Трпение, спасение

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Политиката што ја имаше поддршката на ЕУ и на САД за промена на Уставот и членство во Унијата до 2030 година доживеа катастрофален пораз. Ако се повтори истото и на парламентарните избори по две недели, македонската држава врти нова страница во односите со сојузниците.

Ни „се случи народ“, вели триумфално приврзаник на опозицијата во синоќешната дебата по повод првиот круг претседателски избори. Тој израз за првпат го слушнав на почетокот од деведесеттите кога Слободан Милошевиќ јаваше на бранот на национализмот и повредената српска гордост и чест. Кај нас вчера на одлично организирани демократски избори од власта, убедливо победи опозицискиот кандидат.
Политиката што ја имаше поддршката на ЕУ и на САД за промена на Уставот и членство во Унијата до 2030-та доживеа катастрофален пораз. Ако се повтори истото и на парламентарните избори по две недели, македонската држава врти нова страница во односите со сојузниците. Каква ќе биде реакцијата на Вашингтон и на Брисел е нешто што само тие го знаат. Конечно, затоа зборуваме за „надворешна“ политика.
На нас е да го продолжиме внатрешниот дијалог во потрага по најдобри политики за нашата држава.

Така, доаѓам до сознанието дека во светлината на огромната победа станува опасно да се игра на картата на одбивање на албанските партии да учествуваат во идната влада на Мицкоски.
Несомнено е дека Америка ја има таа моќ и тоа влијание да ги построи албанските партии, но гневот на Македонците за сите неправди и „неправди“ направени во последниве три децении е толку голем што секое попречување да се формира влада може да доведе до сериозна меѓуетничка криза.
Сите оние што не гледаат како на предавство на нужните компромиси што како држава и народ ги правевме од независноста до денес, треба да стават прст на чело. На Македонија не ѝ треба украинско сценарио туку мирна транзиција кон членство во ЕУ. Гневот мора да се извентилира така што на, речиси извесно, новиот претседател и новата владина екипа ќе ѝ се даде можност да покаже што знае.

Како истражувач и активен учесник во меѓународната политика знам дека за една мала држава просторот за успеси на меѓународен план е многу тесен. Како истражувач на современите политички системи, пак, умот ми е на мислата на Роберт Дал, кој вели: Погледнете го вашиот политички систем и знајте дека во вашиот животен век тој битно нема да се промени. Но, народот не чита книги туку, во борбата за сопствен и опстанок на своето семејство, учи од искуство. Од едни избори до други, преку обиди и грешки.
Да создадеме атмосфера на мир и спокојство во која идната екипа на власт во најава, ќе покаже што знае и умее. Смената ќе предизвика пауза на патот кон ЕУ, но во наредните пет години народот да може да се увери колку е тешко да си мала држава во меѓународната политика и колку е тешко во домашната политика да се ослободиме од нашиот ориентален менталитет кој не познава партиски граници. Така, сите ветувања на идната власт во најава, за драматични промени во меѓународната и во домашната политика, ќе се сведат на правата мерка. И народот ќе знае.

Либертас.мк

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот