Урбанизмот и останатиот криминал (6): Нејаснотии околу инспекторите во правните лавиринти

скопје градежник зграда работник градежништво згради
Градежен работник на скопски објект / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

По кои критериуми ќе се оценуваат инспекторите остана недефинирано, односно толку многу усложнето што стана неостварливо слово на хартија, па не се знае по кој закон и по кој генерален критериум ќе се прави

Постои ли внатрешна институционална борба на испекторите за потребните подобрувања? „Локалците“ немаат многу маневарски простор за искажување на таквата загриженост, затоа што не прават планови и програми, ништо не ги прашуваат и не ги вклучуваат во „проектите“, но државните инспектори тоа мора да го прават, па прашањето најмногу се однесува на нив.
Дали извојуваниот додаток на платите од 30% ја затвори оваа тема? Додуша, додатокот не го зеле сите инспектори, посебно општинските.

За да има „објективни проблеми“, кои го уназадуваат надзорот, им текна дека личниот статус и интегритетот на инспекторите не е доволно „унапреден“, па го унапредуваа. Потоа ги издвоија локалните инспектори од администрацијата и им дадоа осигурување во случај на несреќа при работа (не за сите). Потоа решија дека инспекторите не се мотивирани затоа што нема правила за кариерен развој и професионализација, а локалците за да не бидат „сирачиња“, ги ставија под Инспекцискиот совет да се грижи за нивниот статус и напредување. Потоа имавме правдања дека постапките се лоши и корумпирани затоа што немало подзаконски акти за инспекциските процедури и правила и ги пропишаа – ја стандардизираа постапката, но воведоа и оценување по учинок на инспекторите (како во фабрика – на норма). По кои критериуми тоа оценување ќе се случува, остана недефинирано, односно толку многу го усложнија, што стана неостварливо слово на хартија, не се знае по кој закон и по кој генерален критериум, туку само дека „бројот на решени предмети е клучен“.

Квалитет и цели

Квалитетот на надзорот и целите на изречените мерки, како и постигнатиот ефект со тие мерки се надвор од таквата математика.
Самата инспекциска фела (најголем број од нив) мисли дека постапките треба да се водат според коефициентот на сложеност на постапката. Тоа би значело дека инспекторите би постапувале до одредено ниво, потоа раководителот треба да ги преземе прекршочните дејствија, а понатаму постапката да ја води државен инспектор. Секако, ваквото мислење е крајно проблематично од многу причини, а најглавно е што на тие кои нудат мито за прекинување на постапката, им отвораат многу нови „адреси“, каде можат да подмитат.
Постојат многу други произволности во самите законски решенија кои им ги одврзуваат рацете на градоначалниците и на централната власт (партиите), како во примањето инспектори, така и во делувањето врз нивните постапки. На пример, не е пропишано со кое образование некој може да стане инспектор, а пропишани се различни услови за вработување за државно и за општинско ниво, во услови кога не се прецизно одредени критериумите за избор.

И не само во примањето на работа, туку и во самата работа и организација на инспекторатите има нејаснотии. На пример, помлад инспектор може да спроведе постапка до каде што му е надлежноста, а после да му ја предаде на инспектор – советник.

Најчесто, таков и нема во повеќето општини, а и да го има, нема пропишано со каква постапка се прави префрлањето на предметот од помлад на постар инспектор. Не е одговорено ниту на прашањето дали може инспектор од една област да му предаде случај на повисок инспектор од друга област, а и да може, не се знае со каков акт тоа се прави. Дури не се знае и тоа дали инспектори од една област можат да постапуваат во друга (или му треба нова лиценца). Засега тоа го „покриваат“ градоначалниците и дозволуваат инспектори од една област да постапуваат во друга, а дека тоа се прави само со административните работници – не е важно. Инспекторите не се административци.

Исто така, не се знае дали лиценците на инспекторите им важат кога преминуваат од една област во друга, или пак, не е пропишан рангот на инспекторот, за да биде раководител.

Ни процени, ни категоризација

Ризикот за „излегувањето на терен“ (надзор) се врши со „процена на ризик“, кој се дава во годишниот план за работа, но тоа не важи за локалците, кои не изготвуваат таков план.

Сите субјекти на надзор се во ист кош, без оглед колку тешка повреда прават или направиле. Тука нема процени ниту категоризација на тие субјекти (прекршочна историја), како што има во сите западни земји. Така, најголемите „апаши“ нема да бидат посетувани од инспекциите, а некоја „душичка“ со дуќанче можат да ја тресат кога сакаат.

Сите овие проблеми, кои се веќе опсервирани и дискутирани, можат да се решаваат на многу начини, но во ниту еден предложен закон никој не смета на „ликот на инспекторот“, на неговиот интегритет, висока наобразба, висока плата (која би била поврзана и со огромни казни и губиток на стекнат имот, ако го фатат во корупција), степенот на неговиот ангажман (проценти од наплати, квалитативни и квантитативни мерки и сл.). Сите се колнат во тоа, а потоа го забораваат, предлагајќи такви мерки, со кои „му одат на волкот во устата“ (или кај централната власт или во некое регионално тело). Наместо тоа, говорат за посебен буџет на службата, за „комунална полиција“ за изрекување мандатни казни, за регионални тела и сл. Никој не сака ниту да се сети што се направи со нотаријатот, кој стана „панацеа“ за судските глупости и го растовари судскиот сектор. Зошто тоа да не биде воведено и со инспекцискиот надзор?

Сегашните предлози, кои можат нешто да помогнат, се движат околу воведување категории „градски“ и „селски“ инспекторати, воведување листа за проверка, двосменско или целодневно (24 часа) работење, некакви системи за „отворени линии“, работа на повик и повикување за време на ноќните часови, викендите и празниците и сл. Има и такви предлози кои бараат заедничко постапување на повеќе инспектори заедно (заради влијание и корупција), како и воведување „е – инспекторат“ за вмрежување на сите инспекциски служби (да се растовареле субјектите на надзор).

Во предлозите не преовладуваат системски предлози за хармонизација на законите со генералните закони и помеѓу генералните закони, ниту за воведување високо образование за инспектори (надвор од влијанието на државата), како што се странските административни високи школи, нивно школување во странство, ниту се говори за дерегулација на работата на некои инспекторати, државен испит за инспектори и сл. Наместо тоа се предлага само хармонизирање на некои законски колизии.

А што ако градоначалникот не положи?

Дезориентацијата на овој процес на подобрување на инспекцискиот надзор, намалувањето на корупцијата и обезбедување самостојност и законско работење на инспекторите, се гледа и во предлозите за обуки за градоначалниците и општинската администрација за нивните ингеренции во инспекциски надзор, како тоа законот да не го регулирал. А што ако градоначалникот не положи, после обуката?

На пример, да го земеме градежништвото како лесен пример. Стравот е дека градоначалникот го издава одобрението за градење, но инвеститорот има право да побара измени на планот во текот на градбата (три ката да се претворат во 13), како да е неговото „барање“ задолжително за општината и урбанистичките планери. Инспекторот мора да добие налог за надзор од градоначалникот и тој можел тогаш само „да изготви записник“, што не е точно, ако инвеститорот „не го изоди патот“ за 3 ката да претвори во 13, што пак зависи од многу фактори, кои (така знаеме ние) земаат мито и можат заради тоа да бидат предмет на кривично гонење. Затоа се предлага инспекторатот да биде надвор од општината. Значи, заради ситуација дека „може да падне секирата да го отепа детето“, не ја преместуваме секирата, туку ја рушиме куќата и правиме нова. Браво реформатори.

Ете, тоа е состојбата со нашето осмислување на инспекцискиот надзор и што ги мори инспекторите, професорите, општините, а потоа сите нас граѓаните ќе нè боли главата од нивните преосмислувања, кои излегуваат не од главите на умните, туку од паричникот на „способните“. Главно, сивите еминенции во министерството за транспорт и врски и во владата повторно ќе бидат повикани да смислат како „секирата да не го отепа детето“, а ние ќе си џавкаме на новиот правен лавиринт во кој е „тепаниот секогаш тепан“.

Приказната овде е како и во секоја друга област во Македонија – Еден грст инспекторски какол го расипува целото жито. Но, каколот е поврзан со властите и не му можеме ништо, без опсежни и искрени реформи. Како тие да се спроведат со вакви политичари и уште полоши невладини организации, кои би требало да ја надгледуваат таквата реформа, ниту Бог не знае.

Приказната за реформите

Најопасниот фактор за (искрените и длабоките) реформите не се ниту политичарите, ниту НВО – ате. Тоа се најискусните и мошне учени и верзирани административци од високите ешалони, кои се поврзани со политиката, но за сопствена корист. Тие сè знаат, учествуваат во правењето закони и правилници, го советуваат министерот и државните секретари, подготвуваат реформи, стратегии и што уште не. Тие им се светат на поопасните транспарентни лидери на мислење и експерти, многу почесто отколку политичарите. Тие уживаат во својата улога во лавиринтот од закони, кој сами го создаваат, за само тие да можат слободно „да пливаат“ како ајкули. Тие се тука да го осмислат патот и реализацијата на најзабеганите желби на владините функционери, партиските бизнисмени и на парламентарците. Дозволуваат или блокираат, согласно закон.

Тие имаат внатрешен систем на цицање на државата (дневници, напредувања, патувања, услуги за пријатели и роднини, учество во комисии на други министерства, комисии и влада …), систем на „експлоатација“ на странските проекти за сопствени цели, учество во перпетуум – мобиле партиското вработување, имаат систем на солидарност со судии, обвинители, професори … Тие се „мозокот“ на политикантите и нелегалните бизниси.

Што и да прават, едно е константа: Реформи не смеат да се случат, барем не такви кои нешто би смениле. Дури и политичарите тоа да го сакаат, реформи нема да се случат, затоа што овие елегантно ќе ги саботираат и преку самата стратегија за реформи и преку нивни послушни играчи – незнајковски, кои имаат само една цел, а таа е да ги елиминираат сите надворешни учесници во реформите, кои можат нешто да сменат.

Тоа е целата приказна за реформите, кои мора да ги има, но ситуацијата и играчите мора да останат исти. Тие штеточини сѝ играат со државата како што сакаат, свесно дека нови играчи може да има само ако тие ги одобриле (најчесто се тоа нивни роднини или партнери, со кои го прават криминалот) и можат да го турнат секој конкурс, тендер, иницијатива, па дури и владите.

Секој поискусен политичар тоа го знае и не се бори против нив, туку „си легнува на брашното“ и ги користи нивните „услуги“, кои овие ги даваат со посебно задоволство, знаејќи дека тие се поврзани со сите, на сите нивоа.

(Продолжува)

Утре: Урбанизмот и останатиот криминал (7): Какво седиште – такво гледиште, а децентрализацијата „сираче“

Текстовите се произведени во рамки на проектот на АГТИС, со наслов „Отворени општини, со отворени податоци“, финансиран од НЕД.

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Прочитај повеќе:

Урбанизмот и останатиот криминал (1): Црни пари колку сакаш

Урбанизмот и останатиот криминал (2): Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)

Урбанизмот и останатиот криминал (3): За просторен план 2021-2042 подготовките во 2022 година!

Урбанизмот и останатиот криминал (4): Просторен план и други шеги

Урбанизмот и останатиот криминал (5): „Тепачките“ за инспекторско место се минато

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот