Нови правила за влез во ЕУ: ЕЕС системот од денес стапува во целосна примена во Шенген-зоната
Воведувањето на новиот систем за влез и излез EES познат како Entry/Exit System претставува значаен чекор во модернизацијата на граничните контроли на Европската Унија, со што од денес започнува неговата целосна примена на сите надворешни граници.
Препорачано
Во пракса, тоа значи дека сите државјани од земји што не се членки на ЕУ вклучувајќи ја и Македонија, при секое влегување или излегување од Шенген-зоната, ќе бидат автоматски евидентирани во централизираниот систем.
Наместо досегашните печати во пасошите, граничните служби ќе регистрираат дигитални податоци како датум и место на премин, времетраење на престојот, како и биометриски информации отпечатоци од прсти и фотографија. Со ова, класичната практика на удирање печати постепено заминува во историјата, а целата контрола се префрла во електронска форма, што треба да овозможи поголема прецизност и ефикасност.
Како што досега на повеќе пати беше нагласувано целта на системот е повеќеслојна од зајакнување на безбедноста и подобра контрола на миграцијата, до полесно откривање на патници кои го пречекориле дозволениот престој. Воедно, се очекува и забрзување на граничните процедури, особено по првото регистрирање во системот.
Според Министерството за внатрешни работи, од страна на Граничната полиција на нашата држава преземени се сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел обезбедување брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини.
– Граничната полиција ќе постапува со засилена ангажираност на терен, континуирано ќе ја следи состојбата, ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информира граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот, информираа од МВР.
За граѓаните од земји како Македонија, кои патуваат без визи во Шенген-зоната, промените ќе бидат највидливи при првиот влез, кога ќе се врши собирање на биометриски податоци, што може да значи нешто подолга процедура.
Сепак, при следните патувања, преминувањето на границите би требало да биде побрзо и поедноставно. Истовремено, системот ќе овозможи строго следење на правилото за максимален престој од 90 дена во рамки на 180 дена.
EES е дел од пошироката дигитална трансформација на граничниот систем на ЕУ. Во следната фаза се очекува и имплементација на ETIAS – електронска дозвола за патување, која ќе претставува дополнителен предуслов за влез во Шенген-зоната за граѓаните на земји со безвизен режим.


