Унгарска фирма е најповолен понудувач за набавка на 150 електрични автобуси, две фирми поднеле жалба
Доколку „Икарус“ биде избрана и склучи договор со Министерството за транспорт, таа ќе има обврска да произведе и да испорача 30 автобуси во рок од 6 месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци, а 60 автобуси во рок од 18 месеци.
Министерството за транспорт и врски неодамна донесе одлука и ја избра фирмата „Electrobus Europe Ltd“ на унгарската компанија „Икарус“ како најповолен понудувач на објавениот тендер за набавка на 150 електрични автобуси, од кои 100 ќе бидат наменети за Скопје, додека пак останатите 50 ќе се распределат во останатите градови низ Македонија.
Препорачано
ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината
Кратко откако Министерството ја избра понудата на унгарската компанија како најповолна, од „Икарус“ преку официјално соопштение се пофалија дека се на добар пат да ја склучат јавната набавка со македонската влада, која, како што велат, ќе биде најголемата испорака на автобуси во историјата на компанијата.
-Министерството за транспорт на Северна Македонија ги објави резултатите од тендерот за набавка на електрични автобуси, распишан во февруари оваа година, на кој компанијата Electrobus Europe Ltd., членка на Икарус Груп, се покажа како најдобар понудувач и е на пат да го добие договорот за испорака на 150 градски автобуси со целосно електричен погон и 75 станици за полнење. Во рамките на набавката, 100 автобуси ќе го зајакнат јавниот превоз во Скопје, додека преостанатите 50 возила ќе бидат испорачани во други градови низ Северна Македонија, што ја прави оваа набавка една од најзначајните набавки на електрични автобуси во регионот оваа година. Ова е досега најуспешната јавна набавка на електрични автобуси на Икарус според бројот на возила- се вели во соопшението на компанијата.
Во февруари беше објавен вториот тендер за набавка на нови автобуси, на кои наместо 120 како во претходниот, се предвидува да се купат 150 електрични автобуси и 75 полначи.
Сепак, откако Министерството на 30 април ја одбра „Икарус“ како најповолен понудувач, две фирми поднеле жалби кои во моментов се разгледуваат од страна на државната Комисија за жалби по јавни набавки.

Во жалбениот период, на 6 мај се обжалила кинеската компанија „Xiamen Golden Dragon Bus“, додека пак на 8 мај жалба поднела фирмата „АКТРУС ВЕНТУРЕС ДООЕЛ“. Доколку Комисијата ги прогласи овие жалби за неосновани, следниот чекор ќе биде склучување на договор со унгарската компанија.
Доколку „Икарус“ биде избрана и склучи договор со Министерството за транспорт, таа ќе има обврска да произведе и да испорача 30 автобуси во рок од 6 месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци, а 60 автобуси во рок од 18 месеци. Тоа значи дека ако тендерските процедури завршат успешно, првите нови автобуси во Скопје би можеле да се очекуваат до крајот на годината.


