Тринаесет затвореници од „Идризово“ во самоизолација: Засега никој не развил симптоми на коронавирус

Затворот во Идризово, Фото: МИА

Коронавирусот во затворот го внесе затвореник од Велес кој бил на викенд отсуство.

Тринаесет затвореници од казнено-поправниот дом „Идризово“ се во самоизолација бидејќи биле во затворски оддел каде престојувал и осуденик за кој веќе е потврдено дека е заболен од коронавирус. Други двајца затвореници кои пак имале непосреден контакт со заболениот велешанец, се негативни на вирусот. Tие засега се во добра здравствена состојба и никој од нив немал потреба од болничко или арестанско згрижување.

Драматичната состојба во К.П.Д. „Идризово“ започнала кога велешанец на педесетгодишна возраст, самоиницијативно побарал викенд отсуство. Од страна на затворските власти тоа му било дозволено во период од 24 до 27 јуни. Но, на 30-ти минатиот месец се пожалил на покачена температура поради што веднаш бил изолиран од другите осуденици во затворското крило. Му бил направен тест на коронавирус, кој бил позитивен.

Во извршената епидемиолошка анкета велешанецот навел дека не може да посочи дека се сретнал со некого кој бил позитивен на коронавирус или пак бил во изолација, или кој било сомнителен случај. За средбите кои ги имал додека бил на викенд отсуство во Велес изјавил дека биле кратки, така што не може да каже од кого се заразил. Велешанецот е во посебна просторија во самоизолација.

Затворските служби, како што велат од затворот „Идризово“ веднаш во самоизолација од 14 дена го ставиле целото крило бидејќи сите затвореници се соба до соба и имале меѓусебен контакт. Во изолација е и Сеад Кочан кој е осуден на 4,8 години затвор од страна на Апелациониот суд, а по обвинението кое го застапуваше пропаднатото СЈО за предметот „Труст“.

До денес ниту еден од изолираните затвореници не развил симптоми, а доколку дојде до таква состојба осуденикот веднаш ќе биде препратен во алтернативната опција, односно арестанскиот објект за лекување во склоп на Клиничкиот центар во Скопје.

Затворските власти велат дека од започнување на пандемијата на коронавирусот ги имаат преземено сите неопходни мерки за заштита на персоналот и на осудениците. Сите тие биле запознаени дека треба да ги почитуваат мерките за заштита, да носат заштитна маска, да одржуваат дистанца и да не се групираат.

За 15-ти овој месец се закажани вонредните избори во земјава, а ден пред слободните граѓани, право на глас ќе остварат лицата кои се на издржување на казна затвор во сите казнено-поправни домови, меѓу нив и тие од најголемиот затвор во земјава, КПД „Идризово“. Во овој затвор право на глас имаат 1.050 затвореници. Тие ќе гласаат на 14 јули, под посебни протоколи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот