Убиецот на доставувач во Хрватска пред повеќе од 30 години со нож убил девојка
Убиството на 19-годишниот доставувач Лука М. во хрватскиот град Дрниш отвори сериозни прашања за постапувањето на институциите, откако беше откриено дека осомничениот Кристијан Алексиќ веќе бил обвинет за незаконско поседување и изработка на оружје, пишува „Индекс“.
Препорачано
Алексиќ, кој е уапсен по убиството, им бил познат на полицијата и правосудството. Според хрватските медиуми, тој уште во 1994 година, со 17 убоди со нож, убил 22-годишна девојка, а во претходни постапки се споменувале и негови психички проблеми.
Последниот случај се случил во саботата вечер, кога младиот доставувач дошол до куќата на осомничениот за да му ја предаде нарачката. Според досегашните информации, Алексиќ испукал повеќе куршуми кон него, по што побегнал. Полицијата ги затворила влезовите и излезите од градот, а граѓаните биле повикани да останат во домовите.
Прашањето што сега се поставува е зошто Алексиќ бил на слобода, иако уште во 2023 година полицијата кај него пронашла рачно изработено огнено оружје и муниција. По тој случај, обвинителството во Шибеник подигнало обвинение и побарало безусловна затворска казна.
Обвинението било потврдено во ноември 2023 година, но главната расправа никогаш не била закажана. Од судот објасниле дека предметот не бил означен како итен, бидејќи обвинетиот не бил во притвор, ниту обвинителството побарало мерки на претпазливост или истражен затвор.
Судот навел дека постапките се решаваат според редоследот на пристигнување, а приоритет имаат предмети во кои обвинетите се во притвор, случаи со малолетници, насилство, воени злосторства, сексуални деликти, тероризам и други итни категории.
Адвокатот Љубо Павасовиќ Висковиќ оцени дека трагедијата тешко можела да се спречи, бидејќи правниот систем нема механизам со кој лице што ја издржало казната и формално не ги исполнува условите за притвор или психијатриско лекување може трајно да биде задржано.
„Ќе бидам брутален — во Хрватска имаме најмалку десет илјади лица со профил како Алексиќ. Нема систем што може да го издржи тоа за да спречи вакви трагедии“, изјави тој.
Во системот бил пронајден и стар прекршочен предмет против Алексиќ од 2020 година за семејно насилство, но поради истек на рокот настапила рехабилитација, па формално се водел како прекршочно неосудуван.
Од судот тврдат дека, освен овие постапки, од 2010 година наваму против него не се воделе други кривични или прекршочни предмети пред Општинскиот суд во Шибеник.
Случајот предизвика силни реакции во Хрватска, бидејќи осомничениот за новото убиство претходно веќе имал историја на насилство, обвинение за оружје и незакажано судење кое останало да чека во судскиот систем.
Драма во Хрватска: Доставувач на храна наместо бакшиш, добил куршум и починал


