Убиен чувар пред Американскиот конзулат во Џеда, во престрелката загинал и напаѓачот
Во напад пред Американскиот конзулат во саудискиот град Џеда во средата, убиен е припадник на обезбедувањето, по националност Непалец, а загинал и вооружениот напаѓач, во престрелка со другите чувари, соопштија властите.
Препорачано
Вооружениот маж излегол од автомобил пред зградата на конзулатот и го застрелал чуварот, по што започнала престрелка во која и напаѓачот бил смртно погоден, изјави портпаролот на полицијата, според медиумите.
„Едно лице во автомобил застанало во близина на зградата на американскиот конзулат во Џеда и излегло носејќи огнено оружје во раката, по што обезбедувањето презело иницијатива да се справи со него, а во размената на оган, напаѓачот бил застрелан и убиен на местото“, рече портпаролот на полицијата во регионот Мека.
Американскиот конзулат во крајбрежниот град Џеда на Црвеното Море беше цел на напади во минатото, вклучително и на 4 јули 2016 година, кога бомбаш-самоубиец се разнесе за време на прославата на американскиот Ден на независноста, потсетува француски „Фигаро“. Улиците кои водеа кон конзулатот во населбата Набед беа затворени повеќе од една година, пред дипломатското претставништво да биде преместено во помалку густо населената област Ал-Мухамедија.
Друг напад имало и во декември 2004 година, при што загинале пет луѓе. Денешниот инцидент се случи на Курбан Бајрам, во време кога Саудиска Арабија е домаќин на главниот муслимански аџилак, кој годинава донесе повеќе од 1,8 милиони верници во Мека, град на околу 70 километри од Џеда.
Истрагата за мотивот на денешниот напад е во тек.


