Тргнал на пат со расипан автомобил кој се запалил: Драматична приказна на Коки Јанков
Досега непозната приказна од својот живот сподели Никола Јанков – Коки, познатиот виолинист, некогашен член на дуото „Дуле и Коки“.
Препорачано
Анегдотата е поврзана токму со времето кога „Дуле и Коки“ почнувале како дуо.
„Во 1994 година немавме автомобил и газдата кај кого свиревме предложи да купиме кола и, работејќи кај него, да ја отплатиме. Избравме една половна ‘шкода’ што чинеше 1.500 тогашни германски марки. Сакавме да ја пробаме и од Охрид, каде што се случуваше сето тоа, тргнавме за Струга. На половина пат моторот изгасна и во Струга стигнавме автостоп. Таму најдовме механичар и со него тргнавме назад. Ни рече дека ‘шкодата’ ‘зарибала’ и дека ѝ треба ремонт, па дадовме уште 1.500 марки. Но веќе утредента ѝ фалеше нешто друго, па тоа лето буквално свиревме за ‘шкодата’, зашто освен поправките трошеше литар масло на литар бензин. Во Скопје пак се расипа, а парите што ги дадовме за неа достигнаа 5.000 марки, зашто, кога се враќавме од Охрид, згора на сѐ, се запали. На крајот ја продадовме за 300 марки, во старо железо“, гласи приказната на Коки, која на Фејсбук ја сподели новинарката Марија Таушанска, а првично била објавена во „Нова Македонија“.

Инаку, Коки неодамна сподели емотивна приказна за својата мајка од Штип, а за првпат прозборе и за својот брат.
Коки, кој денес е професор по виолина, а се прослави со дуото „Дуле и Коки“, објави семејна фотографија на која се и неговата ќерка Лара, брат му и внуката, по повод роденденот на неговата мајка.
„Брат ми, внука ми, ќерка ми, мајка ми. Мамо, среќен роденден. Те сакаме“, напиша музичарот покрај фотографијата.
Пред неколку години почина таткото на Коки, а тој е особено поврзан со својата мајка.
Коки Јанков неодамна промовираше две нови песни од албумот „Навикни на промени“, насловен по хитот на „Дуле и Коки“. Новите преработки се „Мене место не ме фаќа“ и „Бела ајта“, кои веќе се достапни на сите музички платформи.
Како што претходно најави, виолинистот секој понеделник ќе објавува по две песни од овој двоен албум, кој ќе содржи вкупно 20 нумери. Минатиот понеделник доби позитивни реакции за преработките на „Залудно е да се напијам“ и насловната „Навикни на промени“.
На 14 ноември, тој ќе одржи концерт во Филхармонија, по повод 30 години од хитот „Виолина и гитара“.


