Македонско-грчка граница, ГП „Евозни“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Туристичката комора бара од Грција летово да ги пушта Македонците без биометриска проверка на границата

Туристичко-угостителската комора на Македонија утринава испратила допис до грчкото Министерство за туризам, во кој побарала македонските туристи за време на летниот период да бидат изземени од биометриската контрола при влез во земјата која е задолжителна по воведувањето на новиот европски ЕЕС (систем за влез/излез).

– Денеска стапивме во контакт со грчката министерка за туризам и побаравме македонските туристи да бидат изземени од овој систем во периодот од 1 јуни до 1 септември. Се надеваме дека министерката ќе го земе предвид нашето барање и дека деновиве ќе добиеме позитивен одговор – изјави за „Слободен печат“ претседателот на Туристичката комора, Аркан Керим.

Грчката влада донесе одлука граѓаните на Велика Британија да не мора да се подложуваат на биометриска контрола при влегување во земјата. Причината за таквата постапка лежи во стравот од огромни гужви на границите и аеродромите. Имајќи предвид дека 4,89 милиони британски туристи ја посетиле Грција во 2025 година, целта на оваа мерка е да се намали времето на чекање за најбројните гости да влезат во земјата.

Изземање од биометрикста контрола на грчките граници најавуваат и во Србија. Директорот на Националното здружение на туристички агенции Александар Сеничиќ, во изјава за српски Курир најавува дека овој вид на проверка ќе биде укинат за српските туристи во шпицот на туристичката сезона.

– Се надевам дека во текот на летната сезона системот за ЕЕС нема да се применува ниту кај нашите туристи. Не верувам дека Грците ќе донесат каква било официјална одлука за суспендирање на ЕЕС за граѓаните на Србија, но верувам дека ќе ја искористат препораката на Европската комисија, која овласти секоја земја членка да го суспендира ЕЕС во одреден момент. Сигурен сум дека во целата сезона во јули и август, Грците ќе постапуваат во согласност со тие препораки и дека ќе ги проверуваат само пасошите на нашите туристи, како и досега – вели Сеничиќ.

Воведувањето на новиот систем за влез и излез ЕЕС познат како Entry/Exit System, претставува значаен чекор во модернизацијата на граничните контроли на Европската Унија, и тој започна со целосна примена на сите надворешни граници пред две недели.

Во пракса, тоа значи дека сите државјани од земји што не се членки на ЕУ вклучувајќи ја и Македонија, при секое влегување или излегување од Шенген-зоната, ќе бидат автоматски евидентирани во централизираниот систем.

Наместо досегашните печати во пасошите, граничните служби сега регистрираат дигитални податоци како датум и место на премин, времетраење на престојот, како и биометриски информации – отпечатоци од прсти и фотографија. Со ова, класичната практика на удирање печати заминува во историјата, а целата контрола се префрла во електронска форма, што треба да овозможи поголема прецизност и ефикасност.

Но, новиот систем донесе и големи гужви и повеќечасовни чекања на границите и на аеродромите.

Како што пишуваше „Гардијан“, патниците на аеродромите во земји како Франција, Германија, Белгија, Италија, Шпанија и Грција чекале со часови на граничните проверки, соопшти Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ).

Нови правила за влез во ЕУ: ЕЕС системот од денес стапува во целосна примена во Шенген-зоната

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот