Управата е подготвена да издава изводи на родени, венчани и умрени со впишана етничка припадност

матично управа за водење матични книги (4)
Слободен печат. / Драган Митрески

Етничката припадност на граѓаните ќе биде впишана во секој новоиздаден извод од матичните книги на родените, венчаните и на умрените, со цел да се спречи злоупотреба при вработувањата во јавната администрација, најави деновиве министерот за правда Кренар Лога. Денеска на сајтот на Министерството за правда се очекува да биде објавено новото упатство според кое отсега ќе се издаваат изводите од матичните книги. Од Управата за водење на матични книги велат дека веднаш штом новото упатство ќе биде објавено во Службен весник, тие ќе почнат да ги применуваат.

– Во упатството се наведени сите детаљи како ќе се издаваат изводите од матичните книги отсега па натаму. Нема да има фискални имликации од новото упатство, нема дополнителни трошоци за нас – изјави кусо директорот на Управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани за „Слободен печат“.

Министерот Лога претходно најави дека со оваа измена ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ.

– За секоја можна злоупотреба на етничката припадност може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување. И странките во постапката при вработувањето можат да поднесат претставка, но и тужба за злоупотреба, во случај институцијата да избегне службени документи – најави Лога.

Партиите на Албанците повеќе од две години бараат да се направи некаква промена во системот со цел да се спречат злоупотребите кога граѓаните со изјава си бираат од која етничка заедница се за да се вработат на место во јавната администрација на кое според балансерот треба да се пополни со припадник на определена етничка заедница, за да се постигне правичната етничка застапеност во институциите. Така низ годините медиумите повеќе пати пишуваа дека Македонци се декларираат како Албанци, Турци, Роми, Срби итн, за да „влезат“ на работното место, како и други комбинации на „бирање на припадност“ според потребата на конкурсот. Такви примери имаше во низа институции, во Државната комисија за спречување на корупцијата, а последен забележан случај беше пред неколку недели во Општина Куманово, каде при вработувањето повеќе лица се изјасниле како Албанци, затоа што на конкурсот се барале лица од албанска националност.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу тогаш оцени дека оваа злоупотреба не е честа.

– Можеби имате име на некој кој се прогласил како Албанец, а е од друга националност или обратно, но сакам да верувам дека вакви злоупотреби се помалку од 0,5 отсто од вработувањата во администрацијата. Но, независно од личното име, чувството е нешто друго. На крајот на денот, некој може да каже името ми е вака, но се чувствувам вака. Ние немаме право ниту со закон ниту со Устав да го занемариме тоа – рече министерот Алиу.

Тој тогаш уште додаде и дека злоупотребите се на индивидуално, а не на институционално ниво, а секој граѓанин има право според Уставот да се чувствува секој ден различно.

Спооред законот за водење на матична евиденција во матичната книга на родените се запишуваат податоци за раѓањето на детето, односно име и презиме, пол на детето, како и денот и часот кога е родено, но не и неговата националност. За родителите се запишуваат повеќе податоци, како име и презиме, ден, месец, година и место на раѓање, националност, државјанство, живеалиште и адреса на станот. Се запишува и признавање на татковство, утврдување на татковство или мајчинство, посвојување, старателство итн.

Според досегашното упатство, во изводот од матичната книга на родените не се запишува етничката припадност ниту на лицето на кое се однесува изводот, ниту на родителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот