Гласот на дијаспората на кантар

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Се чини дека политичките партии во Македонија, со извесни исклучоци, континуирано го потценуваат гласот на дијаспората и воопшто не се ни трудат да овозможат подобри претпоставки за помасовен одзив на македонските избирачи што живеат и работат во странство.

Естонија е една од европските земји, која, покажувајќи респект и уважувајќи ги статусот и правата на своите иселеници, на претседателските и на парламентарните избори дозволува електронско гласање во странство, и тоа уште од 2003 година. Нема никакво сомнение дека со тоа значајно се олеснува учеството на избирачите во естонската дијаспора. Естонија е мала земја, споредлива по големина со Македонија.
Во Финска граѓаните што живеат во странство учествуваат на изборите така што им се овозможува гласање преку пошта, во дипломатско-конзуларните претставништва, или, пак, на финските бродови што се наоѓаат во странство. Слична е изборната регулатива во Шведска, со тоа што Швеѓаните во дијаспората имаат право да гласаат во шведските цркви во странство.
Според статистичките податоци, учеството на изборите на шведски избирачи во странство, за кои се проценува дека вкупно ги има околу 700.000, на последните парламентарни избори беше маркантно зголемено – од 33 на приближно 40 отсто. Меѓу шведските партии се зголемува свеста дека значењето на избирачите во странство не може да се потценува, така што сѐ повеќе им се посветува внимание во изборната кампања, како на домашен терен, така и во земјите каде што живеат.
Многу земји прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Логиката е мошне едноставна. Гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето на вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии.
Но, кога е во прашање Македонија, состојбите околу гласањето на дијаспората се поразителни. Проблемот е во тоа што бројката на иселениците што се пријавуваат да го остварат своето право на глас е занемарливо мала, речиси безначајна.
Се чини дека политичките партии во Македонија, со извесни исклучоци, речиси воопшто не го земаат сериозно потенцијалот на гласовите кој би можел да има влијание на изборните резултати. Факт е, всушност, дека континуирано го потценуваат гласот на дијаспората и воопшто не се ни трудат да овозможат подобри претпоставки за помасовен одзив на македонските избирачи кои живеат и работат во странство.
А и како би можело да биде поинаку кога државата воопшто не се ни потруди да создаде барем минимум услови за поголема излезност, освен да се гласа во македонските амбасади и конзулати, кои најчесто се наоѓаат на стотици или илјадници километри оддалеченост од гласачите. Иселеничките организации со години наназад изнесуваат вакви забелешки, надевајќи се дека меѓу македонските политички фактори ќе се најдат и такви кои се подготвени да го слушнат тоа. Но, државните органи не покажуваат ни трошка слух за оваа проблематика и воопшто не се ни трудат на каков било начин да ги олеснат претпоставките и процедурите за поуспешно учество на дијаспората во гласањето. Во исто време, позицијата на самата дијаспора, да се обиде да изврши влијание за воведување на извесни промени на тој план, е целосно инфериорна.
Искуствата од неколку претходни изборни циклуси, како и на актуелниве избори што се во тек, јасно сведочат дека гласањето на македонската дијаспора редовно завршува со слаб одзив, генерално како фијаско. Но, околу таквата оценка веројатно не би се согласиле сите. Посебно, можеби, ако се погледне и низ призмата на групирање и поделеност во етнички табори. Арбен Таравари, на пример, тврди дека никаква промена што се случила во Македонија не била можна без дијаспората. Која дијаспора? Ако станува збор за македонската дијаспора, во општа смисла на категоријата иселени граѓани од Македонија, тогаш би требало да претпоставиме дека и фотографиите што деновиве беа објавени од посетата на Таравари меѓу иселениците во Берлин, прикажуваат импозантен собир на македонски иселеници? Или ќе треба, можеби, да почнеме да користиме термин „македонско-албанска дијаспора“, со задолжителна фуснота (иселеници Албанци по потекло од Северна Македонија)?
Таков импозантен собир меѓу македонската дијаспора, на пример, во Шведска, каде што живеат и работат преку 20-ина илјади иселеници од Македонија, веројатно би било невозможно да се постигне. Но, Таравари можеби требаше да биде поканет меѓу македонските иселеници во Шведска за да покаже за каков претседателски мандат се бореше на изборите? Чиј претседател сака да биде? Или целта му е само да го победи гласачкото тело на ДУИ? Како и да било, ниту Таравари, ниту, пак, кој било друг, нема да може да ја промени вистината дека дијаспората била и останува последно дупче на шупелката.
Гордана Сиљановска Давкова од своја страна тврди дека ќе се бори за граѓански концепт на устав, кој исклучува етнички групирања во прв план. Колку е тоа можно и остварливо во држава во која политичките партии функционираат и ја остваруваат својата програма врз етнички предзнак? Дали настапот на политички лидери од Македонија меѓу избирачите во дијаспората остава впечаток дека се залагаат за хомогена, унитарна и мултикултурна Македонија, а не за национал-романтичарски идеи за форсирање сопствени јазици, култури и економска превласт во една толку мала и осиромашена држава како Македонија?
Значењето на гласот на избирачите во дијаспората треба добро да се одмери на кантар, за да се оцени неговото значење и вистинската тежина. Но, тоа мерење треба да биде барем малку пософистицирано од мерењето на жива јагнешка мера на кванташки пазар. Бидејќи, она што ќе остане како „заклано“, одрано и исчистено, треба да го прикаже вистинскиот квалитет, а не да остави горчлив вкус на превртливи и ситнополитикантски пазарења со преварантски цени на производите, од кои страдаат сите.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот