Унија на ЗМСТАС: Позитивен исчекор за медицинските сестри со високо образование, но приоритет ни се тие со средно

Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС”  денеска во соопштение наведува дека по низа преговори успеала делумно да го оствари барањето на медицинските сестри на кои не им беше признаено високото образование.

– Имено, по неколку средби со синдикатот и денешниот состанок со министерот за здравство донесена е одлука со која сите медицински сестри со завршено високо образование, заклучно до 30 јуни 2021 година, веќе од септември ќе добијат покачување и нивниот месечен надоместок ќе се вреднува според завршеното образование. Унијата го смета решението од денешниот состанок за позитивен исчекор, но не и трајно решавање на проблематиките кои може да се појават при имплементирањето на оваа одлука, стои во соопштението.

Во овој момент, потенцираат, приоритет ни се медицинските сестри со средно образование за што имаме интензивни преговори со синдикатот.

Од извршниот одбор на Унијата посочуваат дека зголемување на коефициентите мора да имаат и медицинските сестри со над 15 години искуство, кои, потенцираат, и во овој момент се всушност најголемите ментори и носители на работата во институциите.

– Што се однесува до постигнатиот делумен успех во однос на сестрите со високото образование, Унијата не застанува тука, важно ни е дали оваа одлука ќе биде решена со нов анекс или како дополнување на договорот од 2015-та година. Ние го сметаме ова за позитивен исчекор, но мораме да ги видиме резултатите и да почекаме оваа одлука да добие правна издржаност. Во секој случај веќе од наредната недела ги најавуваме новите состаноци, бидејќи сметаме дека треба да постои континуирано следење и признавање на образованието, односно постоење на систем со што истите ќе добијат и соодветни решенија и коефициенти према кои ќе им се вреднува и дополнителниот труд како ноќните смени и дежурствата. За жал како и во минатото апелираме дека овие проблеми се јавуваат поради недостатокот на Закон за сестринството, изјави сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата.

Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче по денешниот состанок, од септември годинава сите медицински сестри и техничари коишто завршиле високо медицинско школо или специјализација и се стекнале со такво образование од 180 односно 240 кредити ќе добијат соодветен надомест за своето образование

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот