за одбрана во првата Влада на Македонија, најголемиот број разговори на Македонското радио од кои произлезе книгата Македонија во НАТО се за нашето членство во НАТО и за безбедноста на регионот. Тогашниот министер Гоцевски смета дека за Македонија е клучно членството во НАТО за нејзината безбедност и поднесува иницијатива на седница на 18 мај 1992 година до Советот за безбедност на Македонија. На Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година Македонија не беше примена во членството, поради спротивставувањето на Грција, но затоа доби стратешко партнерство со САД. Со промена на власта пред шест години, потоа потпишувањето на Преспанскиот договор знамето на Македонија беше кренато на 4 април во 2020 година пред седиштето на НАТО во Брисел со што на симболичен начин беше манифестирано нашиот прием во НАТО. Во двата тома е опишан историскиот пат на Македонија од 1991 до нејзиното членство во НАТО, изјави новинарот Стаменов.

Според Стаменов, за период од 20 години тој како коавтор и автор издал многу книги и главно биле обработени теми од надворешната политика, минатото и иднината на македонскиот јазик и книги посветени на поетесата и поезијата на Даница Ручигај.

– Како новинар моја главна преокупација и основна професија е работата поврзана со надворешната политика и безбедноста и одбраната. Втората област е истражувањето и пишување за македонскиот јазик, кое се случи според мене со примена на сила. Пишувањето за првата македонска поетеса Даница Ручигај е трета област за која издадовме 13 книги, односно првата книга поезија што е објавена на македонски јазик е на поетесата Ручигај – истакна Стаменов.

Повеќе од интервјуто со новинарот Стаменов можете да погледнете во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот