Угостителите да ги прилагодат објектите или ќе рушиме, вели новиот кочански градоначалник Крстевски
В.Д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, им даде рок од 30 дена на угостителите да ги прилагодат летните тераси со законските прописи. Во спротивно, ќе следи присилно рушење на нелегалните објекти, што ќе доведе до дополнителни трошоци за сопствениците, вели тој.
Препорачано
„На состанокот со сопствениците на угостителските објекти беше соопштено дека во најкус можен рок ќе се објави тендерска постапка за фирма која ќе ги отстрани нелегално изградените објекти. Крстевски нагласи дека на угостителите ќе им биде даден рок од 30 дена за да ги отстранат или прилагодат објектите според соодветните одобренија. Во случај да не го направат тоа, ќе следи насилно рушење. Исто така, угостителите на состанокот посочија дека со години работат по оваа практика бидејќи им било дозволено тоа, а редовно ги подмируваат сите давачки кон државата и локалната самоуправа“, велат од Општина Кочани.
Целта на отстранувањето на несоодветните објекти е да се олесни пристапот на службите, како што се протипожарната служба, амбулантата и полицијата, по трагедијата која се случи на 16 март, кога во импровизираната дискотека „Пулс“ загинаа 62-ца млади луѓе.


