Плакат за средба и промоција на книги од полските репортери

Тројца врвни репортери од Полска ќе гостуваат на работилница и промоција во Скопје

На почетокот на ноември во Скопје ќе се одржат неколку настани посветени на книжевната репортажа – жанр кој на уникатен начин ги спојува новинарството, нефикцијата и книжевната уметност. Настаните ќе ги водат тројца истакнати претставници на современата полска репортажна школа: Мариуш Шчигел, Марго Рејмер и Камил Балук.

На 4 ноември, со почеток во 10 часот, во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, ќе се одржи мастер-клас со еден од највлијателните современи полски репортери – Мариуш Шчигел, на тема „Зошто и како пишуваме? За книжевната репортажа во Полска“.

Мариуш Шчигел е автор на бројни книги, меѓу кои „Готленд“, „Создај си рај“, „Нема“ и „Фактите мора да се разиграат“, добитник на Европската награда за литература (2009) и на полската книжевна награда „Нике“ (2019). Тој е основач на Полската школа на репортажа, еден од највлијателните центри за развој на жанрот во Европа. Негови книги преведени на македонски јазик ce „Готленд“ во превод на Лидија Танушевска („Или-или“, 2016) и „Создај си рај“ во превод на Звонко Димоски („Восток“, 2019).

Настанот ќе продолжи со работилница за книжевна репортажа, на која учесниците ќе имаат можност да се запознаат со историјата, методите и техниките на полската репортажа, но ќе научат и како да ги усовршат сопствените книжевни и новинарски вештини. Работилниците ќе ги водат полските автори Марго Рејмер и Камил Балук, на 4 и 5 ноември 2025 година, на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Марго Рејмер и Камил Балук се дел од новата генерација истакнати полски автори и претставници на Полската школа за книжевна репортажа.

Марго Рејмер е писателка и репортерка, добитничка на наградите „Пасош на Политика“ и „Кошќелиски“. Со книгите „Букурешт. Прашина и крв“ и „Калта послатка од медот“ се вбројува меѓу најзначајните современи полски репортери, а нејзините дела се преведени на повеќе јазици. Во 2019 година ја добива титулата Млад амбасадор на полскиот јазик.

Камил Балук е полски писател и репортер, претставник на новата генерација автори на Полската школа за репортажа. Автор е на книгата „Сите деца на Луи“, преведена на неколку јазици. Балук е и предавач на Полската школа за репортажа и член на нејзиниот Управен одбор. Неговите текстови се објавувани во водечките полски медиуми и повеќепати биле номинирани за новинарски и книжевни награди.

Во рамки на програмата, на 4 ноември, во 19 часот, во Бистро „Театар Комедија“, ќе се одржи авторска средба и промоција на книгите: „Калта послатка од медот. Гласовите на комунистичка Албанија“ од Марго Рејмер и „Сите деца на Луи“ од Камил Балук. Двете книги од полски на македонски јазик се во превод на Лидија Танушевска (овогодинешната лауретка на наградата за најдобар превод на книжевно дело „Драги“), а во издание на „Славика либрис“ од Скопје.

Настанот ќе биде посветен на разговор за книжевната репортажа, нејзините граници и улогата на авторот како сведок на реалноста. Со гостите ќе разговараат преведувачката Танушевска и Јасминка Делова-Силјанова.

Настаните се организирани во соработка со Амбасадата на Република Полска во Скопје, Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и ИК „Славика Либрис“, со цел промовирање на современата полска книжевност и културна размена меѓу Полска и Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 305, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот