Мирко – немирко

Марин Гавриловски

Нè напушти мојот другар од детството Мирко Попов. Си замина без поздрав, без збогум, тивко и ненаметливо без намера да го ремети секојдневието на градот што го сакаше. Но неговото заминување, како впрочем и неговото импозантно музичко творештво, никого не остави рамнодушен.

Нашето другарување започна уште во раното детство. Во основното училиште „Браќа Рибар“ бевме неразделни. Јас висок, дебеличок, смеѓ, како оние пластични топки со сладолед на кои се сеќаваат само оние чијашто година на раѓање се разликуваше од нашата за неколку цифри (подолу или погоре), а тој мал, слаб, црн, како изгорено шкорче. Сигурно изгледавме многу смешно кога еден покрај друг се враќавме од училиште. Како минијатури на Станлио и Олио од Зелено пазарче. Потоа дојдоа младешките години, заедничките излегувања „во маало“, домашните забави, првите излегувања во кафулињата (откако девојчињата од нашата генерација си „фатија“ една или две години постари момчиња, кои од порано излегуваа по кафулиња, така и ние тргнавме по нив, прашувајќи се кои „финти“ тие ги употребија и ни ги „ќарија“ другарките, а ние не ги знаевме, засекогаш излегувајќи од сигурната закрила на детството во неизвесноста на малиот град и големиот свет, секој во потрага по сопствената среќа).
Потоа животните патишта ни се раздвоија, тој ѝ се посвети на музиката, јас на правото, и ретко се среќававме иако живеевме релативно блиску. Јас ги следев на социјалните мрежи информациите за неговите настапи и творештво, тој ги следеше моите колумни. Од време на време си стававме по некој коментар, потсетувајќи се еден со друг дека делиме исти или слични мислења по многу прашања, свесни дека стануваме вид што пополека изумира, носејќи ги во нас вредностите на едно друго време, туѓи за новите генерации.

Оваа моја констатација ја демантираа големиот број млади луѓе уметници, музичари што со солзи во очите дојдоа на неговото последно патешествие, да го поздрават Мирко, кој како нивен постар колега им помогнал и тие да го најдат својот музички израз, да го снимат првото цеде, да го имаат првиот настап. Некои нови „клинци“ дојдоа да го испратат Мирко, а во нивните насолзени очи се гледаше огромното чувство на благодарност и болка.
Импозантна е бројката на песните, настапите, концертите, фестивалите во чие создавање и организација учествувал Мирко Попов. За повеќе од 300 дела создадени од Мирко е збогатено македонското културно музичко наследство.

Во време кога, сакале ние тоа или не, ја следиме валканата политичка кампања за претстојните избори, никој од оние што преку митинзите и снимените политички пропагандни пораки ја бараат довербата од оние малку слободоумно мислечки преостанати граѓани на оваа несреќна земја, може да се пофали дека направил нешто барем приближно за својата држава како што тоа тивко, ненаметливо, талентирано и остроумно го направи Мирко Попов преку своите повеќе од 300 дела напишани на македонски јазик.
И тука се поставува прашањето за вредносните критериуми на едно општество. Кој вреди повеќе, оној што создал нешто за општеството и државата развивајќи ја нејзината култура и создавајќи нови талентирани генерации млади автори што токму тука во Скопје и во Македонија одлучиле да ја бараат својата иднина, препознавајќи во Мирко некој што им влеал надеж дека тука може и нормално да се живее, без да се мисли дали треба животот да се продолжи на некое друго место или, пак, оние што повеќе од 30 години го узурпираат јавниот простор, сеејќи магла само и единствено со цел да приграбат колку што е можно повеќе за себе, не мислејќи за општеството, државата, иднината и младите (да нема забуна, овде мислам за 99 отсто од политичарите што продефилираа низ македонската политичка бара и кои се главната причина младите луѓе да ни се иселуваат од државата)?
Иако мирен и сталожен Мирко секогаш беше бунтовник, борец, Дон Кихот, Калимеро кој ја бара правдата, вредносна категорија всадена во неговото созревање од страна на неговите родители. Во една пригода кога понесен од неверојатното злосторство што го потресе градот и државава, на социјалните мрежи повикав на своевидна пресметка со сторителите надвор од системот, Мирко ме прекори посочувајќи ми дека сепак правдата треба да се бара во институциите, а не надвор од нив. Јас, кој веќе подолго време ја имам изгубено довербата во функционирањето на системот, се чудев како тој може да бара до крај да се сочува цивилизираноста и довербата во правниот систем.

Е, мој Мирко, да имаше ова општество повеќе луѓе како тебе и тие луѓе да беа доволно ценети и вреднувани, можеби некогаш ќе стигневме до степен на модерно, цивилизирано, културно општество.
Лајка, Артур, Виолета, Дарко, Синиша, ПМГ и сите други што живеевте и другарувавте со него, бидете горди и среќни што во еден дел од вашите животи се појави личност како вашиот татко, пријател, партнер, другар, колега, соборец. Ја имавте ретката привилегија да се изградувате како личности покрај него, но и тој да се збогати со влијанието и инспирацијата која му ја дававте. Споменот за таа животна интеракција нека ви влева сила да продолжите понатаму.
А јас само можам да предложам, овој град што толку го сакаше и ова општество што доволно не го вреднуваше, да му се оддолжат на Мирко со тоа што дансинг-салата во Младинскиот културен центар, која ги помни безбројните негови настапи и свирки, да го добие неговото име. Тоа ќе биде само едно мало признание за едно големо дело и сеќавање на човекот, мојот другар Мирко Попов, кој прерано нè напушти и замина да ја подобрува клупската сцена таму некаде горе на небото.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот