„Трикафта“ спасува, пациентите со цистична фиброза добија многу брз и драматично добар ефект, велат лекарите

https://www.trikafta.com/ Фото: Принтскрин

Директорката на Клиниката за детски болести професор доктор Стојка Нацева Фуштиќ, за „Слободен печат“ вели дека шестмината пациенти со цистична фиброза кои се задржани на оваа клиника за да го примат лекот „Трикафта“ се навистина расположени, со подобрена здравствена состојба и функција на белодробието и дека лекот кај нив дал исклучителен резултат.

-Им се подобри белодробната функција, расположени се и задоволни. Имаме шест пациенти кои ќе ги задржиме неколку денови повеќе заради третманот на инфекциите бидејќи повеќето од нив се со хронични инфекции. Терапијата Трикафта кај пациентите кои ги имаме на Клиниката даде брз, промптен и драматично добар ефект, вели доктор Фуштиќ за „Слободен печат“.

Меѓу овие пациенти е и претседателот на Здружението за цистична фиброза, Фики Гаспар, кој ни потврди дека ги прима апчињата на Детската клиника, на секои 12 часа.

-Ги примам апчињата и сум под надзор. Навистина има голем напредок, се чувствувам многу подобро. Како Асоцијација за цистична фиброза се надеваме дека ќе поминат измените на законите во Собрание и ќе се направи една долгорочна стратегија за сите да го добијат лекот, да се почне со преговори со производителот, да се опфатат сите пациенти, ни рече Гаспар.

Според него, институциите треба јасно да кажат какви се стандардите кои ги исполниле осумтемина пациенти за да се најдат меѓу првите што го добија овој лек, бидејќи тоа го бараат и другите пациенти, иако главно при одлучувањето е тоа колку е ниска функцијата на белите дробови.

Двајца од осумтемина пациенти терапијата ќе ја примаат на Клиниката за пулмологија. Прва на листата е 41- годишна пациентка која со возило на итната помош веќе е примена на Клиниката, а по нејзиното испишување ќе биде примена и другата пациентка.

– Беше донесена со брза помош уште пред да ја викнеме за терапија. Таа почна да го прима лекот и исфрла многу секрет, бидејќи од лекот се отворија каналите и бронхиите, искашлува. До петок ќе ја испишеме и ќе ја примиме другата пациентка. Ефектот на Трикафта е да се исфрла секрет од дишните канали и ефектот е голем, вели за „Слободен печат“ доктор Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија.

Кај повеќето од пациентите со цистична фиброза остана незадоволството од тоа што не се најдоа меѓу првите осуммина за кои се најдоа пари да ја примат оваа терапија, особено поради тоа што на сите нив им е јасно дека исходот на нивната здравствена состојба е неизвесен. Еден од овие пациенти кој прв на Фејсбук алармираше и водеше кампања да се донесе Трикафта во Македонија, 31-годишниот Игор Пехчевски од Берово не се најде меѓу најкритичните кои веќе ја примаат терапијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот