Училиштето „Блаже Конески“ останува без двор, на детското игралиште ќе никне градинка

Фото: Фејсбук

Во дворот на основното училиште „Блаже Конески“ во скопската населба Мичурин ќе никне и детска градинка, откако таму пред неколку години беше изграден угостителски објект. Родителите реагираат дека со изградбата на градинката целосно ќе се затвори дворот на училиштето, и децата ќе немаат простор за играње.

– Ова е единствено игралиште во дворот, откако на другото беше изградена кафеана пред неколку години. Ќе остане училиштето без игралиште, а децата без простор за играње – вели мајка чие дете учи во ова училиште.

Деновиве во училиштето доаѓаат и багери. Како што неофицијално дознаваме, Советот на училиштето подготвува петиција до општината со која ќе бара да се промени одлуката.

Од општина Аеродром пак објаснуваат дека ќе се градат две градинки, бидејќи нема каде да се прифатат малите деца.

– Според ДУП за градска четврт И11, претходното раководство на посочената локација има впишано маркичка В2 за здравство и социјална заштита – детска градинка. Општина Аеродром има план да изгради две нови детски градинки во овој дел на општината, затоа што е зголемена потребата на жителите од вакви објекти. Кога ќе се почне со изградбата на градинката, ќе се изгради ново спортско и детско игралиште во дворот на ОУ „Блаже Конески“. Училиштето располага со голем училишен двор, каде што има место да се изгради и нова детска градинка – објаснуваат од општината.

Родителите на децата кои одат во ова училиште, преку социјалната мрежа Фејсбук се организираат за протест.

„На 9 ноември, сабота, во 12 часот, ќе се одржи мирен протест на родителите и учениците од ООУ „Блаже Конески“, општина Аеродром, Скопје, со цел да им порачаме на одговорните лица дека нема да дозволиме изградба на градинка во дворот на училиштето.

Според најавите, општина Аеродром планира да гради градинка на местото на сегашното игралиште кое е дел од училиштето, место што се користи и за настава по физичка култура на отворено во топлите денови, но и воопшто за игра на учениците и за време на одморите, но и надвор од училишните активности.

Механизација веќе е присутна во училиштето, а притоа теренот никако не е oбезбеден, па градежните машини буквално минуваат меѓу растрчани деца.

Бараме сите активности за изградба да престанат – ВЕДНАШ.
Бараме да се стопира секаков план за изградба на друг објект во рамките на училиштето затоа што:

– не сакаме децата да ни учат и растат на градилиште и да дишат прашината

– не дозволуваме да им го земете просторот за игра!

Бараме градоначалникот Златко Марин и сите вклучени во проектот да донесат одлука базирана врз аргументи и во интерес на жителите на општината, пред сè, на децата.

На општина Аеродром, која е пренаселена во изминатите години, откако се изградија нови згради на секој слободен простор, секако ѝ се потребни нови градинки, но не на штета на други деца. Според претходните планови, градинка требаше да се гради на просторот на старото игралиште „Југ“, кое во моментов е руина и див паркинг. Зошто овој план е стопиран?

Зошто не се прошират и надградат постоечките објекти на градинки во близина на игралиштето што сакаат да го уништат – Калинка, Изворче, Бубамара…?

Зошто не се обидете да најдете пристојна локација и урбанистички оправдано решение?
Училишниот двор на ООУ „Блаже Конески“ веќе е делумно уништен со тоа што под концесија е даден дел од дворот, простор на кој денес се наоѓаат кафана, кафуле и игротека. На ниедно од овие не им е место во училишен двор“, стои во објавата на Фејсбук.

Целосно нова детска градинка ќе се гради и на улицата „Пандил Шишков“  број 14 во населбата Стар Аеродром, каде што сега се наоѓа постоечката детска градинка „Црвенкапа“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот