УЈП утврди дека ЈСП му должи на „Слобода превоз“ еден милион евра, тврдат превозниците

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Протестот на приватните превозници поради парите кои им ги должи ЈСП „Скопје“ со кои комплетно го блокираа градот, прекинапред две недели, како гест на добра волја дека се подготвени за дијалог, откако премиерот Димитар Ковачевски им вети дека ќе ги прими на разговор под услов да ги тргнат блокадите.

Досега до таа средба не дојде, а според најавите можно е да се случи следната недела. Во меѓувреме во „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ влегоа финансиски инспекции, а контрола изврши и Управата за јавни приходи, особено по обвинувањата на градоначалничката Данела Арсовска за криминал. Градоначалничката исто така негираше и дека ЈСП „Скопје“ има каков било  долг кон приватните автобуски превозници.

Но, од „Слобода превоз“ известија дека долгот постои и дека тоа го потврдила контролата на УЈП. Имено, како што велат, до нив е доставен записникот од УЈП во кој не се утврдени никакви неправилности и констатации кои водат кон промена на основата за оданочување. При контрола на сметководствената евиденција на претпријатието утврден е вистинскиот долг на ЈСП кон „Слобода Превоз’, кој заклучно со 28.11.2022 г. изнесува 61.821.504 денари.

 Заврши контролата на УЈП во „Слобода превоз“ и видено од записникот не се констатирани никакви неправилности, криминали , полнење приватни џебови и сл. Но, констатирано е дека ЈСП си има долг кон „Слобода превоз“ од над еден милион евра – информира првиот човек на превозниците, Ленин Јовановски.

Тој во својата објава на Фејсбук вели дека му е жал за сите што поверувале во лагите и дека за жал „оваа екскурзија на маќеата граѓаните ќе ја платат, а не она од соствен џеб.

Арсовска пак, откако започна протестот на приватните превозници, ги раскина договорите со нив и објави два јавни огласи. Со едниот бара превозници на линиите 20 и 22, а со другиот на линиите 9, 11 и 12. Огласите траат до средината на јануари, што значи дека до крајот на јануари би требало да се знае чии автобуси ќе возат на овие линии.

Во моментов по скопските улици возат само автобусите на ЈСП „Скопје“ кои се обидуваат да ги „покријат“ сите линии каде порано возеа „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, според граѓаните многу неуспешно. Скопјани се жалат дека предолго чекаат автобуси, дека не се почитува возниот ред, а дека во возилата во периодите кога граѓаните одат или се враќаат од работа и од училиште се преполни. Можеби ситуацијата ќе се нормализира кога ќе се склучат нови договори со приватни превозници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот