Убедлив пораз на кошаркарите од Шпанија на стартот од квалификациите за СП, блесок на Теодор Симиќ

Теодор Симиќ меѓу повиканите за новите мундијалски квалификациски мечеви/ фото: fiba.basketball

Кошаркарската репрезентација на Македонија со пораз од актуелниот шампион Шпанија ги започна квалификациите за пласман на Светското првенство кое ќе се игра 2023 година.

Ослабени за неиграњето на повредените Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Стојан Ѓуровски, болниот Љубомир Младеновски како и Андреј Јакимовски кој игра во НЦАА лигата во САД, „црвено-жолтите“ загубија со 65:94, но репрезентацијата доби нов кошаркар кој треба да биде носителот на играта во наредните 10-15 години, Теодор Симиќ.

Младиот центар се најде во првата постава и максимално ја искористи довербата на селекторот Драган Бајиќ, за 16 минути поминати на паркетот во СЦ „Јане Сандански“ постигна 18 поени.

Актуелниот светски шампион иако не настапи со најсилниот тим, во целост го оправда епитетот на фаворит во дуелот со Македонија и по воведните минути кои им припаднаа на „црвено-жолтите“ брзо ги презедоа работите во свои раце и првата четвртина ја добија со 14:21. На стартот од вторите десет минути со поените на Сима дојдоа и до двоцифрена предност (14:24) која рутински ја одржуваа до полувремето (30:41).

На стартот од третата четвртина, „црвената фурија“ веднаш направи серија од 0:7, а во 25 минута дојде и до предност од 20 поени (34:54) по што беа решени сите дилеми околу победникот.
До крајот на натпреварот Шпанците рутински ја одржуваа предноста за конечен триумф од 65:94.
Покрај одличниот Симиќ, добра партија прикажа и Џејкоб Вајли со 10 поени како и Робер кој постигна девет поени, додека на спротивната страна, Сима со 17 и Лопез Аростеги со 15 поени беа најдобри.
Во второто коло кое се игра на 29 ноември, Македонија ќе и гостува на Украина која претходно загуби од Грузија со 83:88.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот