ТВ дуел меѓу Пенс и Харис: Кандидатите за потпретседател на САД попарламентарни и посмирени од Трамп и Бајден
Републиканецот Мајк Пенс и кандидатот за американски потпретседател од Демократската партија Камала Харис со смирен тон разговараа на ТВ дебатата на која начнаа многу теми – од справување со пандемијата на ковид-19 и здравствената заштита до економијата и надворешната политика. Пенс и Харис, за разлика од Трамп и Бајден, во дуелот покажаа парламентарност и се воздржуваа од довикувања, постојани прекинувања и упаѓање во збор и „значително поцивилизирано“ дебатираа, оценува „Асошиејтед Прес“.
Препорачано
Кандидатите за потпретседател на САД по изборите на 3 ноември главно беа срдечни и целосно се воздржуваа од меѓусебни обраќања и реплицирање. Но, модераторот Сузан Пејџ од „Ју-Ес-Еј Тудеј“ честопати мораше да го предупредува Пенс оти го пробива предвиденото време за збор. За намалување на можноста од трансмисија на ковид-19, двајцата за време на дебатата беа оддалечени четири метри и одделени со плексиглас на барање на Харис.
Телевизискиот деул се отвори со прашање за начинот на кој администрацијата на Трамп одговара на пандемијата, која Пенс ја бранеше, а Харис остро ја критикуваше.
– Американскиот народ е сведок на најголемиот неуспех на која било претседателска администрација во историјата на нашата земја. Искрено, оваа администрација го загуби правото да биде реизбрана поради односот кон пандемијата, рече Харис, некогашна јавна обвинителка, која ги осуди и убиствата на Бреон Тејлор во Кентаки и на Џорџ Флојд во Минесота.
Од почетокот на пандемијата во ковид-19, во САД досега починаа 211.000 животи, а заразени се повеќе од 7,5 милиони луѓе. Коронавирусот, исто така, предизвика и нагло зголемување на невработеноста поради затворање на деловни активности и рестриктивните мерки во насока на борба за спречување на ширење на инфекцијата.
– Американскиот народ сакам да знае дека претседателот Доналд Трамп од првиот ден го стави здравјето на Америка на прво место, рече тој.
Пенс, меѓу другото, наведе дека има доверба во правосудниот систем и ги отфрли тврдењата дека припадниците на безбедносните сили имаат предрасуди кон малцинствата.
– Сите вие кои секој ден ја облекувате полициската униформа, сакам да знаете дека јас и претседател Трамп сме со вас. Не мора да бираме меѓу поддршка на полициските сили и поддршка на нашите афроамерикански соседи“, додаде поранешниот гувернер на Индијана и радио водител и актуелен потпретседател на САД.
Трамп, кој по дебатата објави „победа на Пенс“ на Твитер, сè уште се опоравува од инфекцијата со коронавирус, која се прошири и на многу од неговите блиски соработници, сопругата Меланија и други владини претставници.


