УЈП сега бара и студенти да платат данок за приходи од „Ворк енд травел“ во Германија

Студенти кои биле на студентска работа во Германија преку програмата „Ворк енд травел“ деновиве добиваат известувања од Управата за јавни приходи дека треба да платат данок, објави „Студентарија“, а пренесе ТВ „Телма“.

Според информациите, студентите добиле известувања од УЈП да поднесат електронска даночна пријава (Е-ПДД) и да ги пријават своите приходи од остварената сума која веќе им е оданочена во Германија, а притоа и да платат данок за поврат на задржаниот данок кој го добиле од Германија, а бил трансфериран на македонска девизна сметка.

Студентите велат дека известувањата од УЈП им пристигнуваат по пошта и по електронски пат, а засега најчесто ги добиваат оние кои по завршување на работата во Германија извршиле поврат на задржаниот данок на македонска девизна сметка. Тие објаснуваат дека во Германија работодавците автоматски задржуваат данок од платата, по што работниците имаат право на поврат на дел или на целиот износ по завршување на ангажманот. Според она што дел од нив го споделиле, а што произлегува од нивната комуникација со УЈП, покрај пријавување на приходот, се бара и плаќање данок од околу 10% на вратениот износ, а во некои случаи и дополнително оданочување на целата заработка остварена во Германија.

Фото: Студентарија / Инстаграм

Македонија и Германија имаат склучено Договор за избегнување на двојно оданочување, но во случајов дилемата е околу третманот на повратот на данок од Германија, кој УЈП го евидентира како прилив, иако станува збор за враќање на претходно задржани средства.

Од „Студентарија“ наведуваат дека засега не е целосно јасно по кој основ се испраќаат овие барања, ниту зошто се применуваат различни толкувања во различни подрачни единици на УЈП. Поради тоа, тие испратиле прашања до институцијата со цел појаснување на постапката. Според досегашните информации, вакви известувања добиле исклучиво студентите кои повратот на данок од Германија го примиле на сметка во Македонија.

Рокот за поднесување на даночни пријави е 31 март (утре). Во меѓувреме, студентите реагираат со недоумица и револт, посочувајќи дека немаат јасни насоки и дека добиваат различни информации од надлежните институции, што дополнително ја усложнува ситуацијата. Претходно УЈП соопшти дека ќе ги даночи странските исплати од 2020 година.

„Празна ви е касата, затоа даночите”: Печалбарите од Куманово бараат УЈП по службен пат да си ги обезбеди потврдите за платен данок од Ирак и Авганистан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот