Урбанизмот и останатиот криминал (5): „Тепачките“ за инспекторско место се минато

Градежништво/ Фото: Слободен печат/Архива

Лиценцирани општински инспектори има помалку од 300, а од нив само 50 до 60 се лиценцирани градежни инспектори, што е премалку за да можат да ги задоволат барањата на граѓаните.

Граѓаните можат да пријават до инспекциски служби или до градоначалникот некаков случај (за кој мислат дека треба да оди пред инспекција) и преку писмо, меил, преку општинската веб страница, на шалтер во општината (архива), по телефон, или лично кај инспекторот. Ако не знаат кој инспектор е надлежен, ќе му кажат во општината. Времето за кое инспекторот мора да реагира се движи од „итно“ (ден – два, до 5 дена), па до 1 месец најдоцна.

Записници и/или решенија од инспекциските надзори треба да бидат објавени, а треба да има објавено и програми, планови и извештаи за/од инспекцискиот надзор, како и решенијата, посебно ако се работи за животна средина, здравје или имот на граѓаните.

Ова погоре е теоријата, а за практиката – подолу. Практиката бара и малку едукација, која знае да заличи и на теорија на заговор.

Инспекторите треба да го обезбедат спроведувањето на некој закон, а работат според Законот за инспекциски надзор, кој го спроведува („надгледува“) Инспекцискиот совет – централно тело на сите инспекторати. Ова тело издава и лиценци за инспекторите. Втор закон, кој го регулира работењето на инспекторите во поглед на казните е Законот за прекршоци, но тој многу тешко се спроведува (од различни причини се ефектуираат помалку од 30% од пријавите).

Ваквата поставеност ја прави инспекциската служба високостручна, која не е адекватно наградена, ако самите инспектори „не подработуваат на црно“, или „подземаат мито“. Тоа „подземање“ се случува (речиси исклучиво) само ако инспекторот чувствува неказнивост за себе, а тоа се случува ако постои заштита од политичкиот естаблишмент, што ја добива ако извршува незаконски налози за нив.
Лиценцирани општински инспектори има помалку од 300, а од нив само 50 до 60 се лиценцирани градежни инспектори, што е премалку за да можат да ги задоволат барањата на граѓаните.

„Успешните“ реформи

Инспекторите кај нас, како и во светот, имаат различни стручни звања, а пред тоа се „кандидати за инспектори“. За лиценцата потребно е учење и полагање, во услови кога недостигаат ментори за стекнување лиценца. Од овој инспекциски систем се изземени даночните инспектори. Тука МИОА не се прославила со своите „успешни“ реформи, па успеа само да направи страшен метеж со шифрите од систематизацијата на работни места. Општинските даночници ги загубија „во преводот“ и ќе ги води секој како сака. Ниските плати се прилог на главното јадење.

Иако се вели дека законот за прекршоци и ЗИН се главни закони, по кои постапуват инспекторатите, тие постапуваат по „материјалните закони“, кои се (регулираат сосема конкретни работи од еден сектор) „специјални закони“ или lex specialis, кои мораат да бидат сообразени со нивните „генерални закони“, или lex generalis, затоа што произлегуваат токму од нив. Тој „генерален закон“ ја регулира постапката, која одговара на прашањето „како“, но не и на прашањето „што“.

Конкретниот сектор, каде граѓанинот бара издавање некакво решение, или граѓанинот треба да плати некоја давачка, казна или глоба, си има и „генерален закон“ и многу поконкретни закони, кои произлегуваат од овој „генералниов“. Тие закони се нарекуваат „материјален закон“ (Закон за градба, Правилник за надомест за уредување градежно земјиште, Закон за персонален данок на доход….). Ете точно тие материјални закони, се (речиси сите) во судир со своите генерални закони, а и сите тие заедно, не се согласни Законот за општа управна постапка (ЗОУП), па може да биде постапено и вака и онака, зависно од тоа кој закон кому му одговара. За да се изведе таков „законски зафат“, посебно ако се работи за големи пари или за услуга кон функционер, бизнисмен или политичар, потребно е да ја консултирате длабоката држава.

Без самостојност до партиска испостава

Вистина е дека без самостојност на инспекторот, службата му станува партиска испостава, без ефикасност неговите постапки немаат последици, завршеток и превентивна улога, без компетентност на инспекторот нема да постои спроведување на законите, предвидливост на постапките, рамномерна примена на законот и предвидливост на резултатот на постапката. Без ова, на тој што му дошле во инспекција, многу му е попаметно и поефикасно да вложи во корупција на инспекторот или на „тој над него“, наместо да ги спроведува законските обврски.

Општините се во малку чудна ситуација, затоа што се и „даватели на услуги кон граѓаните“ (по сила на закон) и самите си вршат инспекциски надзор, што е нелогично. Општината е основач на разни комунални и други претпријатија, а треба „да ги тресе“ инспектор кој работи во општината (тоа е отворен судир на интереси). Од тие причини постојат размислувања општините да немаат свои инспекторати, туку да постои национално или регионално инспекциско тело, некаква „агенција“, што е смешен предлог, затоа што причините за незаконски влијанија нема да бидат отстранети. Ние од тоа се нагледавме и обидите за „натпартиско именување“ дадоа катастрофални резултати.

Постојат 45 видови инспекторати, а во општините ги има само во 10 области. Некои инспекторати на државно ниво имаат само по неколку инспектори, а најбројни се комуналните, градежните и инспекторите за животна средина. Тие „покриваат“ над 170 закони. Во нив нема јасно пропишани надлежности на секој посебен инспекторат, па дури може да се каже и дека тие ги имаат исплеткано надлежностите на инспекторите до ниво да не мораат да постапуваат.

Општините немаат доволно пари, стручен кадар и техника за да организираат ефикасни инспекциски служби. Тоа оди до таму што и предвидените позиции не се пополнети со инспектори, а 19 општини немаат ниту еден локален инспектор. Се разбира, да се биде инспектор не е толку безбедно, затоа што заканите и нападите не се баш ретки, а неретко нивниот интегритет е заложник на желбите на градоначалниците и партиите. Исто така и различната регионална примена на законите придонесува самите фирми да не се придржуваат до законите („во Тетово нема казни, а во Битола за истото тоа – има“). Тоа ги одвраќа и инспекторите да постапуваат и да си воведуваат самите некој вид на бунт против таквата состојба.

Инспекторските плати, споредено со сложеноста на работата и опасностите и влијанијата во извршувањето на нивната работа – се мизерни, а работат со многу слаба опрема и возила, често канцелариите им се полоши од студентско купатило. Да имаше повисока плата и стимулации за излегување на терен, другите фактори нема да бидат пресудни за чесна и посветена работа, но видовме порано дека судиите станаа „банди митомани“, токму откако безобразно високо им ги зголемија платите, така што ова тешко можеме да го докажеме.

Незнаење или неусогласеност

Незнаењето тешко се одвојува од законската неусогласеност! На прво место тоа е широко борбено поле на ЗОУП со Законот за прекршоци и материјалните закони. Другиот фронт го водат материјалните закони и ЗОУП. Третиот фронт се неприменливите одредби во материјалните закони, а четвртиот различни надлежности за државните и општинските инспектори. Еве, на пример, локалните инспектори немаат надлежности да постапуваат во многу случаи на терен, кога со нив нема полиција (како ќе го натераш некого да се легитимира или да не си замине од местото?). Казните и глобите не се усогласени, па не знае човек дали ќе го „перцаат“ по Закон за прекршоци или по материјалниот закон, што може да биде „небо – земја“ разлика.

Незнањето често се зема како причина и кога се работи за корупција, па велат „не знаеше детето“. Инспекторите можат да ја саботираат секоја постапка (ако сакаат) со најтривијални постапки. На пример, може инспекторот да користи стари обрасци за записник и решение (општините вообичаено, нема нови пропишани обрасци), па неговото решение „да падне“ пред второстепената комисија. Или, може да издаде решение според материјален закон, а да биде спротивно одредбите на ЗОУП, па пак да падне. При посложени (читај „поскапи“) случаи, како што се оние за градење, инспекторот може да побара „комбиниран инспекциски надзор“, со налог за вршење заеднички вонреден инспекциски надзор, па надзорот да се случи многу доцна или да биде блокиран од другите институции. Се случувало градежниот инспекторат да отиде на терен и да врши надзор врз сосема погрешен објект, само затоа што на еден куќен број има 3 – 4 куќи, подредени со „а“, „б“, „в“… Така, тие нема да видат каде има истурено песок, вар, цигли, мешалки за бетон и сл. За 100 – 500 евра, некои инспекторати многу лесно се збунуваат.

Но, тоа е најмал проблем, како што не е огромен проблем и непостоењето на „пречистени верзии на закони“. Постојат многу случаи каде различни инспектори спорат по сосема различни верзии на ист член, кој е изменет, избришан или додаден, но кој тоа ќе го следи, кога законите пречесто се менуваат, надополнуваат, трпат „автентично толкување“ и сл? Кој ќе следи и дали се донесени подзаконските акти, кои се предвидени со носење на еден закон, а без кои не можеш да го спроведеш законот? А што ако тие подзаконски акти не ги носи истиот орган, туку некој друг орган „треба да ги донесе“? За среќа, сега се сите тие веќе донесени и раскошно „стрчат“ против сите генерални закони, ама заборавија да направат и трошковник за инспекциска контрола, па сега тие одат на сметка на општината и државата. Порано инспекторите барем земаа „мостри“ од алкохолни пијалаци за да го проверат алкохолот – на државна сметка. Што да прават душичките со ваквата состојба, барем нека пијат да заборават и одат на гости со коњачиња и виски од мострите.
Надлежностите се сосема иста приказна. Во образованието не се знае што е општинско, а што државно, па за ист предмет и едните и другите си постапуваат и не се фермаат едни со други, посебно ако е општинската и државната инспекциска служба под различни партии.

И овците на број и волците сити

Има уште потривијални проблеми, како што е различната терминологија во различни закони. Во Законот за инспекциски надзор (ЗИН) има „налог“, а во „матичните“ закони постои само „заклучок за извршување“. Дека е ова проблем говори фактот што Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, им ги ничкосува пријавите на инспекторите заради „законска неусогласеност“, затоа што во таа Комисија признаваат само постапување согласно ЗОУП. Така се и овците на број и волците (кои сакаат да ги глобат) сити.

Овој занает бара мошне висока соработка внатре во системот, значи и со Инспекцискиот совет, како и со градоначалниците и другите државни органи (не само заради размена на информации, туку и за размена на експертиза за примена на цел куп различни закони). Често од тоа зависи квалитетот на постапката и изречените мерки. И тука се инспекторите прилично задоволни, освен со несразмерно високата зависност од градоначалниците и скоро половина од инспекторите сакаат тие да работат на регионално ниво, но како да не го разработиле системот во своите глави, дека тоа може да биде опасен и залуден инструмент, затоа што контролата би ја имале некои други повисоки структури, што не е воопшто систем на субсидијарност (најниската власт, која е способна за тоа – да изврши), туку на централизација, затоа што „Регионите“ (Центри за развој на планските региони) немаат никаква сила и никој не знае заради што воопшто постојат. Џабе државата (или не знам кој) се грижи да им даде пари и работа на овие „Региони“. Тие се избор на општините, што значи: на партиите.

Постојано има некакви анкети во кои инспекторите треба да ги искажат своите мислења, прават стратегии за спречување на корупцијата и судирот на интереси, откриваат дека постојат „силни ризици од корупција“ и анализираат и повторно анализираат каде се ризиците. Народот би рекол „чуди се Ангелејце колку деца имаш“! И што? Дошле до заклучок (ДКСК) дека треба „да се анализираат корупциските ризици во инспекциските служби, да се елиминираат, да се зајакне интегритетот и капацитетите на инспекторите, вклучувајќи ја и обврската да поднесуваат пријава за нивниот имот и судир на интереси“. Колкава залудност на празните тиради, за кои се трошат европски пари.

(Продолжува)

Утре: Урбанизмот и останатиот криминал (6): Нејаснотии околу инспекторите во правните лавиринти

Текстовите се произведени во рамки на проектот на АГТИС, со наслов „Отворени општини, со отворени податоци“, финансиран од НЕД.

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Прочитај повеќе:

Урбанизмот и останатиот криминал (1): Црни пари колку сакаш

Урбанизмот и останатиот криминал (2): Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)

Урбанизмот и останатиот криминал (3): За просторен план 2021-2042 подготовките во 2022 година!
Урбанизмот и останатиот криминал (4): Просторен план и други шеги

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот