Урбанизмот и останатиот криминал (4): Просторен план и други шеги

Просторно планирање/ Фото: Стопанска комора на Република Северна Македонија

Ние на диво градиме како што сакаме и каде сакаме, па потоа озаконуваме. Градиме, иако и приучен архитект и урбанист можат да видат дека народот ќе се исподави на првиот дожд.

Посебна приказна е усогласувањето на различните секторски стратегии со Просторниот план на државата (обврска утврдена со Законот за спроведување на Просторниот план). Но, тука и нема приказна: нема усогласување! Затоа е и направена Националната развојна стратегија, која (сепак) ништо не значи и само купува време.

Изгубеноста во планирањето може да се види и од трчањето по различни методологии во утврдувањето на теренските факти од аспект на одржливост (го нарекуваат „истражувачки процес“), кои се земени од големи европски и светски системи: UNEP8 , Хабитат Агенда, програма на OECD9. Тука се работи за индикаторите за изработка на просторните планови.
Еве, на пример, потребна е процена на степенот на загрозеноста на населението и материјалните добра (ризици од катастрофи) и врз основа на резултатите од ваквата анализа да се утврдат најсоодветни мерки за заштита и ублажување на последиците од евентуалните случувања. Во тогашна Југославија имавме мошне детални и сеопфатни планови, но „заборавивме“ како тоа се прави?! Кому му е во интерес да заборави дека ние научивме после земјотресот од 1963 година „како тоа се прави“? Странците ни велат дека сме биле ретроактивни при планирањето на тие ризици и сме се задржувале на постојните, а не на новите опасности (пандемии и прилагоденост на просторот во однос на истите, ризици од катастрофи и климатски промени, ризици заради урбанизација и сл.), односно, ние сме се задржувале на „опасноста“, а не на „изложеноста и ранливоста на критичната инфраструктура и населението во постојните зони на опасности“. Имаат забелешки и на „недеталноста во идентификувањето и приоретизирањето на мерките и активностите кои ќе овозможат превенција на постојните ризици и закани и ублажување на новите, подобрен одговор, отпорно опоравување…“. Замерки има и околу вклученоста на институциите и граѓаните.

Прво гради на диво, па озаконувај

Тоа може слободно да се нарече „мижи Асан да ти баам“!

Ние на диво градиме како што сакаме и каде сакаме, па потоа озаконуваме. Градиме, иако и приучен архитект и урбанист можат да видат дека народот ќе се исподави на првиот дожд. Така и се случи, нели? Ние имаме „слободна бесправна градба, со политички и институционален „амин“, противпожарни возила стари над 30 години, несервисирани авиони и чамци, мерни инструменти кои со години не функционираат, затоа што годишните редовни сервиси чинат мало богатство, а членарината во стручните тела на ЕУ се прескапи, софтверите бараат постојано одржување и стручни лица, за секоја ситница треба ЕУ лиценцирање и уште стотици други прескапи работи, а тоа се најмалите проблеми. Поголеми се партиските кадри, кои ги водат многубројните „стручни“ институции и единствено што знаат од „занаетот“ е да крадат и местат тендери, или (уште полошо) ниту да пробаат да ја управуваат институцијата, но и законите, кои се неприменливи во наши услови. Па нели и во национални паркови градиме на диво, а додека најдеме кој е надлежен, отиде и паркот и езерото.

Така, кога ќе влезат во Просторниот план и овие ултра искомпликувани европски методологии, неедуцираниот кадар, застарените основни и технички средства, политизираните раководства на институциите од сите видови, а кои се поврзани со секторското и (консеквентно) просторното планирање, ќе настане шоу во кое никој ништо не знае, па останува да глумиш дека работиш на некој просторен план.

Наместо реално планирање – гломазни планови

Просторниот план многу многу не се занимава со намалување на ризиците од катастрофи (НРК). Старите планови од Југославија совршено функционираа и со старите методологии, но сега е потребно да видиш на мониторот од твојот лаптоп дека мерен инструмент покажал дека водата надошла или дека има чад од шумата, па да веруваш дека нешто се случува. Тогаш имавме очи, нос и уши и помалку пожари, поплави и сл. Но, кој ќе го знае? Можеби платената нова технологија, одржувањето и лиценците (сите дојдени од донаторските земји) повеќе вредат од здравиот разум и нашето искуство и знаење дека со дождовите реките надоаѓаат, дека со полициски активизам и казни има помалку пожари, а со партиските кадри на чело на стручни институции, и едното и другото се залудни.

Наместо реално планирање – базирано на нашите состојби, ние говориме за многубројни гломазни планови (на пример, Националната развојна стратегија – НРС е блиска до националниот просторен план) и за „засегнати страни“, кои (ве молам) морало „да се идентификуваат и вклучат во конструктивен дијалог уште во раната фаза на изготвување на документот“. Државата формира агенции, комисии, разни тела „за ова и за она“, но не биле идентификувани!

Исто така говориме за „интердисциплинарност“ и „голем број реномирани експерти од различни области“. „Експертите“ се одбрани и од нашите политиканти, но и од донаторите, кои се тука да спроведат „наш“ проект, но многу да не се намачат. Нивниот прагматизам, кога зад потемкиновата фасада на институцијата не наоѓаат ништо освен куп луѓе, кои се мафтаат ваму – таму, е легендарен. За да не мораат да ги прогласат проектите за неуспешни, тие можат и црното – бело да го направат. На крај ќе напишат дека има напредок, но потребни се подобрувања. Опа, нов проект!

Теорија и пракса

Дерегулацијата, децентрализацијата и деинституционализацијата на функции се законски пропишани, но никој не ги користи како начин на решавање на базичните проблеми.

Како (по теорија) треба урбанистички да се планира. Прво се носи просторниот план на државата, во кој го има (буквално) секој достапен податок за цела територија на државата и тоа од број на автомобили, па до издашност на изворитеза вода, историско менување на теченија на реки, животински видови и нивна застапеност. Буквално, секој податок.

Потоа се носат ГУП – овие и на крајот ДУП – овите. Сите дотогаш донесени урбанистички акти се земаат предвид. ГУП – овите ги даваат намените на зоните (теренот) на градот и населените места, а ДУП – овите решаваат до детали, согласно намените на единиците, ситуација до катастарска парцела, граници до каде може да се гради на тие парцели („градежни линии“). Ако е зоната за мали сервиси, таму нема да дозволат станбена куќа. Ако е за зеленило, тоа мора да остане парк и нема никакви приказни и индивидуални желби. Ако е пропишано 50% од земјиштето да биде за домување, не може да биде 51%.

ГУП – от не е за граѓаните, туку само за урбанистите. Тука тие „сонуваат“ за идентитет на градовите и селата и нивната урбана иднина, за многу години.
Она што граѓаните најмногу знаат е функционирањето на деловите на градот, ама тука за нив нема место. Ако некаде саделе тутун и тука приносот и квалитеот се на светско ниво, тука можеме да оставиме да обработуваат мермер. Каде што е мермерот, таму мора да има само петта категорија земјиште за да можат рудниците да го шират шутот по евтино купените ниви, кои давале рекорден принос на цреши.

Така е во теорија.

Кога градот ќе добие ГУП, тогаш треба да објави конкурс за „архитектонско – урбанистичко решение“. Нив ги прават заинтересираните компании за урбанистичко планирање, во форма на трудови, со потребните нацрти и описи на решавање на секоја зона од ГУП – от, а градот треба да го одбере најдоброто решение. За тоа плаќа во форма на „награди“. После тоа, „градот“ прави тендер наменет за бизнисите и интересентите кои тоа би го спровеле во живот – по планот. Притоа, јавниот интерес е 99% од целата работа и мора да биде заштитен во секој поглед и сите лични и деловни „апетити“ не смеат да го поместат ниту сантиметар. Интересентите треба да си ја најдат економската логика, при пријавувањето на тендерот.

Со криминал заработени пари, со криминал се инвестираат

Оваа теорија никој не ја ферма. Во тоа нефермање води општината, која е водена од многу интереси. Сега, најчесто, прво се почитуваат личните и партиски интереси, но и интересите на постојните бизнисмени, кои „фрлиле око на ова и на она“ и за тоа се спремни да „подмачкаат“. После нив идат странските бизнисмени, па дури и да се наши политичари, кои отвориле странска фирма, и сега украдените пари ги враќаат како странски инвестиции. Сепак, логиката е силна: со криминал заработени пари, со криминал ги инвестираат. Дури и да се работи за вистински странски инвестиции, без македонско потекло, нашите честити „митомани“ ќе им понудат енормно големи заработки, ако дадат и под рака.

Тоа имаше и има високо влијание врз сите видови планирања и до невидени турбуленции на пазарот на работна сила, конкурентноста и „прелевањето“ на способната работна сила, која (срамежливо) беше крвоток на внатрешниот развој во шрафцигер индустријата. Тоа имаше влијание насекаде, а посебно во градежниот сектор и стандардот на најсиромашните (на пример, кириите им скокнаа за 3 – 5 пати).

Иако изгледа дека е далеку од просторното планирање – не е така. Овие феномени силно ќе го обезвреднат секој план, кој овие тенденции не ги планирал, затоа што планирањето не поднесува „сомнителни револуции“. Развојот се случува полека, со добри универзитети, државни испити за секој „факултетлија“ (да, да, оние против кои излегувавме на протести), со искрено воведување стандарди, со воспоставување фер конкурентен пазар, со доволно високи даноци на имот, за богаташите да не се откажат од инвестирање, со мала и стручна администрација и со немешање на државата во бизнисот, кој мора да воведе саморегулација, а не да чека „државен камшик“. За сето тоа требаат планови, а просторниот план сите тие мора да ги земе како основа.

„Шрафцигер индустрија“

Ние веќе видовме кампањи за привлекување странски инвестиции, каде и задникот им го дадовме за да донесат „шрафцигер индустрија“, а ние им направивме зони, патчиња и патишта, им донесовме струја, им дадовме субвенции за секој вработен, им дадовме олеснувања, и даночни и иземање од парафискални давачки, ги „спасивме“ од проблеми со синдикатите, им дадовме „дозволи за загадување“, за непочитување стандарди, и многу друго. Резултатите им послужија на политичарите, а митото уште повеќе, додека државата доби „вработувања“ од кои никој немаше корист и сериозно го наруши пазарот на работна сила и алокацијата на специфични кадри.

Притоа, немавме долна граница во менувањето на ДУП – овите, само ним да им одговараат. Најголемиот дел од нив, кога завршија роковите за давање субвенции и плаќање на придонесите на работниците, само „ја стуткаа опашката“ и си заминаа. Некои, фала Богу, останаа со нивните шрафцигери, но немаат доволно работна сила, затоа што нашиот најдобар вработувач е Хрватска, Црна Гора, Чешка, Холандија и Германија, а во ИТ индустријата цел свет вработува Македонци, на радост на статистиката. Вистинските инвеститори најмногу ги интересира квалификувана работна сила и добри раководители на погони, инжинери и капацитет. Другото за нив е „гола вода“. Но, за овие „наши – странски“ инвеститори, тоа е главниот апетит: Да се подукраде уште малку.

Сето ова и нема да биде важно, затоа што ветерот веќе го однело, но „потрошениот простор“, набиените згради – една до друга и енормно зголемениот сообраќај го снижија стандардот на живеење. Ова ќе го дознаат идните „јас живеам во центарот“ типчиња и типки и тоа на најтешкиот начин.

Поединечните лукративни урбанистички приказни се приказна за себе – секоја со своја судбина, со своја злоупотреба на законите и моќта, секоја со своето оптоварување за идното урбанистичко планирање. Едно е битно, општините и да ги зедоа парите од комуналии од инвеститорите, немаа голема корист од тоа и ги дадоа за вработување багателен партиски кадар, роднини и љубовници. Исто како со урбанизмот: работните места пополнети – работата незавршена. Така, кругот е затворен и „новиот почеток“ оди во круг, повторно и повторно.

(Продолжува)

Утре: Урбанизмот и останатиот криминал (5): „Тепачките“ за инспекторско место се минато

Текстовите се произведени во рамки на проектот на АГТИС, со наслов „Отворени општини, со отворени податоци“, финансиран од НЕД.

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

https://www.slobodenpecat.mk/urbanizmot-i-ostanatiot-kriminal-1-crni-pari-kolku-sakash/

https://www.slobodenpecat.mk/urbanizmot-i-ostanatiot-kriminal-2-ne-mozhat-site-da-bidat-zadovolni-ako-partijata-ne-e/

 

Урбанизмот и останатиот криминал (2): Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот