Украинците ќе играат фудбал и покрај војната, до стадионите ќе има засолништа во случај на воен напад

Фудбалерите на Шахтјор Доњецк одиграа пријателски натпревар со Фенербахче во Истанбул/фото: EPA-EFE/SEDAT SUNA

Сезоната во украинската Премиер лига ќе започне на 23 август без навивачи, а покрај стадионите ќе има засолништа во случај на воен напад, објави украинскиот министер за спорт Вадим Гутсаит.

Министерот објави дека стартот на новата сезона наменски е одреден да биде на 23 август бидејќи тогаш се слави Денот на националното знаме на Украина.

– Многу е важно да продолжиме да играме фудбал, како и други национални првенства, во Украина. Продолжуваме да се натпреваруваме и навиваме. Продолжуваме да се бориме и да победуваме. Украинскиот спорт ќе ја заслужи победата на сите фронтови и не може да се спречи неговиот напредок – рече Гутсаит.

Првенството ќе се игра под строги безбедносни правила. Иако имаше најави дека тоа ќе се игра во друга земја, сепак сите натпревари ќе се играат во Украина, но без публика, а во близина на стадионите ќе има засолништа.

– Во близина на стадионите ќе има засолништа во случај на воздушна закана, опремени по сите стандарди. Значи, доколку има воздушна закана, натпреварите ќе бидат прекинати, а сите ќе можат брзо и безбедно да се засолнат – додаде Гутсаит.

Во Украина не е одигран ниту еден натпревар откако Русија на 24 февруари ја нападна земјата. Последните натпревари се одиграа во декември, по што клубовите заминаа на тримесечна зимска пауза. Лидер на табелата беше Шахтјор Доњецк со 47 бода, а два помалку имаше Динамо Киев.

По руската воена инвазија, првенството беше прекинато, а никој не беше прогласен за шампион. Сепак, Шахтјор ќе игра во групната фаза од Лигата на шампионите следната сезона, а Динамо Киев ќе се сретне со Фенербахче во второто коло од квалификациите за пласман во ЛШ. Шахтјор домашните натпревари ќе ги игра во Варшава, а Динамо во Лоѓ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот