Уникатна манифестација – фестивал на колбасот: Месото вкусно, луѓето – интересни!
Традиционалната гастрономска туристичка манифестација Срем Клоб Коб фест се одржува во Шид, сремскиот дел во Србија секоја последна недела од октомври секоја година. Оваа манифестација првпат е одржана во 1996 година.
Препорачано
Срем Клоб Коб фест е манифестација која промовира и негува мултиетничност, мултикултура, соживот и толеранција. Таа е од меѓународен карактер и во неа учествуваат Србија, Црна Гора, Македонија, Романија, Унгарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Словачка.
Во целодневната програма на манифестацијата има натпревар во брза обработка на месо и правење свежи сремски колбаси, како и натпревар во брзо јадење. Целата манифестација ја зачинува концерт на тамбурашкиот состав „Ла Банда“ од Нови Сад.

Меѓу натпреварувачите и изложувачите на годинашната манифестација немаше тим од Македонија, но затоа ја најдовме нашата сограѓанка Драгица од Македонски Брод, која е мажена во Срем. Во разговор со неа таа ни откри некои од тајните кои таа и нејзиниот сопруг ги користат за правење на некои од нивните производи.
– Од кулен со буковец и бибер, чаен колбас со слива и ореви, до печеница, сланина, шваргла, крвавица, како и за други производи, најважно е месото, а секако и зачините што се користат – вели Драгица.
Покрај месните производи кои можевме да ги пробаме не само од Срем, туку и од Унгарија, Романија, Хрватска, на штандовите кои ги имаше во голем број, можеше да се пробаат и млечни производи, мармелади, џемови, слатка, колачи и милиброд, од кои најмногу преовладуваа оние направени со афион. На вкусовите им немаше крај и мислевме дека нема да пробаме нешто поубаво, но на секој следен штанд се нуди нешто друго, и тоа е исто толку убаво, ако не и поубаво.

Она што ни остави најголем впечаток беше група од седум млади момчиња од Турија, гратче во близина на Нови Сад. Најстариот меѓу нив имаше 23 години. Тие правеа колбаси и плескавици со кои требаше да учествуваат во натпреварувачкиот дел на манифестацијата. Весела дружина расположена за разговор и дружење. Додека тие си работеа, а верувајте беше многу интересно да се гледа таа нивна комуникација паралелно со работата, ние трпеливо чекавме да го видиме, а и да го вкусиме крајниот резултат (хихиии), ти ни раскажаа за нивните почетоци во оваа нивна пасија, а ни раскажаа и за крајот од кој потекнуваат.
– Иако две населени места во тој регион се разделени само неколку километри, колбасите што ги правиме ние и оние што ги прават во две различни села се разликуваат. Пред се, поради зачините, нормално нема да ви откриеме кои се, начинот на подготовка, како и љубовта вложена при подготовката – вели Стефан, едно од момчињата од оваа дружина.
– Повелете дојдете на крајот на февруари кај нас во Турија. И ние имаме ваква манифестација, само што кај нас има многу, многу повеќе посетители. Оваа година имаше повеќе од 250.000. Нашата манифестација е со поголема традиција и почна да се одржува уште во 1985 година – додава едно од другите момчиња.

Низ разговорот со нив откривме дека тие влегле во Гинисовата книга на рекорди во правење на најдолгиот колбас – 2.040 метри, а неговата изработка траела речиси 24 часа.
И, како што беше најавено, ги пробавме плескавиците што ги подготвуваа. Вкусот беше незаборавен (додека го пишувам ова ми се навраќаат и мирисот и вкусот и би сакала повторно да сум таму). Браво, момчиња!
За впечатоците, вкусовите и за сите оние луѓе со коишто разговаравме и кои со широки насмевки и срдечност одговорија на сите наши прашања (a се чекаше ред за да се комуницира со нив) , може уште многу да се пишува. Но наједноставно е да појдете да го доживеете сето ова, сите овие мириси и вкусови. Се надевам дека ќе го сторите тоа, а ние веќе ја кроиме рутата и плановите за следната дестинација – Турија.


