Училиштето „Гоце Делчев“ ќе добие уште шест училници и можност за настава во една смена
Основното училиште „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче ќе се прошири со шест нови училници, за чија изградба денеска беше поставен камен темелник.
Препорачано
Изградбата ќе чини околу 73 милиони денари, средства обезбедени преку Министерството за образование, рокот на реализација е 9 месеци, а со проектот, училиштето ќе добие ново источно крило од околу 600 метри квадратни на приземје и кат, со 6 нови училници и 2 канцеларии. Предвидено е и целосно партерно уредување – нови пешачки патеки, плато за игра со урбана опрема и проширување на паркинг-просторот.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, нагласи дека со доградбата на училиштето се создаваат подобри услови за сите ученици, но и можност за едносменска настава. Тој најави дека започнуваат и проект за замена на системот за греење и внатрешната инсталација, со што, како што рече, ќе се обезбеди поеколошка и поекономична средина за учениците.
Започнуваме уште еден дополнителен проект – комплетна замена на системот за греење во ОУ „Гоце Делчев“, детската градинка „Лавче“ и спортската сала која е придружен објект на училиштето. Нафтата како примарен систем за загревање ќе биде заменета со нови топлински пумпи кои се многу поеколошки и значително ги намалуваат трошоците за електрична енергија во зимскиот период – рече Митески.
На започнувањето со изградбата присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, како и министерката за образование Весна Јаневска.


