Три рецепти од Сузана Милиќ: Храна како приказна со целосна композиција

Сузана Милиќ, мајка на Михаела, сопруга на Горан, другарките велат Љубов ѝ е второ име, зашто сè што прави во животот е од љубов и со љубов, така и готви.

Сузана Милиќ е сопственична на „Валијант“ (секс-шоп), бренд кој со години ги руши табуата во нашата земја.

Сузана Милиќ е сопственична на „Валијант“ (секс-шоп), бренд кој со години ги руши табуата во нашата земја. Работела на ТВ-проекти, пишувала колумни, а веќе 20 години е менаџер за продажба. Готвењето за Сузана претставува љубов, топлина, дом, потреба, хоби и релаксација.

– За да зборуваме за убава храна, основно е да биде вкусна и да добиете потврда од оние кои ја консумираат, тоа подразбира вистински избор на зачини кои треба да се избалансираат за да се почувствува она м-м-м. Факт е дека кога принесуваме храна на маса, прво јадеме со очите, затоа подготвената храна треба да наликува на приказна со целосна композиција. Желба да готвам сум имала од малечка и мајка ми ме поттикнуваше и ме подучуваше, особено на традиционалните јадења. Задоволство е кога слушам комплименти, но за таква титула треба сериозна посветеност, вели Сузана, која ја сака нашата традиционална кујна, но сака и да експериментира, а нејзини најголеми фанови и судии се нејзиното семејство.

Макало со грав

Состав: 200 гр варен грав, 20 варени суви пиперки (благи и лути по желба; исчистени и излупени), 100 гр салца (доматно пире), 5 чешниња лук, 50 мл зејтин, зачини по желба (сол, бибер, буковец, магдонос). Основна алатка: толчник. Сите состојки едно по едно ги ставаме во сад, работиме со толчникот, ставаме зачини и на крај врз смесата се става загреаниот зејтин.

Крем десерт со костени

1кг костени се варат (околу 20 мин.), потоа се чистат и се блендираат. Во 150 мл млеко ставив 50 гр путер и 50 гр шеќер да се растопат. Течната смеса се додава во костените и се меша убаво. Во посебен сад се мати 125 мл слатка павлака со една лажица екстракт од ванила и една лажица рум. Двете смеси се спојуваат и пирето е готово. За декорација употребив шлаг со вкус на ванила и ситно сецкано чоколадо. Кремот го ставаме да се лади во фрижидер два часа.

Потаж – вкусна, посна крем чорба

1 главица кромид, 2 чешниња лук, 1 тиквичка и 1 страк праз ги сечкаме ситно и ставаме да се пржат на маслинов зејтин. Потоа додаваме 300 гр сечкани шампињони, 300 гр сечкани моркови, 300 гр брокула, 300 гр сечкани компири, 1,5 л вода и две коцки зеленчукова супа. Смесата се вари околу 20 минути, на крај додаваме зачини – бибер, сол, либански зачин, ѓумбир во прав и магдонос, ставаме во блендер и чорбата е готова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот