УЈП: Речиси 500 милиони денари назад кај граѓаните од поврат на ДДВ за јули, август и септември и од „Викенд без ДДВ“

Речиси 500 милиони денари овој месец ќе легнат на сметки на граѓани по основ на поврат на ДДВ, врз основа на скенирање сметки преку „МојДДВ“ во текот на третото тримесечје и за време на мерката „Викенд без ДДВ“ што се реализираше на 10, на 11 и на 12 октомври, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки. Повратот на ДДВ за третото тримесечје изнесува 430 милиони денари, додека од „Викендот без ДДВ“ нешто над 63 милиони денари

– Управата за јавни приходи, во текот на ноември, ќе спроведе исплата за финансиски средства по основ на враќање на дел од данокот за додадена вредност за месеците јули, август и септември 2020 година, согласно Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Оттаму додаваат дека во месеците јули, август и септември оваа година е остварен промет од 29,8 милијарди денари од кои 7,8 милијарди отпаѓаат на македонски производи.

– Кај граѓаните за третото тримесечје ќе бидат вратени околу 430 милиони денари, како дел од ДДВ што го оствариле по основ на скенирани фискални сметки во јули, во август и во септември 2020 година, велат од УЈП.

Во текот на овој месец се очекува исплата и на повратот на ДДВ од остварениот промет за време на „Викенд без ДДВ“. За ова се чека донесување на ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура и за кој се расправа на пленарна седница. Расправата почна во четвртокот и, согласно Деловникот, може да трае најмалку три дена, а најмногу пет дена.

– Мерката „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет на антикризни мерки што, пак се условени од усвојување на ребалансот на Буџетот во Собранието. Штом ребалансот биде усвоен, ќе се создаде законска можност за спроведување на мерките, вклучително и оваа мерка, и ќе се исплатат средствата. Сите граѓани кои оствариле право на враќање на целосниот износ на данокот на додадена вредност за време на ,,Викенд без ДДВ, ќе им се исплатат финансиските средства  на нивната трансакциска сметки, истакнуваат од УЈП

„Викенд без ДДВ“ се реализираше на 10, на 11 и на 12 октомври. Според податоците на УЈП во овие три дена вкупно 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата „МојДДВ“.

За време на „Викенд без ДДВ“ бил остварен промет од 558.176.715 милиони денари со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66.853.929 милиони денари.

Во „Викенд без ДДВ“ биле скенирани трипати повеќе фискални сметки и бил остварен 9,5 пати поголем промет од македонски прозиводи во однос на истиот викенд од минатата година.

„Викенд без ДДВ“ беше првата од четвриот пакет на антикризни мерки кои се во вредност од 470 милиони евра и чија реализација чека на усвојување на ребалансот на буџетот, а целта е да се придонесе за намалување на ефектите од ковид-кризата и да се поддржат граѓаните и стопанството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот