Унгарскиот заем помина низ првиот собраниски филтер: Опозицијата не дојде, Стојаноски рече дека тоа е шизофрено однесување

Не сакаат да гласаат за законот, а и општини каде што градоначалници се од опозицијата аплицираат за пари што треба да се обезбедат од кредитот од Унгарија, рече Бојан Стојаноски

И покрај тоа што претседавачот на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска од редовите на СДСМ не сакаше да закаже седница на која ќе се расправа за законот со кој ќе се овозможи задолжување во Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност, собранискиот спикер Африм Гаши го оствари своето право по Деловникот, ја закажа седницата, а за претседавач го назначи Бојан Стојаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата.

Стојаноски од собраниската говорница рече дека ова е доказ дека претседателот на СДСМ само „растурал пердуви“ и дека опозицијата нема контрааргументи за овој заем со кој ќе се обезбедат пари за стопанството и за општините.

– Лагите ги стигнаа само 24 часа по прес-конференцијата. Секој можеше во свои аргументи да дојде и да каже што има на седница. Тука можевме да дебатираме и по 24 часа. Но место тоа, овде во салава ги има само пратениците од ВМРО, ВЛЕМ и од ЗНАМ, а има нула пратеници од СДСМ, Левица, ДУИ. Зошто нема ниту еден амандман ако законов не чини? Филипче ќе зборува дека во договоров за заем имало корупција. Тој што е познат по тендерите за вакцини, што е одговорен за пожар во кој 14 луѓе изгореа – налутено кажа Стојаноски.

Тој рече дека иако зборовите „шизофрено однесување“ се многу тешки, не може да најде други зборови.

– Не можам да најдам други зборови за оние што не сакаат да дојдат за гласање на закон со кој ќе се задолжиме и ќе се отвори фискален простор за поголеми пензии, но со трчање дојдоа да го гласаат законот за зголемување на пензиите. Исто така, и општините што се до ВМРО-ДПМНЕ сакаат пари за развој, но не сакаат да гласаат за закон со кој ќе се обезбедат тие пари. Утрово прашав колку апликации имаме. Стигнати се од 78 општини, за 353 апликативни проекти. Има и од Струмица, Валандово, Пробиштип, Крива Паланка, Крушево – рече Стојаноски.

Заменик- министерот за финансии Николче Јанкуловски го презентираше Предлог-законот. Тој уште еднаш повтори дека станува збор за заем од 500 милиони евра, што ќе се повлече во една транша. Рокот за отплата е 15 години со вклучен грејс-период од 3 години. Каматата е фиксна 3,25 проценти, а провизијата за правни услуги е 70.000 евра.

– Оваа провизија е и 10 пати пониска од претходно што се плаќало. На пример, за еврообврзницата во 2023 година провизијата беше 900.000 евра, а во 2021 година беше 1,2 милиони евра – рече Јанкуловски.

Собраниската комисија за финансирање и буџет е првиот филтер каде што поминува законот што се носи по скратена постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот