За болничарот и Европскиот фронт на Али и Бујар

Марин Гавриловски

Со која леснотија почнавме да ги прифаќаме ненормалните однесувања на наши сограѓани кои едно по едно доведуваат до целосен распад на системот во секоја сфера на живеењето.

Во виорот на предизборната кампања како малку да подзаборавивме на случувањата во Клиниката за токсикологија во Скопје, однесувањето на техничката директорка која не го познава официјалниот јазик на земјата во која живее и чии дејствија секојдневно нанесуваат штета на работењето на клиниката, а особено однесувањето на еден од болничарите. Тој побарал од својот колега лаборант да ги смени резултатите од испитувањето на урината на свој пријател кој бил под дејство на наркотици и наместо оригиналните резултати во наодот да наведе дека неговата урина е чиста.

Во нормална држава вакво однесување ќе резултираше со прекин на работниот однос со отказ од страна на работодавецот, но во жална Македонија работодавец е погоре спомнатата техничка директорка, која во неговото однесување не гледа ништо спорно, а уште помалку потреба да поведе постапка за прекин на работниот однос. За сета ова да добие Монтипајтонски епилог, во приказната за болничарот се појавува и лаборантот кој, плашејќи се за сопствената позиција, изјави дека во целата оваа работа немало ништо спорно, бидејќи колегата го прашал, тој му одговорил дека не може и тука завршил притисокот.

Во земјава во која ненормалното станува нормално, можеби ова „примерно“ однесување на болничарот треба и да се награди од страна на веќе споменатиот технички менаџмент на клиниката бидејќи тој, болничарот не продолжил со притисокот туку прифатил дека наодот нема да се менува, а можел човекот да се јави во партијата или кај некој поранешен командант или соборец па да го издејствува она што го сакал, ама ете тој примерно и цивилизирано го прифатил одговорот на својот колега.
Со која леснотија почнавме да ги прифаќаме овие ненормални однесувања на нашите сограѓани кои едно по едно доведуваат до целосен распад на системот во секоја сфера на живеењето.
На почетокот полицајката која се обиде на еден моќник од ДУИ да му напише казна за непрописно паркирање, а која беше турната од него, во манир на сиротиот лаборант си ја смени изјавата и кажа дека самата паднала, потоа автобусот на „Дурмо Турс“ во 2019 година излета од патот кај селото Ласкарци, што резултираше со смрт на 16 патници, како резултат на неприспособената брзина на движење од страна на возачот и „непридржувањето до прописите за безбедност во сообраќајот и свесно и континуирано дозволување во сообраќајот да учествуваат неисправни возила“, од страна на сопственикот и управата на фирмата „Дурмо Турс“.

Да не се поминело така лесно преку фактот дека неисправни автобуси ни се движат по патиштата и доколку се преземеле мерки за подобрување на контролата на исправноста на возилата, можеби ќе се избегнеше несреќата која неколку години подоцна се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија каде се запали автобус на фирмата „Беса транс“ при што животот го загубија 45 лица од кои 12 деца. И така едно „гледање низ прсти“ повлекува друго и така тоа пополека почнува да станува стандард на однесување кој на крајот го руши системот, бидејќи што ќе ни е системот на регистрација на моторни возила, вклучително и автобуси ако при самата проверка на исправноста на возилата може да им се обнови дозволата на возила кои не се исправни?
Но на големите газди и на политичарите, на кои зборовите морал и етика им се непознати па дури и на јазикот кој го познаваат, животот и здравјето на граѓаните не им се битни.

Доволно е да постои синџирот на меѓусебна поврзаност и интеракција кој функционира на тој начин што фирмата, да речеме која се вика „Еуровиа“ и нејзиниот сопственик кој е роднина на поранешен министер од ДУИ, на оваа партија во 2022 година ѝ донираат средства во висина од повеќе од 4 милиони денари, а за сметка на тоа од државата добиваат тендер за изградба на полициската станица во Аеродром. Во 2023 година истата фирма добива тендер вреден 1,8 милиони евра од страна на МНР за адаптација на спортската сала Борис Трајковски за Министерскиот самит на ОБСЕ. По некоја случајност министер за надворешни работи е Бујар Османи од ДУИ, омилениот кандидат на лидерот Али Ахмети, кој замислете, воопшто не знаел дека „Еуровиа“ е еден од најголемите донатори на безгрешната партија и бил многу изненаден поради тоа. Наивниот и неинформиран Османи, исто така не ги познаваше ниту спорните кандидати за конзулка и конзул во Њујорк, кои без потребните квалификации требаше да бидат упатени во ова битно дипломатско конзуларно претставништво на Македонија. По принципот АПП (ако пројде, пројде) Османи се обиде во два наврата во Конзулатот во Њујорк прво да пратат атрактивна млада телевизиска презентерка чиј главен дострел бил тоа што фатила микрофон во рака.

Откако овој обид беше осуетен од страна на јавноста, неколку години подоцна уште едно лице штотуку вработено во МНР веќе почна да си ги пакува куферите за Њујорк кога синдикатот при МНР укажа дека лицето не само што е „тазе“ вработено туку не ги има ниту потребните звања за упатување во странство. Дали вториот обид на Османи да го пополни конзулското место во Њујорк беше успешен или не, можеби треба да проверат колегите истражувачки новинари, бидејќи во Македонија „секое чудо е за три дена“ па дотичниот несуден дипломат со голема желба да биде конзул можеби веќе се „шмугнал“ и заминал за Њујорк.
Сите овие скандали и скандалчиња ги засегаа и нанесуваа штета само на македонското граѓанство и држава, а бидејќи ДУИ има многу поголеми апетити се потруди за можностите и квалитетите на кадрите на ДУИ да слушне и пошироката меѓународна заедница, поточно Еуроконтрол – Европската организација за безбедност во авиосообраќајот. Оттаму беа вчудовидени кога разбраа дека насилници на ДУИ неовластено упаднале во Контролата на летање во Скопје, преминувајќи ги двете безбедносни контроли, со цел физички да се пресметаат со своите неистомисленици кои биле против во контролата на летање да се вработуваат неквалификувани лица блиски до ДУИ кои не биле кадарни ниту да ги поминат потребните првични тестирања. Со тоа ДУИ и неговите насилници го ставија во опасност не само домашниот туку и меѓународниот авиосообраќај.
Просторот во весников не дозволува да се набројат сите случаи на непочитување на законот предизвикани од јавашлукот и самоволието на претставниците на ДУИ, но мислам дека овие илустрации се доволни за да се создаде сликата за методите и начинот на дејствување на оваа најдолговечна партија на власт во државава, која своите корени ги има во терористичката ОНА (УЧК) чија кратенка повампирено деновиве повторно се извикуваше на плоштадот Македонија на централниот митинг на т.н. Европски фронт предводен од ДУИ и Али Ахмети.

Овој оксиморон-Европски фронт сам по себе илустрира кој е мајндсетот на раководството на ДУИ. Зар можат европските вредности да се поистоветуваат со така милитантен израз како што е тоа зборот фронт? Ова само зборува за тоа дека под костумите и вратоврските на денешните политичари од ДУИ можеби сè уште се облечени маскирните униформи спремни да се покажат доколку се почувствува и најмала опасност оваа партија да прејде во заслужена опозиција.
Оној кој ќе ја формира владината коалиција по изборите треба многу добро да размисли дали ДУИ сè уште е репрезент на албанското гласачко тело и глас на Албанците во Македонија. Изборните резултати од првиот круг од претседателските избори покажуваат дека доколку од купот гласови кои ги доби слаткоречивиот промотор на европските вредносни од Мала Речица, Бујар Османи се извадат гласовите на Ромите и Турците кои масовно гласаа за него, тогаш водството на ДУИ во однос на гласовите на албанската опозиција во земјава ќе се стопи како мраз во август. Без тој легитимитет на идниот мандатар ќе му биде многу лесно да одлучи со кој блок на партии кои ги претставуваат Албанците во Македонија ќе треба да се коалицира. Откако тоа ќе се расчисти ќе биде многу полесно да се направи и целосниот список на скандалите на ДУИ и да се бара судска завршница на секое прекршување на законот и соодветна санкција.
Поддршката што од сите страни ќе ја има новата влада за да се справи со корупцијата, а посебно поддршката од нашите стратешки партнери кои високата владина корупција ја лоцираат како главен фактор за назадување на земјава со дигнат кажипрст насочен кон ДУИ е со порака воопшто ни да не помислува по насилен пат да се обидува да ја менува волјата на гласачите и да конструира кризна ситуација. Али, Бујар, Артан и нивната дружина треба да се многу свесни дека одамна помина 2001 година и дека сега кога светот се подготвува за бура нема да има кој да им удоволи на каприцот себеси да се претстават како „борци за правда“, вечна власт и единствен фактор на стабилност во државава, а доколку таков обид се случи тој многу брзо ќе биде осуетен и санкциониран.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот