У16: Македонските фудбалери поразени од Турција на УЕФА развојниот турнир во Струмица
Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 16 години го забележа и вториот пораз на развојниот турнир што се одржа во Струмица, а е под покровителство на УЕФА. Овој пат избраниците на селекторот Иљами Исејни се совладани од Турција со 4:0.
Препорачано
Гостите поведоа во 11 минута откако по лошата интервенција Митко Стојанов и слабата реакција на голманот Иљан Мемети, топката заврши во нашиот гол. Шест минути подоцна идван Харман зголеми на 2:0, а во 29 минута истиот играч беше стрелец на погодокот за предност од 3:0.
Во завршницата од првиот дел Македонија имаше можност да го постигне првиот гол, но ударот на Дардан Адеми заврши покрај дирекот.
Во продолжението од натпреварот за само 60 секунди не реализиравме две можности за погодок. Во 57 минута Стефан Ристиќ тргна сам кон голот на Турција, но откако не успеа да го лобува противничкиот голман, потоа гостинските дефанзивци го спречија во обидот да се запише во листата на стрелци. Во следниот напад Велески од работ на шеснаесетникот упати извонреден удар, но турскиот чувар на мрежата одлично реагираше и не дозволи топката да заврши во мрежата.
По двете нереализирани шанси следуваше нов гол на спротивната страна. Во 67 минута Берат Кадир Јавуз го постигна четвртиот гол за Турција. До крајот на натпреварот Македонија имаше уште можност да го постигне почесниот и единствен погодок на турнирот, но ударот на Ристиќ заврши крај голот.
Во вториот натпревар од последното коло на развојниот турнир во Струмица, Узбекистан славеше над Северна Ирска со 3:2.
Македонија У16: 1. Иљан Мемети (12. Димитар Петров 46), 4. Матеј Бочески (3. Михајло Петров 46), 5. Матеја Масев, 6. Митко Стојанов (10. Павел Стојанов 46), 7. Александар Полимац (Арди Бајрами 46), 8. Дардан Адеми (23. Благоја Седлоски 65), 9. Стефан Ристиќ, 15. Илија Аксентиев (2. Филип Ѓорѓиоски 78), 18. Адријан Велески (14. Марко Стојчевски 78), 19. Џихан Ибраими (17. Огнен Сивевски 46), 21. Далибор Марковиќ (20. Осман Исмаили 46)


