Уметнички крик со прогресивен израз носи новиот Фестивал за современа уметност „Танц Бункер 01“

Фестивалот „Танц Бункер 01“ се одржува на 2 и 3 декември во Скопје

Под слоганот „Поп мај корн“ (Pop My Corn), на 2 и 3 декември, во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје ќе се реализира првото издание на Фестивалот за современа уметност „Танц Бункер 01“.

Фестивалот е во организација на новиот колектив „Танц Бункер“, основан од кореографите Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Ивана Балабанова. Поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, од Национална галерија „Мала станица“ и неколку локални партнери, фестивалот предвидува реализација на разновидна програма што сплотува повеќе уметници од современото творештво.

„Танц Бункер“ е резултат на иницијативата на тројцата истакнати уметници Данчевска, Битровски и Балабанова, кои препознавајќи ги недостатоците на сцената, иницираат нови форми на израз преку предвидените активности. Овие тројца кореографи и танчари, низ годините бележат значително голем обем на реализирани дела, дел од нив преку независната продукција, а дел преку работата на Скопје танцовиот театар и Културно-уметничкиот центар „Битрикс“.

Како млади, но истакнати кореографи на национално и интернационално тло, полека градејќи го својот идентитет на сцената Данчевска, Балабанова и Битровски се ангажираат околу создавањето на оваа нова приказна, мотивирани од идејата да ја истакнат современата уметност на повисоко ниво, а проактивно делувајќи кон локална и интернационална соработка и прогресивен израз.

– Со идеја за сплотување на современата уметничка сцена и креирање нови модели на соработка, „Танц Бункер 01“ со слоган „Поп мај корн“ е протест, крик, мозаик на индивидуални изрази и нов пристап кон ко-креација на повеќе уметници, како и зачеток на нови соработки промовирајќи сплотеност, здруженост и креативна акција. „Танц Бункер“ е и обид за еманципирање на локалната публика кон нови современи движења и нејзино отворање кон нови пристапи во пласман на современи дела – објасни Ивана Балабанова.

Програмата на овогодишниот фестивал опфаќа пред-забава во локалното кафуле „Котур“, отворање на фестивалот на 2 декември во мултимедијалниот центар „Мала станица“ и танцови работилници кои ќе се одржат во Националната опера и балет на 3 декември.

Истражувајќи на тема „Тело во движење“ повеќе локални уметници создадоа свои дела, па така на 2 декември на фестивалот ќе се претстават: „Врело тело“ (Boiling Bodies) на уметниците Елена Чемерска и Ивана Мирческа – хибридна уметничка инсталација којашто ги истражува состојбите на телесен умор преку видео, звук и скулптурални објекти, потоа „Сè ќе биде добро“ – избрани дела на Ивана Мојсовска, како и трите кореографски дела: „Солзите на кловнот“ на Адријана Данчевска, „Баронот“ на Дејан Битровски и „Моја крв, мои политики“ на Ивана Балабанова.

Во соработка со Ивана Мојсовска, Адријана Данчевска ќе претстави и свои кратки филмови каде како раководители на камера се појавуваат Тео Ангеловски и Борис Ралев. Покрај Балабанова и Битровски, во перформансите учествуваат и танчарите Стефани Шааршмидт, Анастасија Данчевска, Викторија Коцева и Нина Петрушевска, а музиката е на композиторите Алесандро Ола и Александар Гроздановски – Херцел. Фестивалската вечер ќе се заокружи со диџеј-сет на Александар Гроздановски – Херцел.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот