Калибрирано непријателство

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Меѓу лидерите на Блискиот Исток малкумина се оние што се сеќаваат на изјавата на Хенри Кисинџер: Успехот на нациите не се мери според тоа колку војни ќе добијат, туку според тоа колку биле успешни во нивно спречување.

Тоа беа две екстремно кратки, гласни, но калибрирани операции, кои засега оставаат впечаток дека Иран и Израел ги израмнија сметките меѓу себе.
Од Исламската револуција на Хомеини во 1979 година, кога беше воспоставено археривалство на двајцата поранешни блиски сојузници, дроновите и ракетите за првпат директно нападнаа цели на непријателска територија, но и иранската и израелската операција беа пресметано воздржани. Не ги одредуваа колку оружје е употребено, туку внимателно определување на целите за да се избегне посериозно уништување и загуба на човечки животи. Сè друго е пропаганда за внатрешна употреба.
По израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, кога меѓу седумте убиени членови на Корпусот на гардата на Исламската револуција се најде и генералот и командантот на нивната елитна единица, Техеран поради сопствениот кредибилитет и јавноста беше должен да возврати и „да му одржи лекција на ционистичкиот режим“. Операцијата „Вистинско ветување“ покажа дека Иран повеќе не може да одржи позицијата на „стратешко трпение“.
Тел Авив, исто така, тврди дека им одржал лекција на ајатоласите, кои се осмелиле да ги нападнат нејзините воени бази во пустината Негев. Иако под притисок на Вашингтон и на меѓународната јавност кои побараа воздржаност, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху се почувствува должна да возврати поостро за да покаже дека може да гаѓа цели длабоко во иранската територија.
Се воспостави симетрија на ниво на конфронтација, што досега не постоеше. Што е следно?
Техеран не сака ескалација што би довела до голема војна на Блискиот Исток, но фактот што за првпат директно го нападна Израел, ќе има значителни последици и за Иран и за Оската на отпорот, како што се нарекуваат сојузниците на Иран, од Либан до Ирак,од Сирија до Јемен. Политичкото влијание на Исламската револуционерна гарда во внатрешниот живот на Иран дополнително ќе се зајакне. На целиот простор на „шиитската полумесечина“ моралот на техеранските лојалисти ќе биде зајакнат.
САД се обидува да спречи конфликт од поголеми размери, иако, против нивна волја, Нетанјаху со војната во Газа веќе ги вовлече во регионални тензии. Администрацијата на претседателот Џо Бајден јасно стави до знаење дека нема да се вклучи во директен напад врз Иран.
Најмистериозен останува израелскиот премиер, кој симптоматично молчеше неколку денови пред операцијата на иранските воени објекти во близина на Исфахан, што беше многу невообичаено за човек што со децении не ја криеше својата желба да ги нападне иранските нуклеарни постројки и да ја спречи земјата, која претставува „егзистенцијална закана“ за еврејската држава, со добивањето атомско оружје.
Нетанјаху е единствениот кој и денес е под притисок. Коалициските партнери на неговата влада, најдесна во историјата на Израел, не се задоволни од начинот на кој тој му одговори на Техеран. Тие се разочарани што премиерот не ја искористи можноста посилно да одговори на заканите од иранската нуклеарна програма, балистичките ракети и камиказе дроновите. Министерот за национална безбедност – еден од најекстремните меѓу религиозните ционисти, радикални националисти и ултраортодоксни Евреи во кабинетот – го опиша нападот како „слаб“.
Премиерот е свесен дека го разочара Бајден со тоа што не го прифати неговиот совет директно да не го нападне Иран, но подалеку од тоа тешко дека може да оди: Американците направија значајна работа соборувајќи ги иранските дронови и проектили над Ирак и Јордан и покажаа колку одбраната на Израел зависи од сојузниците.
Од другата страна е притисокот од ултрадесничарите во неговиот кабинет. Начинот на војување во Газа и зголеменото насилство на окупираниот Западен Брег потврдуваат дека премиерот е подготвен да им направи секакви отстапки на екстремната десница – само за да остане на власт. Нетанјаху е заложник на екстремистите и на неговите сопствени амбиции. Зад сè се крие неговата желба со задржување на функцијата да ја избегне одговорноста за сè што му се случи на Израел во времето на нападот на Хамас на 7 октомври, но и со имунитет да се спаси од три судски процеси што би можеле да го пратат во затвор поради корупција.
Многу Израелци се чувствуваат предадено. Премиерот се фали со нападот врз Иран, притоа заборавајќи дека негов прв приоритет треба да биде ослободувањето на стотината заложници што и натаму се во рацете на Хамас, како што налутено му порачуваат демонстрантите во Тел Авив и во Ерусалим. Сè погласно бараат предвремени избори, кои премиерот и неговиот Ликуд би немале шанси да ги добијат.
Конфликтот што имаше сериозен потенцијал, заврши како епизода на повеќедецениското непријателство меѓу Исламската Република и еврејската држава, но директните ирански и израелски напади суштински ги променија правилата за ангажман на двата регионални противници, како што ќе посведочи времето што претстои.
Газата може да биде колатерална штета. Израел успеа да врати дел од изгубената поддршка од Западот и не покажува намера да се откаже од најавената голема офанзива во Рафах, на југот на Појасот, каде што речиси 1,5 милиони палестински бегалци го побараа своето последно засолниште. Сериозните разговори за обнова на уништената палестинска енклава се далечна иднина. Американското вето за полноправното членство на Палестина во ОН го запечати статус-квото.
На либанскиот фронт ситуацијата не е ништо подобра. Интензитетот на неодамнешниот израелски напад на истокот од долината Бека е само илустрација за тоа што го чека Либан, кој Израел го претвори во „банка на цели“, обидувајќи се да ги неутрализира активностите на моќната воена формација Хезболах и да спречи некој нов „либански 7 октомври“. Денес тоа е приоритет, а Израел има целосна поддршка од САД и НАТО да воспостави безбедност на својата северна граница.
Може да се претпостави дека иранско-израелската епизода е завршена, но сите актери сè уште се на сцената, што го прави Блискиот Исток најнестабилниот регион во светот. Малкумина меѓу нив се сеќаваат на изјавата на Хенри Кисинџер: Успехот на нациите не се мери според тоа во колку војни победиле, туку според тоа колку биле успешни да ги спречат“.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот